Почетоците на канабис-индустријата во Македонија се од 2016 година кога првпат е донесен Законот за одгледување канабис за медицински цели. Ова поттикна интензивирање на инвестиции во изградба на индустриски капацитети, а според некои процени, оваа индустриска гранка е меѓу ретките во која инвестициите надминуваат 500 милиони евра.
Канабис-индустријата во светот се развива со четирипати побрзо темпо од преостанатите класични индустрии, поради што се потребни брзи реакции и на македонскиот пазар. За да дознаеме кои се можностите и предизвиците на оваа индустрија во САД, поразговаравме со Филип Лунески, раководител на маркетинг во технолошката компанија „Лусид грин“ во Њујорк, компанија која со своите уникатни решенија ја стандардизира канабис-индустријата.
Во разговорот со Лунески дознаваме дека една од главните задачи е демистификација на канабис-индустријата и претставување пред јавноста како нова, иновативна и индустрија која ќе биде во постојан пораст и развој за благосостојбата на сите во државата и секако за корисниците, од каде и да се.
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
По подолг период од Вашата кариера поминат во пивската индустрија, во моментов работите во технолошка компанија чиј фокус е индустријата за канабис? Кажете ни повеќе за што станува збор.
Да, во право сте, по 8 години во пивската индустрија, а 15 години вкупно во индустријата за пијалаци, добив нов предизвик. За волја на вистината, мојата компанија е во сферата на IT/tech индустријата, со тоа што во моментов сме ориентирани кон канабисот. Тоа е една навистина возбудлива симбиоза на, според мене, едни од најрелевантните индустрии во денешницата. Промената дојде многу спонтано, што е посебно задоволство бидејќи да ја напуштите „АБ Инбев“, најголемата и најреномирана компанија за алкохол во светот, потребна е навистина добра причина! Меѓутоа, во мојата кариера, но и генерално во животот, се водам од филозофијата да имам целисходност во тоа што го работам. Сметам дека кога имаме таква возвишена цел пред нас, тогаш нашата мотивација, инспирацијата и генерално желбата да се инвестираме себеси максимално во тоа што го работиме се многу поизразени. Истовремено, и нивото на некомфорност е повисоко, што значи дека препознаваме можност дополнително да се надградуваме и развиваме. А бидејќи неизмерно верувам во континуиран развој, кога господинот Лери Леви, кој е коосновач и CEO на компанијата „Лусид грин“ ми пристапи и ми ја објасни неговата визија како оваа компанија ќе влијае врз канабис-индустријата преку софистицирани софтверски решенија, јас бев навистина фасциниран. По неколку исцрпни разговори, се договоривме да се придружам во извршниот тим како раководител на маркетинг, и така почна оваа нова сага од моето професионално патешествие, а јас сум навистина среќен и благодарен.
Диспензериите се продавници кои исклучително продаваат канабис-производи и имаат посебна лиценца за тоа. Во Калифорнија постојат диспензерии кои изгледаат како модерни музеи.
Визијата за која разговаравме е следнава: нашата компанија ќе постави нов стандард во канабис-индустријата, во сите сегменти на синџирот на снабдување, т.е. од производство до консумација (seed to consumption). На тој начин ќе им се помогне на сите чинители да ги унапредат своите процеси преку паметни решенија кои се одговор на енормната регулираност на пазарот. Долга и комплексна реченица, меѓутоа, таква е и реалноста во канабис-индустријата, особено во Америка. Бидејќи оваа билка не е легална на федерално ниво, а сите 38 држави каде што постои дозвола за продажба и консумација имаат свои регулативи кои се радикално строги, можете да претпоставите дека тоа е навистина комплексен систем на уредување. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека тоа е индустрија која преминува од црна и сива економија во легален статус, бројот на оперативни и бирократски компликации е недефиниран. Ќе дадам само неколку кратки примери за читателите да добијат појасна слика што сето ова значи на теренот. Секогаш кога еден производ ќе промени сопственост, на пример, од производител оди до дистрибутер или малопродажба, законот бара секој поединечен производ да има нова (регулативна) етикета која ќе содржи податоци кои ги бара регулативното тело во таа држава. Во превод, секое пакување мора да се извади од транспортните кутии, да се залепат нови етикети, да се вратат производите во кутијата, па да се продолжи понатаму со процесот. Оваа регулатива резултира со 20.000 долари на месечно ниво, само за еден објект кој продава канабис (диспензерија). Нашата технологија, преку софистицирани QR-кодови, кои ги нарекуваме LucidID, го решава овој проблем во целост.
Во која мера е развиено производството на прехранбени и непрехранбени производи во САД?
Американскиот пазар не може да се споредува со ниеден друг, пред сè, поради комплексноста која ја споменав vis-a-vis федералната нелегалност, а регулираност на државно ниво, која засега е различна на 38 места. Со тоа, и нивото на развој во САД е тешко да се детерминира бидејќи медицинската марихуана (ЦБД) е легализирана во Калифорнија во 1996 година, додека во државата Њујорк тоа се случи во 2021 година. Уште поголема е дискрепанцата за рекреативниот канабис (ТХЦ). Јас живеам во Њујорк и тука баш сега се поставуваат темелите на индустријата, додека во Калифорнија, Колорадо и Невада постојат стотици компании, илјадници диспензерии и купувањето производи што содржат канабис е апсолутно секојдневие, за многу луѓе и животен стил. Тоа се должи на фактот што најголемиот дел од луѓето се веќе едуцирани за придобивките од ова растение, и со тоа е срушен и митот дека тоа е штетна дрога која беше демонизирана со децении. Диспензериите се продавници кои исклучително продаваат канабис-производи и имаат посебна лиценца за тоа. Во Калифорнија постојат диспензерии кои изгледаат како модерни музеи, така што искуството да „пазарите“ во нив е навистина посебно.
Дали овие производи се продаваат и во големите синџири маркети и колку е тешко да се воспостави соработка со нив? Како најдобро да се менаџира оваа категорија на производи?
Оваа тема се става на маса баш во овој период и ќе биде жешка тема во годините пред нас. Бидејќи индустријата е во својот зачеток, постојат многу непознати, ризици, недостатоци и како што напоменав пред малку, преголеми компликации со регулативите. Ова сè уште ги спречува големите синџири маркети да зачекорат во оваа индустрија. Според мене, подобро е да не се случи тоа, барем сè додека не се постави индустријата на здрави нозе, а тука најмногу мислам на правилно функционирање во рамките на законот, пред сè, легализирање на федерално ниво. Законите какви што се сега се навистина повеќе деструктивни за целокупната индустрија и сѐ додека не се нормализира регулативниот сегмент, комерцијализирањето на канабисот би донело само повеќе штета отколку корист на долги патеки. Од друга страна, менаџирањето на категоријата е речиси непостоечко бидејќи диспензериите, а и самите производители немаат доволно податоци за пазарот, за трендовите, преференциите на потрошувачите, нивните навики и сето тоа што е суштински неопходно за оптимизација и унапредување на категоријата. Но, тука е и возбудливоста, според мене, бидејќи учествуваме и влијаеме врз креирањето на една нова индустрија која ќе го промени светот, во многу погледи! Се разбира, позитивно!
Најголемиот дел од луѓето во Калифорнија, Колорадо и Невада, каде што ЦБД е легализирана пред повеќе од 20 години, се веќе едуцирани за придобивките и со тоа е срушен митот дека тоа е штетна дрога која беше демонизирана со децении.
Ваша препорака/мислење за тоа како производителите да ја развиваат свесноста за брендот на оваа категорија на производи, со оглед на тоа што македонските потрошувачи сè уште имаат предрасуди или немаат доволно сознанија? Сметате ли дека развојот на брендот, па и на категоријата производи почнува со овој чекор?
Оваа индустрија од стартот е во неповолна положба бидејќи не почнува од неутрална точка, туку од минус. Транзицијата од нелегална, криминална индустрија во индустрија која е регулирана пазарот не се случува преку ноќ. Не смееме да заборавиме дека се потрошени децении во стигматизација на канабисот. Сега кога вистината е веќе достапна, а тоа е дека тие предрасуди се градени со конкретни намери, пред сè, политички, ќе треба уште повеќе труд и напор за да се отстрани таа стигма. Тоа значи адекватна едукација на широките маси, особено кога е во прашање медицинскиот канабис, бидејќи има навистина голем број придобивки што ги нуди за здравјето. Погледот на оваа индустрија треба во најголема мера да се гледа низ оваа призма, а потоа да се стави фокус на комерцијализацијата. Оваа индустрија е доста сензитивна, толку многу, што речиси нема простор за грешки. Во таа смисла, на секој еден чинител во оваа индустрија е одговорноста да инвестира во едукација и претставување валидни информации кои ќе придонесат за адекватно разбирање на тоа што содржат овие производи, како да се консумираат и колку често.
Колку крајните потрошувачи во САД се освестени за постоењето на овие производи и за нивните придобивки? Дали се забележува зголемување на продажбата?
Иако сè уште постојат многу бариери, моменталниот пораст на оваа индустрија е незапирлив. Проекциите за оваа година се дека приходите ќе достигнат околу 50 милијарди долари, а преку експоненцијален пораст, оваа бројка ќе се зголеми на 80 милијарди во наредните 5 години. Земајќи предвид дека маркетингот во голема мера е ограничен, ова се навистина импозантни резултати и само доказ дека потрошувачите го препознаваат потенцијалот на индустријата. Веќе споменав дека 38 држави во САД имаат некоја форма на легалност за канабисот, а веќе е извесно дека таа ќе се подигне на федерално ниво во наредните неколку години. Кога ќе се случи тоа, небото ќе биде граница, што оваа индустрија навистина го заслужува.
Канабис-индустрија е многу сензитивна, толку многу што речиси нема простор за грешки. Секој чинител има одговорност да инвестира во едукација и претставување валидни информации.
Според Вас, кои примери може да ги земат македонските компании-производители на производи од канабис од американските компании?
Кога зборуваме за компарација меѓу македонскиот и американскиот пазар, мораме да бидеме прецизни дека, барем во овој момент, зборуваме за медицинскиот канабис. Најголемиот дел од американските производители се навистина пасионирани одгледувачи и исконски веруваат во моќта на оваа билка, која нуди една лепеза на придобивки, пред сè, здравствени. Нивната прва и последна цел е да им помогнат на луѓето да ги препознаат овие придобивки, кои може да им помогнат при проблеми со инсомнија, депресија, анксиозност, рак, разни повреди и многу други. За крај, ќе откријам еден куриозитет кој оди во прилог - еден од двајцата коосновачи на мојата компанија, Пол Бото, пред 5 години се здоби со 17 скршеници на десната нога, по сериозен инцидент на скијање. Неколку месеци имаше енормни болки, а медикаментите што ги добиваше во реномирана болница во Бостон не му помагаа. Една од најеминентните сугестии на лекарите била ампутација. Меѓутоа, Пол никако не сакаше да ја прифати таа опција, па се одлучи да продолжи со терапиите, но и да проба масло од канабис. Болките се редуцираа за 80% по само неколку дена од употребата, а веќе по една недела Пол беше пуштен на домашно лекување со минимални болки. Сега јас и Пол играме пинг-понг, а покрај тоа, тој е и хокеј-тренер за деца. Пол не знаеше за ефектите на овој производ сè додека не се повреди. Тоа беше и инспирацијата, заедно со Лери, да ја формираат оваа компанија и да го променат тоа! Досега успехот е голем, а јас сум среќен што сум дел од таа приказна. Тоа е мојата целисходност.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.