Иако економијата и дипломатијата одат рака под рака, економијата ми е прва љубов, но сепак, мора да ја издвојам дипломатијата бидејќи огромна е честа да се претставува татковината.
Сашо Tашевски, специјалист за корпоративен развој на канали за продажба за Македонија и Косово во „Нестле“
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Нашиот соговорник Сашо Tашевски е одговорен за корпоративниот развој на каналите на продажба во „Нестле“, нова функција во компанијата, која е воведена на глобално ниво за да се подобри работењето во делот на продажбата и производите да можат да бидат достапни до потрошувачите. Функцијата е спрега меѓу одделите за продажба и за маркетинг, за да се унапреди процесот на имплементација на комерцијалните планови и продажните политики, вели тој во текот на разговорот.
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 5 декември 1973 година, Скопје.
Образование: Завршени постдипломски студии (француска МБА, ДЕСС студии) за меѓународна трговија; дипломиран економист; овластен судски преведувач за англиски и француски на македонски и обратно.
Моментална функција: Специјалист за корпоративен развој на канали за продажба за пазарите на Македонија и Косово во „Нестле“ (од ноември 2018 година).
Кариера:
- Амбасадор на Република Македонија во Обединетите Арапски Емирати – ОАЕ (од 2014 до 2018 година);
- Офицер за логистика и менаџер за продажба за Македонија и Косово во „Нестле“ (од 2006 до 2014 година);
- Менаџер за логистика за Македонија во „Германос“ (од 2002 до 2006 година);
- Менаџер за продажба за Македонија во „Даеву моторс“ (од 1998 до 2001 година);
- Асистент за сметководство и кореспондент за англиски и француски јазик во „Ванчо комерц“ (од 1995 до 1998 година).
- Патувања, планинарење, велосипед, шах, цртање.
Брачна состојба: Оженет, две деца.
Еснафски почеток
Но, да почнеме од почетокот на неговата кариера... Пораснав во светот на стриповите и авантуристичките книги и посакував да бидам уметник-сликар, a воедно и светски патник бидејќи од млади години почнав самостојно да го осознавам светот. Уште во 1994 година на летната школа за француски јазик бев ангажиран како ликовен уметник за ѕидни мурали во Гренобл, Франција, се сеќава Tашевски. Тој еден период цртал карикатури за детскиот весник „Забавник“ (македонската верзија на „Политикин Забавник“), а за време на студиите бил дел од уредничкиот тим на студентскиот весникот „Кеш“: Последната страница беше резервирана за мене – цртав стрип со разните згоди и незгоди на главниот лик Кешко, студент на Економскиот факултет, ха-ха-ха.
Иако потајно посакувал да спознава нови светови, да учи и запознава други народи и култури, нашиот соговорник не ни помислувал дека тоа може навистина да му се случи. Благодарение на „Нестле“ и политиката на компанијата за постојана едукација и надградување на вработените, често одел надвор од државата, но тоа биле привремени отсуства, не ни помислил дека ќе живее во друга земја.
Првата интернационална компанија каде што почнал да ја гради професионалната кариера и да ја восприема корпоративната култура како начин на однесување и почитување на сите различности било претставништвото на „Даеву моторс“ од Јужна Кореја во Македонија. Од тогашниот директор Се Хо Ким и неговиот заменик Ју Јанг Ан научив за професионалната дисциплина, точноста, искреноста, меѓусебното почитување, па дури и малку корејски јазик. Особено ми беше драго што тие ја обожаваа македонската кујна, социјалниот живот и препознатливата гостопримливост, карактеристични за нас Македонците, се сеќава Tашевски. Сепак, тој додава дека неговото прво професионално вработување било во „Ванчо комерц“, претпријатие за увоз и малопродажба на теписи и завеси, каде што го научил значењето на зборот еснаф и што значи вистинско еснафско однесување: Нема подобар професор од човек од чаршијата. И денес сме во контакт со Ванчо Баевски, кој беше мој газда и ментор и ги всади во мене темелите на домаќинското работење.
Откако „Џенерал моторс“ го купил „Даеву моторс“, стигнала одлука за затворање на претставништвото во Македонија и Tашевски ја продолжува кариерата во „Германос“, компанија од Грција за продажба на мобилни телефони, придружна опрема и галантерија, како и мастер-дилер на „Космофон“, вториот мобилен оператор во Македонија.
Логистика значи да знаеш да жонглираш со врзани очи, а да не ти падне ниедно топче.
Има една анегдота од интервјуто за вработување во „Германос“. Откако се претставив и објаснив за мојата дотогашна кариера и искуството во продажбата, еден од претставниците – Атанасис Киврикосеос, кој беше директор за логистика, ме праша дали знам што значи логистика. Бев искрен и реков дека сум чул за зборот, но не сум работел логистика, туку само продажба. На тоа тој се насмеа и ми рече: „Честитки, ти си нашиот нов менаџер за логистика“. По обуката во Атина, под лично туторство на Киврикосеос (со кого и денес е добар пријател), Tашевски се нурнува во светот на логистиката која, според него, најпросто кажано, овозможува во еден комплексен систем сѐ да функционира како подмачкано: Логистика значи да знаеш да жонглираш со врзани очи, а да не ти падне ниедно топче.
Логистиката во „Германос“ значела грижа за околу 2.000 артикли, сите да бидат нарачани од различни фабрики за мобилни телефони од светот или од централниот склад во Атина, да се организира транспорт до Македонија и навремено царинење, артиклите уредно да се евидентираат во магацинот во Скопје, на неделно ниво да се организира испорака во 23 продавници низ Македонија... Сосема едноставно, се шегува Tашевски.
Од теписи и завеси, со премин во автомобилската индустрија, па во мобилната телефонија, стапнав во светот на прехраната, и тоа, ни помалку ни повеќе, во „Нестле“, компанијата број 1 на светот на прехранбените FMCG-производи.
Тоа драгоцено 4-годишно искуство му било главен ас во ракавот за да биде избран од околу 450 кандидати за офицер за логистика на „Нестле“ за Македонија и за Косово, односно да го воспостави и да раководи со системот на логистика. Следувала 3-месечната работна обука во Загреб. Од теписи и завеси, со премин во автомобилската индустрија, па во мобилната телефонија, стапнав во светот на прехраната, и тоа, ни помалку ни повеќе, во „Нестле“, компанијата број 1 на светот на прехранбените FMCG-производи. Годинава „Нестле“ прославува 155 години, од основањето во 1867 година.
По четири години успешна работа како офицер за логистика, Tашевски му го препушта кормилото на неговиот асистент, а нему му била дадена нова шанса и нов предизвик – позицијата менаџер за продажба на сладоледи во „Нестле“ за пазарите на Македонија и Косово. Со гордост можам да кажам дека тоа беше успех бидејќи 4 години имавме консекутивен позитивен двоцифрен пораст во продажбата на двата пазара.
Витез на честа
Следниот голем предизвик за нашиот соговорник почнува кога во весник го прочитал огласот на Владата на Република Македонија за избор на амбасадори: Сметав дека можам да одговорам на предизвикот и се пријавив. По период на тестирања и интервјуа за различни области, меѓу кои и познавање на англиски и на француски јазик, добив телефонски повик дека сум меѓу најдобрите од околу 150 кандидати. Следуваа уште неколку интервјуа, а потоа со указ на претседателот на државата, станав прв вонреден и ополномоштен амбасадор во ОАЕ, што за мене цел живот ќе претставува чест и привилегија.
Иако претходно немал искуство со политика, ниту дипломатија, на Tашевски му било укажано дека неговото искуство како економист, кој повеќе од 20 години бил на менаџерски позиции во интернационални компании, била една од причините да биде избран да ја претставува Македонија во Емиратите, со фокус на економската дипломатија, односно привлекување странски инвестиции: Можеби на почетокот се прашував и самиот дали ја донесов вистинската одлука, но не се двоумев, ниту се сомневав, бидејќи ја остварив целта. Според официјалните податоци на НБРМ, ОАЕ беа директни странски инвеститори број 1 во Македонија за 2016 година, пред Велика Британија и Германија, кои традиционално се најголемите инвеститори.
Како што нагласува Tашевски, секое професионално искуство од сите компании во кои работел дотогаш го оформило како личност и професионалец, го подготвило да го даде максимумот при претставувањето на Македонија во Емиратите. Искуството во ОАЕ е посебно за мене бидејќи имав чест да направам сè за да ја претставам мојата татковина на достоинствен начин, во многу поинаков свет од нашиот, друга култура, поинаква традиција... Имаше и предизвици, но бев среќен што успешно го правев тоа... Инвеститорите беа воодушевени од нашите корени, традиција и култура. Тие го согледаа, односно успеав да им го презентирам економскиот капацитет на Македонија, па затоа и инвестираа тука, истакнува тој.
Tашевски е горд што Македонија во 2016 година била поканета како почесна земја-учесник на деновите на културно наследство во емиратот Шарџа (еден од 7-те емирати) – тоа е првата земја што не е од Арапскиот Полуостров која учествувала на ваков настан. На настанот учествуваа националниот ансамбл „Танец“, членови на занаетчиската комора и членови на „Гастромак“. Македонија беше промовирана на најдобар можен начин преку овие три области. Тоа беа години исполнети со многубројни ангажмани, контакти, безброј работни часови и успеси на кои сум горд, оти не се само мој личен успех, туку и успех за нашата Македонија.
Речиси и да немам страв од непознатото затоа што имам желба да учам и да осознавам нови работи, нови искуства, а со тоа и да постигнувам нови успеси.
За професионализмот, за животот и за успехот
Од крајот на 2018 година Tашевски е повторно во „Нестле“, одговорен за корпоративниот развој на каналите на продажба за пазарите на Македонија и Косово. Тоа е нова функција во компанијата, воведена на глобално ниво, која има цел да ги подобри продажбата и достапноста на производите за потрошувачите.
Нескромно ќе биде да кажувам за моите квалитети, но сметам дека поседувам голем дел човечки особини што ме прават соодветен за оваа позиција. Не би менувал карактерни особини, но секогаш човек може да се надградува и да учи, секогаш е добредојдена конструктивна критика. Ако на човек не му укажете дека греши, тој секогаш ќе мисли дека правилно постапува. Сопругата понекогаш ме прекорува дека не знам да одбијам и да кажам не, ха-ха-ха...
Според Tашевски, секој што ќе се пронајде или препознае барем малку во тоа што му е понудено како нова позиција, работно место или функција, и смета дека ќе може да одговори на предизвикот, треба да го прифати без двоумење.
Се приближуваме кон крајот на разговорот. На прашањето што е најголемиот успех во досегашната кариера, соговорникот одговори: Секоја нова работа е успешна кога ќе се осознае и ќе се научи нешто ново. Во целото мое работно искуство имам постигнато успеси и секој поединечно ме водел до следниот успех. Иако економијата и дипломатијата одат рака под рака, економијата ми е прва љубов, но, сепак, мора да ја издвојам дипломатијата бидејќи огромна е честа да се претставува татковината, а особено сум горд што успешно го правев тоа. Како резултат на моите севкупни ангажмани, на крајот на мојот дипломатски мандат бев прогласен за најдобар амбасадор (заедно со амбасадорите на Црна Гора и Мексико) од вкупно 150 амбасади во ОАЕ, за што добив плакета со титула „Витез на честа“, истакнува тој.
Според Ташевски, клуч за неговиот успех се посветеноста во учењето, домаќинското работење, отвореноста и транспарентноста, лојалноста и тимската работа. Речиси и да немам страв од непознатото затоа што имам желба да учам и да осознавам нови работи, нови искуства, а со тоа и да постигнувам нови успеси. Верувам дека секој ден во кој нешто ќе научам е успешен ден, заклучува тој и додава дека сепак го издвојува учењето – детето што чита книги е идниот човек што размислува. И секако – знаењето треба да се споделува, со тие што сакаат да учат.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.