Локално

Сашо Димоски: Несериозна е доставата до дома за 2-3 дена

07 Apr 2020

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Како се справува транспортот и логистиката во време на кризата предизвикана од корона вирусот, кои се можностите за развој и кои мерки се потребни за поддршка на компаниите од овој сектор, зборувавме со Сашо Димоски, регионален менаџер и управител на филијалата „Гебрудер Вајс“ во Македонија.

Во каква состојба е транспортот откако се прогласи пандемијата со корона вирусот?

Транспортниот сектор се наоѓа во доста незавидна ситуација, од транспортот се очекува да остане крвотокот на сè, а од друга страна се соочува со дополнителни проблеми, ризици и предизвици од типот на затворени граници, аеродроми, драстично зголемени контроли, што најмногу влијае на динамиката на транспортот, т.е. намалување на фрекфенцијата, заради зголеменото транзитно време.

FMCG секторот момнтално е во бум, не сакам да звучам песимистички, но до кога? Мислиме ли на производството на храна? Развиените земји веќе се соочуваат со недостиг на работна сила во агросегментот, па се поставува прашањето кој ќе го храни FMCG сегментот?

Дали се очекуваат поголеми застои во транспортот и кои производи би биле првите на удар во поглед на нивното навремено дистрибуирање?

Како производи, не гледам дека одредени категоии би ги квалификувале како подложни на удар, освен медицинските материјали, поради трговските рестрикции моментално.

Навременото дистрибуирање зависи од соодносот на побарувачката и капацитетите на транспортот, со нагласок дека е логично очекување дека доставата дома (home delivery e терминот кој ние компаниски го употребуваме) ќе биде сè повеќе барана. За жал на домашниот пазар, таквата услуга е доста неразвиена, од аспект да провајдерите и трговците ја нудат со временски рамки на достава од  2-3 дена па нагоре, што мене лично ми е малку несериозно, испорака со курир, особено во ист град, не е 2-3 дена, можеби 2-3 часа, но сето ова се должи на недостиг на капацитети, знаење итн. На австрискиот пазар (Gebrüder Weiss е австриска компанија), нашата компанија е лидер во тој сегмент, со над 8 милиони домашни испораки годишно.

Застоите во транспортот ние ги гледаме од друга гледна точка, а тоа е драстично намалената активност на субјектите, први на удар се трговците, автоиндустријата, понатаму сите оние кои поради мерките на владите ширум светот безмалку ги прекинаа активностите. Сè повеќе компании, производствени, трговски, привремено ги затвораат бизнисите, не зборувам локално во Македонија, туку пошироко, што уште повеќе ќе го наруши и транспортниот баланс.

FMCG секторот момнтално е во бум, не сакам да звучам песимистички, но до кога… мислиме ли на производството на храна, развиените земји веќе се соочуваат со недостиг на работна сила во агросегментот, кој ќе го храни FMCG сегментот?

Дали како компанија се соочувате со проблеми со недостиг на возачи, ограничувања на транспортот и логистиката? Колку овие проблеми ќе имаат влијание врз работењето и во иднина?

Недостатокот на возачи не е нов проблем, тој само се продлабочи со корона кризата, со додатен психолошки ефект кај самите возачи, поради зголемениот ризик по сопственото и здравјето на блиските. Тој ќе претставува горчлив проблем и во иднина.

Транспортниот сектор би требало да биде прогласен како временски критичен сервис. Со најновите ограничувања кои се на сила од 8 април, дополнително ќе се ограничат фрекфенциите на транспортите, ќе се зголеми времето на достава, а со тоа ќе се зголемат трошоците кај веќе и онака погодениот сектор.

Досега се преземени некои мерки за подобрување на состојбата. Колку тие се доволни? Според Вас, што уште треба да се направи за да се поддржат транспортните компании?

Моментално, транспортните компании, покрај проблемот со транзитните времиња и возачи, се судруваат и со зголемени контроли, недоволни човечки капацитети кај царинските и инспекциските органи, сложени процедури на границите и покрај барањата на ИАТА (International Federation of Freight Forwarders Associations), за поедноставување на процедурите, олеснување при наплата на царински долгови и пролонгирање на гаранции, кои беа препратени и до локалните царински и инспекциски органи. За жал, во Македонија, колку и да ги цениме напорите на Царинската Управа и инспекциските органи, во практиката дигитализацијата е само на хартија, само бесполезен ПР би рекол од нивна страна. Времињата на процесирање се напротив зголемени, не само поради пандемијата, ситуацијата е стара веќе со години, со хартиени постапки, мануелни процедури, кои траат со денови. Мерките на една политичка партија, за намалување на платите на администрацијата на минимум, кои за среќа не наидоа на добар одзив, само ќе ја ескалираа ситуацијата со корупцијата, која ни оддалеку не е искоренета во државава, напротив...

Транспортиот сектор би требало, во условиве на вонредна состојба, да биде прогласен како временски критичен сервис, да бидат олеснети ограничувањата на движење, зошто и да не биде изземен од ограничувањата, во некоја мерка, бидејќи со најновите ограничувања кои се на сила од 8-ми април, дополнително ќе се ограничат фрекфенциите на транспортите, ќе се зголеми времето на достава, а со тоа ќе се зголемат трошоците кај веќе и онака погодениот сектор. Не ме нарекувајте хејтер (напротив, љубител на животни сум, голем), но ако во одлуките на Владата има место за домашните миленици, барем некој и за транспортниот сектор да помислеше и да напише нешто.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...