Актуелно

Клучните пивски трендови на македонскиот пазар

02 Jun 2021

Македонскиот пивски пазар се карактеризира со автентичност и долга традиција на консумација, иако не заостанува во поглед на иновациите. Годинава фокусот ќе биде на нови вкусови, безглутенско и безалкохолно пиво, квалитет на понудата...

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

Пандемијата во голема мера ни го смени начинот на живеење и работење, ни донесе многу новости на кои требаше и сè уште треба да се приспособуваме. Едни од промените се предвидувањето и плановите. Кој би рекол дека „еден вирус“ може да ги помати сите планови? Кој би рекол дека може да го смени начинот на размислување за иднината?

Мегатрендовите како регулаторна усогласеност, поддршка на вработените, обезбедување сигурно пазарување за потрошувачите и афирмација на нови канали на продажба, приспособување кон пренасочените преференции на потрошувачите се чувствуваат кај голем број индустрии. Пиварската индустрија сигурно не е исклучок од тие трендови. Имаше многу нарушувања и промени, како и стагнација особено во хорека-секторот, сепак, разумните бизниси се приспособуваат и наоѓаат можност во нарушувањата. За да успеат и во иднина, постојано треба да ги следат светските трендови, секогаш ставајќи ги во фокус потрошувачките навики на конкретниот пазар.

Светски трендови актуелни на македонскиот пазар

Кога станува збор за алкохолните пијалаци, особено за пиварската индустрија, тешко е да се зборува за светски трендови бидејќи, на некој начин, секој пазар има свои карактеристики и преку нив се формираат и трендовите. Тоа што е тренд во една земја не мора да значи дека ќе го има истиот ефект на друго поднебје. Впрочем, тоа го видовме со појавата на сајдерите (ciders). Тие беа апсолутен хит во западните земји, особено во Велика Британија и во САД пред 6-7 години, меѓутоа, иако имаше неколку обиди за нивно етаблирање во нашиот регион, реакцијата на потрошувачите беше просечна.

Американскиот пазар, каде што работам, традиционално бил со најголемо влијание во светски рамки. Ако тргнеме од таа пресумпција, она што може да се очекува како најголем тренд е појавата на селцерите (seltzers), мегахит во САД во последните 4-5 години, изјави за InStore Филип Лунески, директор за стратегии и процеси во „АБ Инбев“ во Њујорк. Одговарајќи на прашањето кои светски трендови се актуелни и што од нив веќе имате воведено во своето портфолио, Лунески додава: Селцерите се најбрзо растечка категорија која веќе „тежи“ неколку милијарди долари. Во нашиот асортиман („АБ Инбев) имаме 5 бренда во оваа категорија, од кои би ги издвоил Bud Light Seltзer, потоа Michelob Ultra Organic Seltzer, кој е единствениот производ од 100% органско потекло, и за крај, нашето последно лансирање на Cacti.

Јанинка Чупаркоска, генерален менаџер на „Кожувчанка“, истакна дека цел свет, секој актуелен бизнис, па и самиот човек во ова време се насочи кон основата и природата. Така е и со пиварската индустрија. Свежите и млади пива се најактуелните и најдобри меѓу понудените како најквалитетни на пазарот. А нашата компанија може да се пофали со два такви бренда - Наше Македонско пиво и Лајфер. Свежото точено Наше Македонско пиво доаѓа директно од нашата визба, преку специјализиран транспорт со цистерни, до крајниот потрошувач, додека Лајфер светлото пиво се вбројува во актуелните свежи и непастеризирани пива, објасни Чупаркоска.

Според Деспина Костадинова, прехранбен инженер, технолог во „Кодинг Горска“ крафт-пиварството е тренд кој нуди производство на помали количества пиво со акцент на квалитетот, уникатниот вкус и аромата. Староградско пиво се произведува во бутик-пиварница, со мали капацитети, што го прави единствено во регионот по начинот на производство. Нашиот асортиман, покрај производство на светло пиво, опфаќа и сезонско производство на црвено Староградско и црно Староградско. Пивата се исклучиво произведени од соларна енергија, која ја добиваме од енергетски ефикасни соларни панели поставени на покривот на нашата фабрика, додаде Костадинова.

За актуелен светски тренд кој е пресликан и на нашиот пазар, Марија Ивановска, бренд-менаџер за пиво во „Пивара Скопје“, ја одвојува потребата за избор на пијалаци кои нудат одличен вкус, а содржат понизок процент или не содржат алкохол. Тоа го објаснува со потрошувачката свесност за здравјето и активниот начин на живеење. Во светски рамки забележуваме голем пораст на категоријата на безалкохолни пива, чиј тренд на раст е шест пати поголем од целокупната пивска категорија. Од таа причина оваа година лансиравме безалкохолно пиво, Хајнекен 0.0, кое е првото пиво на пазарот со навистина 0% алкохол, само 21 калорија во 100 мл и комплетно автентичен и непроменет вкус, објасни Ивановска. И таа се согласува дека консументите се фокусирани на нови искуства и желба за експериментирање: Од таа причина уште повеќе сме фокусирани да понудиме избор надвор од категоријата на светли лагер пива и да понудиме репертоар од ИПЛ (Indian Pale lager), темно пиво, радлер.

Едукација на потрошувачите за развој на категоријата

Пивото не е само пијалак. Тоа е причина за дружба, социјализација, прослава. Затоа, во време на пандемијата, кога имаше целосен карантин, полициски часови и рестрикции во работењето на угостителските објекти, категоријата пиво преживеа силен удар.

Кога предвидувањата за развој на категоријата на македонскиот пазар се во прашање, Чупаркоска потврдува дека моменталната ситуација укажува на тоа дека не треба многу да очекуваме.

Јанинка Чупаркоска, генерален менаџер на „Кожувчанка“

И покрај ситуацијата, работиме! „Кожувчанка“ и во оваа ситуација планира и инвестира. Нашата пиварница наскоро ќе добие и угостителски објект кој е во завршна фаза. Целта е дегустација, афирмација и промоција на пивската култура во Македонија. Овој туристичко-угостителски објект се наоѓа во с. Мрежичко. Со оваа инвестиција развиваме и радлер и темно пиво, кои за почеток ќе можат да се вкусат во новиот објект.

Ивановска, пак, смета дека поучени од минатата година, тешко е да се дадат предвидувања, па дури и со фокус на само една година. Според неа, трендовите за естимација на пазарот кои ги следат укажуваат дека во наредните 5 години категоријата пива и сајдери кај нас ќе расте со сличен просечен тренд како до 2020 година.

 Марија Ивановска, бренд-менаџер за пиво во „Пивара Скопје“

Очекуваме и фокусирани сме порастот да доаѓа од нови производи, проширување на категориите, што за консументите ќе донесе избор, ќе отвори различни можности за консумација, ќе ја подигне пивската култура и консумацијата на пиво по глава на жител.

Костадинова потврдува дека пивото бележи благ пад поради пандемијата. Сепак, според неа, се очекува во блиска иднина консумацијата на пиво, а со тоа и пиварската индустрија во нашиот регион да расте и да се воведуваат сè повеќе нови светски трендови.

Деспина Костадинова, прехранбен инженер, технолог во „Кодинг Горска“

Очекуваме на македонскиот пазар бутик-пиварите да бидат особено популарни и сè повеќе ценети, поради тоа што тие се посветени токму на автентичност на својот производ, а не само на производство на големо. Љубителите на пиво да почнат малку повеќе да ги препознаваат квалитетните производители и секако да консумираат повеќе домашни пива.

Ако зборуваме за пивската категорија, Лунески истакнува дека македонските потрошувачи ценат добро и квалитетно пиво, и тука никогаш немало компромиси. Затоа традиционалните лагери отсекогаш имале најголем успех. Сепак, според него, македонските производители биле доволно смели да испробаат и неконвенционални стилови на пива: темни, пченични и нефилтрирани пива. Иако мал сегмент, тие производи си го најдоа својот пат до правите потрошувачи.

Филип Лунески директор за стратегии и процеси во „АБ Инбев“

Сметам дека треба да се продолжи со трендот на нови бренд-линии, со смел пристап на пазарот, бидејќи пивото како категорија треба да биде уште подостапно за поширокиот пазар. Тоа значи претставување нови амбалажи, нови стилови, нови брендови, меѓутоа, и додатна едукација на потрошувачите бидејќи тука има најголема можност за развој. Во поразвиените земји, како Чешка на пример, точно се знае кој стил на пиво се пие во текот на денот, како и со кој тип храна се комбинира. Ваквите комбинации го прават уживањето во консумацијата уште поголемо!

Кои три трендови ќе бидат клучни за потрошувачите годинава?

Македонскиот пазар, во поглед на потрошувачката на пивото, е некаде на последното место, со околу 30 литри по глава на жител, иако и понатаму продолжува да се карактеризира со автентичност и долга традиција на консумација. Сепак, македонскиот пазар не заостанува во поглед на иновациите во пиварската индустрија. Се очекува годинава фокусот да биде на повеќе трендови, како: нови вкусови, безглутенско и безалкохолно пиво, квалитет на понудата...

За трендовите што ќе бидат клучни за нашиот пазар и покрај предизвиците што ги носи пандемијата, Костадинова смета дека и понатаму клучни ќе бидат вкусот и квалитетот на пивото и состојките, а не цената. Очекуваме тренд да бидат и новите вкусови на пиво, пиво со ароми и додатоци, како и безалкохолни и безглутенски пива. Дополнително, навраќајќи се сè повеќе кон природата, очекуваме пивата произведени во општествено одговорни и еколошки свесни компании и пиварници да добиваат сè поголема вредност кај луѓето.

Чупаркоска истакнува дека пандемското време создаде нови навики кај потрошувачите кои се наметнуваат како трендови, и тоа: пивото во лименка стана најактуелно, поради затворените локали, прошетките и дружбите на отворено, оваа лесно пренослива амбалажа стана најсоодветна при консумирање пиво; безалкохолното пиво зеде голем дел од пивскиот пазар; крафт-пиварниците се веќе со години најактуелни. Тие ги диктираат иновациите и новите вкусови на пазарот, а големите групации не остануваат рамнодушни и постојано нудат новитети за да го задржат пазарниот удел што го имаат.

Тоа што остави трага во минатата година е засилување на веќе постојниот тренд на свесност за активниот начин на живот, но и свесноста за важноста на социјализацијата. Тука гледаме дека пивото ќе продолжи да биде дел од секојдневниот живот на луѓето, смета Ивановска. Таа истакнува дека важен тренд ќе бидат практичноста и електронските канали на продажба, како и квалитетот и понудата на уникатни пива кои ги носат силните домашни и светски пивски брендови.

Лунески истакнува дека не би требало да се зборува за трендови, туку повеќе за „опстанок“ на оваа категорија бидејќи, како и насекаде во светот, така и кај нас, постои вонредна ситуација која навистина сериозно ѝ наштетува на алкохолната индустрија. Според него, главниот фокус треба да биде на превенирање на штетите. Конкретно, солидарноста и соработката меѓу компаниите и угостителскиот сектор да бидат на највисоко ниво, како и партиципацијата на државните институции кои треба да ги помогнат со соодветни мерки. Да продолжиме таму каде што застанавме, со сериозна лекција како да бидеме уште подобри луѓе за нас самите, но и за околината. И за тоа наскоро да наздравиме!



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...