Работење

Развојот на логистиката е незамислив без развојот на технологијата

31 Jul 2024

Во текот на 2024 година логистиката и трговијата ќе претрпат драматични трансформации. Затоа, важно е компаниите да бидат подготвени да се справат со овие промени и да се издвојат од конкуренцијата. Со проширувањето на вештачката интелигенција и стратегијата за автоматизација и видливост на производите во реално време, од клучно значење е да се посвети внимание на логистичките трендови и фокусот да се стави на напорите за зајакнување на синџирите на снабдување.

Подготвил: Стефан Петровиќ, Instore.rs

Какви одлуки ќе донесат лидерите на синџирот на снабдување годинава? Кои логистички трендови ќе добијат најмногу во 2024 година? И покрај заднината во која инвестициите во технологијата останаа стабилни или зголемени од 2020 година, компаниите што не успеваат да се модернизираат и заостануваат се соочуваат со стеснување на можностите. Во 2024 година компаниите имаат можност да ја подобрат отпорноста на сопствениот синџир на снабдување. Всушност, тие можат да применат ресурси за да ја зајакнат нивната способност да напредуваат и да одговорат на предизвиците како што се побрза испорака, е-трговија и недостиг на квалификувана работна сила.

Според истражувањето на американската консултантска агенција „Мекинсеј“, „Дигитална логистика: Моментот ја добива технолошката трка“, логистичките компании инвестираат во технологија за да ги намалат трошоците и да ја зголемат продуктивноста во магацините и транспортната мрежа. Покрај стекнувањето конкурентска предност, компаниите ја зголемуваат способноста ваквата промена да биде одржлива на долг рок.

Да ги погледнеме трендовите кои, според реномирани консултантски фирми, ќе го обликуваат индустрискиот и деловниот развој во 2024 година и ќе воведат нови иновации:

Дигитализација на логистичките процеси

Логистиката напредува во секој чекор, а еден од најочигледните логистички трендови во 2024 година е дигитализацијата. Напредокот во оваа област влијаеше врз сите активности внатре и надвор од погоните.

На пример, системите за управување со складиште (WMS) ги следат стоките и возилата што го вршат транспортот. Следењето на производите станува сè пософистицирано и се постигнува преку употреба на рачни РФ-скенери, вештачки (компјутерски) вид, па дури и дронови за читање етикети. Овој напредок се рефлектира во побрзо лоцирање на производите, пократки рокови на испорака, зголемена конкурентност и во зголеменото задоволство на потрошувачите.

Видливост на резервите

Ригорозното следење на нивоата на резерви им овозможува на провајдерите на логистички услуги проактивно да се справат со потенцијалните проблеми и да ги направат овие операции поедноставни и поефикасни. Со тоа се спречува проблемот од недостиг на резерви и се осигуруваат компаниите да ги задоволат побарувачите и да стекнат конкурентска предност.

 За да имаат корист од видливоста на производот во реално време, компаниите инвестираат во алатки како што е системот за управување со складишта (ВМФ софтвер), кој ги анализира перформансите и ја надградува планираната побарувачка со пребарување на собраните податоци. Клауд-платформата „Изи ВМФ“, која во секој момент дава податоци за достапноста на резервите, потеклото на производот, неговата моментална локација и дестинација, може истовремено да ја користат неколкумина вработени.

Автоматизација на складиштата и роботика

 Еден од најдобрите начини за забрзување на логистичките операции во складиштата е интеграција на автоматизирани системи во интерните операции за транспорт, складирање и ракување со стоката.

 Решенијата како складишните дигалки или палетите за превоз на стоки можат да се интегрираат во системи во кои веќе се опремени регалите, за сите логистички процеси да бидат направени брзо и ефикасно.

Роботите се пример за моќен сојузник во периодот на огромна побарувачка како што е за „Црниот петок“. Способни за автономно одбирање и поставување на производите со одлична прецизност, роботите можат да извршат и до 1.000 избори за еден час.

В2В е-трговија

Е-трговијата го започна својот брз раст со директната продажба за потрошувачите (бизнис ту кастамер). Меѓутоа, онлајн-трансакциите помеѓу организациите продолжија да растат поттикнувајќи го порастот на трговијата меѓу компаниите. Па така компаниите очекуваат дека во овој модел на продажба ќе ги пронајдат истите погодности како и во малопродажните објекти. Со тоа, интернет-продавниците на големо во своите стратегии користат и продавници и модели на претплата. Со дигиталните решенија компаниите можат да ги синхронизираат своите логистички центри со онлајн-продажбата на платформите и да понудат врвно корисничко искуство.

Примена на ВИ во логистиката

Вештачката интелигенција (ВИ) и во 2024 година ќе биде фундаментална во синџирите на снабдување.

Со нејзина помош, софтверското инженерство ќе го подобри процесот со автономно генерирање кодови и преведување на застарени програмски јазици во модерни. На овој начин инженерите ќе трошат помалку време на механички задачи и ќе можат да се фокусираат на покреативни зафати.

Напредокот на ВИ ќе се прошири и надвор од истражувачко-развојниот (РТД) процес и ИТ-одделенијата. Префинетоста на генеративната ВИ ќе се поедностави со интерните и екстерните информации. Според процените на американската консултантска куќа „Гатнер“, повеќе од 80 отсто од компаниите до 2026 година во производното опкружување ќе користат апликации базирани на ВИ, во споредба со денешните 5 отсто.

Брзи испораки

Очекувањата на потрошувачите се зголемуваат, а компаниите се натпреваруваат да обезбедат најбрза испорака. Таа трка резултира со потреба од модифицирање на традиционалните логистички процеси. Продавачите ќе организираат повеќе регионални магацини за одлагање и складирање на стоката, како и повеќеканална стратегија која ќе им овозможи на потрошувачите да го вратат производот на места различни од местото на купување. Целта е да се обезбеди максимална флексибилност и брзина, кои се неопходни за оптимизација на интралогистичките операции.

Покрај наведените трендови за 2024 година, некои од мултинационалните компании како што се „Гулг“ и „Амазон“ почнаа да користат дронови за испорака на производите. Таква е мрежата на „Гугл“, „Винг“, која во 2021 година беше воспоставена во Австралија, за која се очекува во текот на 2024 година да премине од испорака на илјада до испорака на милион пакети.

Машини купувачи

Програмите базирани на ВИ за купување или продавање на производите се познати како машини купувачи. Ваков пример од домаќинството е печатачот кој го детектира недостигот на мастило и автономно нарачува нов кертиџ. Консултантската куќа „Гартнер“ тврди дека овој напредок во следните години значително ќе влијае врз трговијата во индустријата. Оваа консултантска куќа предвидува дека до 2028 година машините купувачи ќе ги направат застарени 20 отсто од дигиталните продавници наменети за луѓето. Експанзијата на машините потрошувачи би можела да има големо поголемо влијание од е-трговијата, поради што „Гартнер“ препорачува истражување на овој тренд и на пазарните можности.

Одржливост

Во изминатите години одржливоста и зелените работни навики беа тема на дискусија.

Но, бидејќи честите природни катастрофи стануваат правило поради климатските промени, бродската и логистичката индустрија почнуваат да преземаат храбри чекори. Така, светските регулатори за транспорт имплементираа регулативи, а еден пример е правилото „ИМО 2020“ на Меѓународната поморска организација, кое бара употреба на почисто гориво и последователна инсталација на прочистувачи на постарите резервоари. Повеќе смели акции веројатно ќе бидат објавени до крајот на 2024 година.

Недостигот на вода, како што е ниското ниво на вода во Панамскиот Канал и екстремната суша низ западниот брег на САД, стана секојдневие. Пристаништата низ светот беа принудени периодично да ги прекинуваат операциите поради климатските нарушувања како што се сушите и бурите.

Во последниве години приватниот сектор ја интензивира промоцијата на нулта емисија на јаглерод до 2050 година, а во некои случаи и порано. Водечките лидери како што е данската компанија „Маерск“ се истакнуваат,  а новите бродови се прават на електрични погони и на начин да користат алтернативни извори на гориво. Сепак, ќе биде потребно време за логистиката целосно да стане зелена.   

Испорака до последната милја

Екосистемот на последната милја во последните неколку години брзо се менува, а водечките американски трговци на мало во 2024 година ќе преземат чекори за преземање и примена на многу аспекти од оваа достава. Во текот на изминатите неколку години трговците како „Волмарт“ и „Таргет енд хоме деспот“ ги проширија можностите за испорака до последната милја, одлучувајќи се да преземат некои од операциите од постојните превозници за да понудат услуги како што е брзата достава. Исто така, многу од трговците се одлучиле да понудат достава во истиот ден.

 Преку примена на прописи и надзор, автономните опции за испорака, како што се самовозечките камиони, би можеле да влезат во употреба уште оваа година. Испораката до последната милја продолжува да биде предизвик за логистиката, особено по проблемите со синџирот на снабдување во 2021 и 2022 година. Големите компании ги истражуваат партнерствата со провајдерите од третата или четвртата страна (3ПЛ или 4ПЛ), кои нудат услуги на чување на резервите, обработка на нарачките и испорака до други компании, преземајќи ја последната милја на испорака. Тој тренд би требало да продолжи.

 Логистиката во 2024 година

Во текот на 2024 година логистиката и трговијата ќе бидат подложени на драматични трансформации. Всушност, важно е компаниите да бидат спремни да излезат на крај со овие промени и да се издвојат од конкуренцијата. Со експанзијата на ВИ, стратегијата за автоматизација и видливоста на производите во реално време, од круцијална важност е да се посвети внимание на логистичките трендови и да се стави фокус на напорите за засилување на синџирот за снабдување.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...