Човечки ресурси

Несторовиќ/Ковачевиќ: Го познавате ли својот внатрешен судија?

14 Feb 2018
Постои причинско-последична врска Т-О-П: тензија, очекувања, последици, која доколку е обоена со ирационални очекувања (уверување како треба да изгледа), ги оневозможува продуктивните однесувања.
 

Автори: Станислава Несторовиќ, магистер по менаџмент со човечки ресурси и Тијана Дониќ Ковачевиќ, дипломиран психолог

(Авторките се сертифицирани системско-психодинамични организациски консултанти, со повеќегодишно лидерско и теренско икуство во корпоративно опкружување)

Колку умеете да се „негувате" себеси кога е потребно, а колку, од друга страна, сте склони да се казнувате и да си наметнувате дополнителен стрес? Во текстот ќе се обидеме да ви укажеме на механизмот во чии рамки дејствувате и на обрасците кои по автоматизам одново ги одигрувате во одредени ситуации, иако тие најчесто се контрапродуктивни. Ќе ја објасниме техниката ТОП, која е едноставна алатка за препознавање и промена на контрапродуктивното однесување.

Сами сме креатори на своите реакции

Дали сте размислувале зошто често се чувствувате исцрпено, дури и кога денот на работа не бил напорен, како премногу да размислувате за некои работи, необјасниво сте нервозни и чувствувате грч во стомакот поради некој повод и неговиот исход, повеќепати истата ситуација ја враќате и ја барате грешката во себе?

Во експанзијата на статиите поврзани со позитивната психологија досега сте прочитале дека самите ја креирате својата стварност и дека вашето расположение, како и реакција на одредени случувања, речиси секогаш е директна последица на вашите размислувања.

Надворешните околности не можеме или многу ретко можеме да ги менуваме, тие често не се под наше влијание, но тоа што можеме целосно да го смениме се нашето толкување и емотивните доживувања на тие случувања, кои може да предизвикаат негативни емоции и/или да предизвикаат неконструктивни однесувања.

 

Звучи едноставно - променете ја перцепцијата, па и денот ќе ви биде помалку стресен.

Но, во практика не е лесно да се излезе накрај со овие секојдневни тензии во работното опкружување бидејќи тие имаат свој ритам, начин како настануваат, механизми кои се во заднина и работат непречено, секојпат на ист начин. Сè додека не го уочиме тој механизам и своите мисли не ги „истренираме" на поинаков начин.

Замислете ситуација во која шефот доаѓа во вашиот тим со задача до крајот на неделата, заедно со колегата, да подготвите презентација за кварталните резултати, наменета за бордот. Презентацијата е официјална и бара вештини за јавен настап и сè друго што е потребно. Не ви е пријатно, вие не сте професионален презентер, а не е ниту колегата со кој треба да ја сработите презентацијата. Доаѓа петок: вие настапувате опуштено, нагласувате дека ова не е ваша обврска и може да биде невешто, но презентирате сосема опуштено, додека вашиот колега е сосема блокиран, не може да се сети на воведот, ви вели дека од нервоза не можел да спие цела ноќ.

Задачата и околностите се исти. Тогаш, што е тоа што толку го вознемирило вашиот колега?

Кога ќе почувствуваме дека нешто однадвор ни предизвикува стрес, ние го раздвижуваме интерниот внатрешен монолог, го изразуваме своето уверување или очекување што подоцна ќе ги обои реакциите и ќе ги донесе последиците.

Значи, постои причинско-последична врска Т-О-П: тензија, очекувања, последица, која доколку е обоена со ирационални очекувања (уверување како нешто треба да изгледа), ги оневозможува продуктивните однесувања.

Потеклото на методологијата може да го најдеме во психолошкиот правец РЕБТ, чија основна идеја е стварноста да ја интерпретираме преку личните филтри зад кои стојат некои уверувања што самите сме си ги поставиле.

Уверувањата можат да бидат рационални, и тогаш се реални и главно оптимистични. Тоа се тип на уверувања што се јавиле во вашите внатрешни монолози откако сте ја добиле задачата.

Вашиот колега очигледно бил под влијание на ирационални уверувања. Тие ја искривуваат реалноста и бараат од нас многу повеќе, поставуваат превисоки очекувања и создаваат грижи, испраќајќи ни порака дека нашите постапки не се доволно добри, а честопати дека ниту ние самите не сме доволно добри.

Важно е да го освестите вашиот судија, да го „фатите на дело" и наместо неговите досегашни реченици, да воведете нови, афирмативни, кои ќе ги намалат стресот и тензиите и ќе ве научат да го разликувате битното од периферното. На тој начин ќе ги одредите своите приоритети кога станува збор за вложување енергија во работите. ​ 

Како ирационалните уверувања дејствуваат во практика?

Ни се обраќаат преку фрази што ги изговараат нашите „внатрешни судии" кои главно ние ги изговараме, не разбирајќи ја нивната сериозност и лошите консеквенции.

Да речеме, внатрешниот судија на вашиот колега веројатно му кажал: Тоа не е за мене, немам доволно време, ќе испадне тотална катастрофа бидејќи немав доволно време да се подготвам. Јас сакам само да ги работам работите во кои сум многу добар, не сакам да импровизирам.

Со оглед на тоа што со задачата на некој начин е наметната и импровизацијата, судијата е загрозен и почнува свој монолог, доведувајќи го до блокада. Овој судија го нарекуваме - перфекционист и често е гостин во деловното опкружување, особено кај луѓето со високи и одговорни позиции. Тоа е судија што секогаш вели: Може и подобро. Доколку не е перфекционист, може да се случи да е доминантен некој друг судија, како на пример, судија што секогаш носи темни очила и сè гледа во лошо светло или некој трет кој ве навикнал сè околу себе да доживувате и да толкувате лично, како да сте директен актер на секоја случка. Размислете за тоа кој монолог го водите сами со себе откако ќе се случи случка што ќе ве извади од рамнотежа, напишете ги речениците, потсетете се на чувството што ви го донеле или на однесувањето што настапило како последица и тогаш поработете на промената на мислите. Како да сакате во својот систем да инсталирате нов софтвер, посвеж и афирмативен, кој ќе носи подобри резултати и ќе го намалува вашиот стрес. Направете ја вашата ТОП-листа и тренирајте!

Причината за нашиот секојдневен стрес лежи во втората рамка, која се однесува на несвесниот, автоматски дијалог што го водиме сами со себе откако надворешно се случила некоја неповолна ситуација. Можеме да ги доживееме како реченици кои го повикуваат нашиот внатрешен судија, критичар кој од нас бара многу повеќе, подобро, нереално, кој затоа ја искривува стварноста на начин како што нему му изгледа „полесно".



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...