Во Македонија концептот на социјалното претприемништво не е на адекватен начин осознаен од страна на власта, ниту од правниот систем, иако се значајни неговите позитивни ефекти врз општеството.
Автор: Алмира Папиќ, магистер на науки на претприемништво и развој на човечки ресурси
На крајот од 20 век дојде до реафирмација на идејата за солидарната економија и поставување на доменот на социјалните дејности на поинакви основи од оние што ги нудеше концептот на социјалната држава. Концептот на државата на почетокот на 21 век длабоко го има вградено во себе неолибералниот принцип каде што им е дадена голема улога на пазарот и на доминацијата на економската логика. Постојаниот пораст на транснационални, економски, социјални и културни интеракции ги надминува границите на државните, помогнати со развој на технологијата. Во овoј контекст треба да се гледаат и промените во пристапот кон социјалната сфера, каде што во поголема мера почнуваат да дејствуваат пазарните механизми и продирањето на економските концепти. Исто така, во Европа се реафирмираат идеите и практиката на модерното социјално претприемништво, се јавува глобалната свест за неопходност на одржливиот развој на човештвото реализирана врз три основни цели: стабилен пазарен развој, социјална одржливост и одржливо користење на природните и човечките ресурси.
Во секторот на социјално претприемништво на светско ниво се вработени околу 40 милиони луѓе и 200 милиони волонтираат.
Во денешните услови социјалното претприемништво во светот се развива брзо и привлекува внимание во различни домени на активности. Како основна причина би можело да се истакне дека кај социјалните претприемачи постои нешто што е само по себе интересно и привлечно – особено се однесува на причината за тоа како и зошто го работат тоа што го работат. Како исклучителни поединци, без оглед на сите пречки, успеваат во реализацијата на нивните сопствени и брилијантни идеи и развој на нови производи и услуги кои драстично го подобруваат животот на сите луѓе.
Во светот, се проценува дека во секторот на социјално претприемништво се вработени околу 40 милиони луѓе и 200 милиони волонтираат. Над 30 универзитети во светот имаат воведено програми за изучување социјално претприемништво, вклучувајќи ги најпрестижните: Харвард, Станфорд и Оксфорд.
Социјалното претприемништво креира нов начин на вредности со комбинирање на дадените ресурси со кои располагаат социјалните претпријатија. Дадените ресурси треба да се испитаат и искомбинираат на сите можни начини за да се стимулираат и задоволат социјалните промени.
Во Македонија концептот на социјалното претприемништво не е на адекватен начин осознаен од страна на власта, ниту од правниот систем, иако се значајни неговите позитивни ефекти врз општеството. Не постои правна регулатива (оваа проблематика сè уште се регулира преку Закон за здружување и фондации, иако има најави за предлог-закон за социјално претприемништво), која на сеопфатен начин ја регулира оваа материја. Овој сектор главно се базира на концептуалното развивање критериуми, кои се развиени во европската практика, и приспособување на европската и меѓународната дефиниција за социјалните претпријатија.
Значењето на управувањето со човечки ресурси во социјалните претпријатија во времето на глобализација е главен двигател на општествениот развој. Во секое социјално претпријатие основни ресурси се луѓето и нивните способности, кои овозможуваат остварување на целите. Нивната креативност, инвентивност, мотивираност, информираност се особини што ги прават поинакви од другите ресурси во претпријатието. Според тоа, вработените претставуваат најважен ресурс во креирањето дополнителни вредности во претпријатието. Продуктивноста на работата се базира на човечкиот капитал. Терминот човечки капитал ја опишува економската вредност на знаењето, вештините и можностите на вработените. Иако вредноста на овие средства можеби нема директно да се покаже на билансот на состојбата на претпријатието, секако има огромно влијание врз неговиот развој.
Важноста на човечкиот капитал расте, така што луѓето поседуваат повеќе знаење и информации, па и управувањето со човечките ресурси е сè потешко. Потребно е знаење за успешно управување со човечкиот капитал, како да се придобие, развие, задржи и како да се наградaт вистинските луѓе, кои ќе ги постигнат поставените цели во следењето на стратегијата на претпријатието. Квалитетното управување со човечките ресурси е најважната работна активност на секоја организација.
Како посебна научна дисциплина во менаџментот, управувањето со човечки ресурси влијае врз следните области: системот на избор при вработувањето, анализи на вработените, зголемување на продуктивноста на вработените, системот на поттикнувачки програми, развој и едукација, однесувањето на вработените, правната регулатива, синдикатите, заштита на вработените итн. Впрочем, сеопфатниот, системски пристап на односите со вработените овозможува во најголем степен подобрување на перформансите на некоја организација за управувањето со човечки ресурси.
Во секое социјално претпријатие основни ресурси се луѓето и нивните способности, кои овозможуваат остварување на целите.
Ако земеме предвид дека социјалните претпријатија во практика применуваат постојани иновации и промени, а се грижат за одредена група на луѓе, можеме да констатираме дека менаџментот на човечки ресурси во функција на едно вакво претпријатие разликува три меѓусебно поврзани елементи: корисници (потрошувачите), луѓето и постојаните иновации и промени. А другите дејности во социјалното претпријатие ги поврзува со човекот, конфликтот, организациската култура, промените и управувањето со промените.
За да се работи ефективно со луѓето, ние треба да го разбереме човековото однесување и треба да имаме познавање во различните системи и практика достапна да ни помогне да изградиме способна и мотивирана работна сила. Истовремено, треба да сме свесни за економските, технолошките, социјалните, и глобалните проблеми што ги олеснуваат нашите напори за постигнување на организациските цели.
Доколку станува збор за мали организации, нема потреба работите од оваа област да се издвојат како посебна организациска единица затоа што помал број вработени автоматски значи и помал обем на работа од доменот на управување со човечки ресурси. Доволно е работите да се групираат на едно работно место, а да бидат под директива на социјалниот претприемач (претседателот на организацијата) на социјалното претпријатие.
Можеме да кажеме дека улогата на управувањето со човечки ресурси е задача на секој социјален претприемач, без разлика на неговиот ангажман, со цел да се даде максимална поддршка на вработените. Доколку социјалното претпријатие не е во состојба да управува со човечките ресурси, тоа може негативно да влијае врз работата во социјалното претпријатие, како и врз добивката и профитот, а најлошо што може да се случи е да се доведе во прашање опстанокот на претпријатието.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.