Работење

Глобални синџири: Одржливост во секој поглед

23 сеп 2020

Се покажа во не мал број случаи дека најевтината опција на крај била многу поскапа за компанијата

Пишува: Вали Марсзалек, извршна директорка на мрежата „Глобал компакт“ на Хрватска, советничка за одржлив развој и општествено одговорно работење Vali.marszalek@globalcompactcroatia.br

Синџирите за достава се една од најважните алки за постигнување позитивни влијанија во светот, особено ако знаеме дека глобалните синџири за снабдување опфаќаат 80 отсто од вкупната глобална трговија. Набавката на стоки и услуги е клучен елемент од секое работење, а одлуките што ги носи организацијата во процесот на набавки, освен на квалитетот на самиот производ, имаат влијание и врз околината, заедницата и општеството.

Кога говориме за влијанието што компаниите можат да го имаат низ своите синџири за достава, главно прво помислуваме на влијанието на околината. Глобално постојат сè поголема свест и потреба за концептот одржливи набавки, кои подразбираат вклучување на критериуми за одржливост на одлуките за набавки, зависно од еколошкиот отпечаток на стоките и услугите што се набавуваат. Што значи тоа во практика? Традиционално, во набавките се согледуваат условите како што се цена, услови за плаќање, време на испорака, квалитет, локација и достапност, па според тоа, често тенденцијата на многу компании беше да се купи најевтиниот производ без разлика на ризиците и трошоците поврзани со неговото влијание врз околината. Денес, компаниите сè повеќе водат сметка за одржливоста на материјалите во целиот систем на вредности, од самата суровина до конечниот производ, на што главно беа принудени поради лошото искуство, било да доживеале експлозија поради купување опасни хемикалии или морале да поднесат високи трошоци за управување со отпад поради неразградлива амбалажа, или високи сметки за струја поради неефикасна опрема. Се покажа во не мал број случаи дека најевтината опција на крај била многу поскапа за самата компанија, правејќи му штета на брендот и изложувајќи ја компанијата на голем репутациски и финансиски ризик.

Во следните неколку години компаниите што нема да одговорат на барањата за одржливост можат да се соочат со предизвици во работењето на своите синџири за снабдување.

Сè повеќе се користат контролни механизми и се развиваат постапки и политики за тоа како поефикасно да се управува со одржливи набавки. Тука се и т.н. „зелени насоки“ за набавки, односно критериуми за „зелени набавки“ кои се во пораст во многу земји.

Надворешните предизвици со кои се соочува светот сè повеќе бараат иновативни начини на работење, а компаниите што сакаат да растат на регионално и на глобално ниво, време е да го одржат концептот на одржливост како одржливи набавки, и тоа не само за да ги намалат можните негативни влијанија врз околината, туку и за да ги зголемат можностите за пристап до новите пазари, да ги минимизираат деловните ризици и да остварат поголема профитабилност.

Освен влијанието врз средината, компаниите низ своите синџири на снабдување влијаат и врз луѓето. Според Меѓународната организација на трудот, едно од седум работни места во светот е поврзано со глобалните синџири за снабдување. Ако сите тие работници имаат семејства кои зависат од нив, доаѓаме до бројка од околу 2 милијарди луѓе во светот, или повеќе од 25 отсто од глобалната популација, кои се дел од глобалните синџири на снабдување или се поврзани со нив преку своето семејство или заедницата. Тие луѓе сакаат и имаат право да бидат здрави, сигурни и чесно третирани на своето работно место.

Значи, што е достоинствена работа? Таа ги опфаќа правата и стремежите на луѓето во нивниот работен век. Вклучувањето на можностите за продуктивна работа која носи плата барем доволна за живот, сигурност на работното место, социјална заштита на семејството, можност за личен развој и социјална интеграција, овозможува еднакви можности за сите жени и мажи, им дава слобода на луѓето да ги изразат можностите за загриженост и да се организираат за учество во одлуките што влијаат врз нивниот живот. Меѓународната организација на трудот дефинира четири столба за достоинствена работа: создавање работни места, социјална заштита, право на работа и социјален дијалог, кои се составен дел на Агенда 2030 и нејзините 17 цели за одржлив развој.

Залагајќи се за унапредување на условите за работа во своите синџири за достава, компаниите можат значително да го подобрат животот на луѓето. 

Достоинствена работа и почитување на човековите права треба да се обезбеди за сите луѓе секаде, при што посебно внимание треба да им се посвети на ранливите категории, вклучувајќи ги рамноправно во работните процеси бидејќи токму вклученоста и еднаквоста придонесуваат кон успехот на компанијата. Освен позитивното влијание врз добавувачите и нивните семејства, ваквото работење носи и многу предности за самата компанија бидејќи влијае врз тоа како вработените, купувачите, владите, инвеститорите и другите вклучени ги перципираат брендот и фирмата. Создавајќи долготрајни и продуктивни релации со добавувачите, компанијата осигурува отпорност на својот добавувачки синџир и заштита на имиџот. Дополнително, репутацијата „да се прави добро“ е во согласност со вредностите и целите за одржливост на фирмите, и резултира со привлекување и задржување на подобри кандидати за работа, полесно привлекува инвеститори и ги зголемува пазарните и деловните можности, со што ги исполнува очекувањата на акционерите. На крај, одговорна набавка помага за создавање здрави и напредни општества. Долгорочно гледано, компаниите можат да напредуваат само ако општеството напредува, а осигурувањето достоинствена работа ќе ја намали нееднаквоста во општествата, судирите, што за возврат ќе овозможи успешно работење.

Со заедничка работа, купувачите и добавувачите во глобалните синџири на снабдување можат да ги унапредат човековите права и да придонесат кон економски раст. Професионалците во набавките се клучни учесници во овој процес и можат да дејствуваат како моќни агенти за промени, работејќи заедно со своите добавувачи за тие позитивни влијанија да станат стварност. За да ги поддржи експертите во набавки да усвојат одржливи практики, организацијата „Обединети нации Глобал компакт“ објави онлајн-прирачник за достоинствена работа и одржливи набавки, кој нуди практични ресурси за одржливи практики и поттикнува создавање позитивни односи меѓу добавувачите и купувачите, базирани на отвореност, доверба и транспарентност, кои се потребни за да се подобрат работните услови во синџирите на снабдување.

Како посебна иницијатива на „Обединети нации Глобал компакт“ е и поддршка на компаниите во усогласување на операциите и стратегиите со 10 универзални начела за човекови права, работа, животна средина и борба против корупција. Основана во 2.000 година, иницијативата води и поддржува глобална деловна заедница во унапредување на целите и вредностите на Обединетите нации по пат на одговорни корпоративни практики. Со повеќе од 14.000 члена во 157 земји и 68 локални мрежи, станува збор за најголемата светска иницијатива за одржлив развој и корпоративна одржливост.

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Како да се најдат причините за залихите?

28 јун 2020

Програми за лојалност – стратегија, а не награда

28 јун 2020

Филип Лунески: Креативни решенија на клучни позиции

28 јун 2020

Што може да научиме од кризата со коронавирусот?

28 јун 2020

Е-продажба: Како до квалитетна содржина?

28 јун 2020

Гордана Кадоиќ: Лидерство во време на криза

28 јун 2020
Вчитува уште новости...