Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ – Салкиќ: Ни писма ни разгледници

07 Dec 2022

Тргнете од себе. Какви мејлови пишувате. Колку километри се долги? Или колку се јасни? Или колку мејлови „штанцате“ во минута? Или мејлот е еден непрекинат тек на мисли од кој некој нешто треба да гата? Разбирам дека сите други гатаат, но нема ни тие уште долго

Пишува: Ениса Селмановиќ – Салкиќ, основач и извршна директорка на агенцијата „Консултор“ www.consultor.ba, enisa@consultor.ba

Да речеме дека сте менаџер. Шеф. Главен. Лидер. Да речеме дека сте талентиран, но и свесен за себе, па сешто сте научиле за да бидете подобар шеф. И сѐ со луѓето фино и полека, ги учите, развивате, работите на атмосферата... Сѐ по книга, школски, за медал. И живеете во тој балон на непогрешливост и идеали.

Но, секогаш го има тој Еден. Или, повеќе од нив, но ние сега ќе го наречеме Еден. И секогаш има некоја причина зошто е тој посебен и со што го заслужува тоа „но“ во општата идила.

Да речеме дека овој Еден не реагира. Како не реагира? Па фино, абер нема. Пишувале вие или не, ефектот е ист. Тој не реагира. Аха, имате вие решение за тоа. Па одите постојано по него, го молите, го викате. И на крај ќе направи нешто. Да повториме, вие пишувате мејлови, тој не одговара. Молк. Ни писма ни разгледници. Ниту абер. Еднаш кога баш се охрабривте и го соочивте со вас, Еден не се ни потруди нешто посебно да се брани. Малку и вас ве обвинуваше, де не му е јасно де многу мејлови има, и такви некои работи зборуваше.

Се надевавте дека баш ќе се препадне, па од страв ќе почне да реагира. Но, ништо. Ако е тоа можно, стана и уште полошо. Барем вие имате такво чувство. Се чувствувате некако поразено, што сѐ направивте за него, и пак ништо. Да не е така добар и вреден, и да не му се толку добри резултатите, одамна ќе се отарасевте од него – сепак вие сте менаџер.

Прво, внимавајте на тонот. Да, знам јас дека вие сето тоа го правите фино и убаво. Но, ставате ли секојпат, „ве молам“? Да, знае тој дека тоа му е задача и мора да ја заврши.

Значи, се обидовте со застрашување. Не „запали“. Продолживте исто да работите. Не „запали“. Човекот работи само на туркање, како автомобил „сто и кец“ на -10. А вам малку ви здосади да го туркате и молите и сѐ така по ред... Ма, само да не му се толку добри резултатите, одамна вие него....

Ајде да видиме дали има нешто што може да се направи. И можеби, само можеби – дури и да „запали“.

Тргнете од себе. Да, така е – од себе. Какви мејлови пишувате. Колку километри се долги? Или колку се јасни? Или колку мејлови „штанцате“ во минута? Или мејлот е еден непрекинат тек на мисли од кој некој нешто треба да гата? Разбирам дека сите други гатаат, но нема ни тие уште долго.

Прво да ја решиме темата „мејл“, или оној мал, зол збор „сабџект“ зад кој е празна кутија во која нешто треба да се впише. Некогаш едноставно пишувате допис. Некогаш не пишувате ништо бидејќи - па сега нема уште со тоа да се занимавате.

Да ги погледнеме работите од друга страна. Еден, но и другите соработници добиваат стотина мејлови. Од вас добиваат педесетина. И кога одеднаш добивате толку пораки, кои прво ќе ги отворите – па тие кај кои во „сабџект“ пишува која е темата, па можат убаво да разберат за што станува збор и дали е потребно итно дејствување. Што со оние преостанатите каде што „сабџектот“ е празен или е општ? Па реално, ако испраќачот не се удостоил на својот мејл да му даде значење – нема ни примателот.

Значи, во „сабџект“ секогаш напишете една убава кратка реченица од која може јасно да се заклучи која е темата на мејлот. Една и кратка.

И сега преминуваме на главниот дел околу кој овде и се собравме – содржината.

Прво, внимавајте на тонот. Да, знам јас дека вие сето тоа го правите фино и убаво. Но, ставате ли секојпат, „ве молам“? Да, знае тој дека тоа му е задача и мора да ја заврши. Но, ставете тука една молба, па нему ќе му биде полесно и со елан ќе ја заврши бидејќи се чувствува почитуван. Како и што би требало.

Одиме понатаму. Содржина – конкретна, јасна и едноставна. Работата е едноставна – не комплицирајте. Не делете атоми. Не е потребно секојпат да се раскажува приказна за прапочетоците на цивилизацијата за да се дојде до тоа дека треба да се направи некој извештај. Тоа никој не го чита, ниту има нерви да го чита. Ако не го чита, нема да види ни што му е задача. Туку, убаво ќе погледне колку е голем мејлот – и ќе го затвори. Тогаш вие ќе го барате, ќе го молите, ќе му кажете што конкретно му е задачата, и Еден ќе ја сработи. Затоа има толку добри резултати, инаку вие него одамна....

Дополнително, бидејќи ова е многу важно, па го повторувам, самата задача што ја истакнувате во мејлот мора да биде целосно јасна. Во една реченица. Да кажеме: те молам да ми го испратиш извештајот за состојбата во продажбата до петок во 10 часот.

Што ме води до следното – рокот. Ако не напишете кога нешто мора да се заврши – тоа никогаш нема да се заврши. Освен ако не ѕвоните, молите и барате. За да не си го комплицирате животот, напишете рок. Те молам, направи го тоа и тоа, до тогаш и тогаш. Благодарам. Крај, и реално е за очекување дека задачата ќе биде завршена. Да, вие сте шеф, вашето е приоритет. Не е и не треба. Ставете рок. Вам ви треба. Ставете рок. И ќе добиете што ви треба.

Не може да биде поедноставно. А, ќе биде и многу полесно. И работата ќе биде завршена. А вие ќе имате дополнително слободно време што инаку би го потрошиле на прогонување на Еден или повеќемина што секогаш ве игнорираат.

Работата е едноставна, не комплицирајте ја.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...