Верица Мартиновска, директор на InStore - Македонија
Годинава беше долга, тешка, мачна. Полна со предизвици, лажни ветувања и сопки. Се уморивме маневрирајќи во малиот, тесен простор кој ни остана по сите затвoрања, изолации и ограничувања. Спремни сме за одмор, за празници и за нов и поубав почеток.
Во 2020 година сепак научивме и многу нови работи. Добивме нови сознанија и за себе и за луѓето што нѐ опкружуваат, за компаниите, за вработените, за процесите. Станавме помудри, поиздржливи, поупорни.
Во оваа чудна година го организиравме 6-тиот FMCG Summit, првпат онлајн. Чекајќи да помине корона-кризата, го дочекавме ноември, па така наместо традиционално во мај, самитот се одржа на крајот од ноември. Но, сепак се одржа. Со одлични говорници, топ-презентации и супер публика. Тоа што првично ни изгледаше како сопка го претворивме во предност. Па така, годинава конечно на самитот зборуваше г-ѓа Кина Демирел од „Мигрос Тиџарет“ – Турција, која уште лани се обидувавме да ја договориме за ланскиот самит. Говорничка оваа година ни беше и прекрасната Надја Жексембаева, со која исто така веќе подолго време преговаравме за гостување на самитот.
Дополнително, годинава самитот имаше 900 unique views! 900 луѓе го проследија самитот во еден ден. Нешто што во нормални услови немаше да се случи. Многу нови компании од FMCG-бизнисот, но и од други сектори чуја за InStore, за „Кликер маркетинг“ и за нашиот FMCG Summit. Научија нешто ново. Ние сме пресреќни од овие бројки и од сите честитки што ни пристигнаа.
Иако годинава, првпат од постоењето на InStore, прескокнавме едно издание (априлското), сепак, тимот на InStore беше на висина на задачата и во најтешките моменти. Навремено и точно известувавме за сите добри и лоши работи, со што верувам дека ја потврдивме нашата трајна определба да носиме квалитет.
И во оваа најтешка година сработивме целосно нов проект - Мапа на трговци, што е апсолутно резултат на нашиот оптимизам и посветеност. Пред неколку дена излезе од печат и третото издание на 100 Must Have, за кое трета година по ред спроведуваме свое истражување на пазарот кое дава дополнителна вредност во добивањето на вистинската слика.
И, сепак, како никогаш досега, со радост ја чекаме Новата година, надевајќи се дека ќе биде многу помила, потопла, полесна. Со среќа нека ни е на сите.
Среќна ни Нова година!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.