Автор: Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка“
Ковид-19 дефинитивно го промени светот и изврши драматично влијание врз секојдневните животи и работењето на целата популација на планетата. Овие промени, пак, имаат директен одраз врз тоа како ја купуваме храната што ја консумираме и како функционира снабдувањето со прехранбени производи во смисла на крајните потрошувачи. Во вакви околности, за да се достигне неопходната стабилност и функционалност на системот, целиот синџир на снабдување мораше да се промени и приспособи на новите начини на набавка, т.е. на „новата реалност“. И додека сè уште се движиме низ кризата, најголем дел од нашите размислувања се насочени кон она што нè очекува потоа.
За таа цел, споделувам некои клучни размислувања засновани на заедничка група на претпоставки за тоа како ќе ги водиме нашите животи и како ќе купуваме прехранбени производи во иднина.
Новиот пејзаж според Ротвел Г. и Ригнеј П. изгледа приближно вака: Вирусот и загриженоста околу вирусот ќе останат во фокусот на целата јавност уште некој (неизвесен) период; социјалното дистанцирање ќе има импликации, но најмногу на малите продавници кои веројатно ќе бидат предмет на посебна грижа; интернет-интеракциите ќе имаат трајно влијание врз односот купувач-продавач, создавајќи нови барања; поддршка и преферирање на локалните производители и добавувачи, а преку нив посредно и на националната економија; во услови на намалена и/или селектирана потрошувачка извозот ќе стане примарна доктрина.
Како последица на „новиот пејзаж“, креиран од глобалната здравствена криза, се јавуваат рефлексии кои практично ги цртаат новите контури на глобалната малопродажба, а со тоа и на секторот на трговијата со храна. На среден и на долг рок можат да се очекуваат следните ефекти врз оваа индустрија (Schwab, P.N.), класифицирани во неколку групи:
1: Здравствената безбедност на сите субјекти вклучени во синџирот на снабдување, со посебен акцент на крајните потрошувачи, стана главно стратешко прашање.
2: „Новата реалност“ ќе има силно влијание врз профитабилноста на малопродажбата. Ако потрошувачката е во пораст, би можеле да очекуваме дека глобалната малопродажба ќе биде голем победник во кризата.
3: Забрзано преминување кон електронска трговија (E-tailing). Клиентите целосно се адаптираа и ја прифатија електронската трговија, по цена на многу значајни човечки, електронски и логистички инвестиции.
4: Кризата со коронавирусот, покрај драматичното влијание врз порастот на е-трговијата, дозволи бесконтактното плаќање да се стане нова, масовна навика.
5: Нова организација на продажниот простор, без разлика на големината и форматот на продажните објекти, за обезбедување максимална заштита и одржување физичка дистанца.
6: Промена на структурата на производите. Очекувано е во вакви апокалиптични времиња да доминира потрошувачката на основни животни намирници. Од друга страна, никогаш порано кај потрошувачите немало таква страст за здравата храна и органските производи, веројатно поради бенефитот за здравјето. Воедно, производите што се продаваа во форма на рефус мораа да го менуваа моделот на работа за да избегнат физички контакт.
7: Нови емоционални и психолошки матрици. Креирањето алатки и опкружување што ќе ја зголемат лојалноста на потрошувачите кон продажниот систем ќе биде високо во агендата на трговците.
Солидарноста и значењето на локалната заедница се подигаат високо на пиедесталот на општествената свесност. Се глорифицира, со право, значењето на домашното производство и домашните компании, особено во вакви вонредни состојби. Оваа атмосфера ќе креира потреба за поголема интеракција во локалната заедница. „Близината нè зближува“ ќе биде новата парадигма. Потрошувачите може да покажат сè поголем интерес за брендовите што промовираат локално производство, а супермаркетите можеби ќе треба да ги диверзифицираат своите извори на снабдување.
На крајот, според Кејнз (John Maynard Keynes), на кого како по правило во време на криза сите се повикуваат, ризикот во работењето е мерлив, може да се управува и постои можност за заштита од него, додека неизвесноста е немерлива, не може да се управува и не постои заштита од неа. Пандемијата предизвика екстремна дисторзија. Комбинацијата од социјални, економски, еколошки, технолошки, политички, правни и етички фактори изврши притисок врз FMCG-индустријата да ги трансформира деловните модели и уште еднаш да покаже дека претставува витален и прогресивен сектор на светската економија и носител на стабилноста во времиња полни со неизвесност.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.