Локално

Јанинка Чупаркоска, „Кожувчанка“: Потрошувачите не можат да се измамат

21 Aug 2019

Јанинка Чупаркоска, генерален менаџер на „Кожувчанка“

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Јанинка Чупаркоска е жената која пред две години застана на лидерската позиција на „Кожувчанка“, продолжувајќи го работењето на компанијата и предводејќи ги инвестициите и новитетите. Во компанијата била раководител на секторите маркетинг и продажба, а денес, од позиција на генерален менаџер откри: Како и досега, ќе ги слушаме потрошувачите, ќе ги согледуваме недостатоците, ќе се насочиме кон долго постоење, задржување и проширување со цел наредно прославување на успешни 50 години, или век постоење.

Во разговорот со Чупаркоска ги откривме најголемите предизвици на компанијата во текот на досегашното работење, зборувавме и за новитетите со кои потрошувачите веќе се запознаа, но и за инвестициите и плановите што допрва ќе ги изненадат.

На позицијата генерален менаџер на „Кожувчанка“ сте неколку години. Со кои предизвици се соочивте при преземањето на функцијата?

„Кожувчанка“ од Кавадарци за нецела година ќе слави 25 години постоење и успешна работа. Мојата фамилија го почна овој бизнис, а со текот на работењето и постоењето од четврт век работите напредуваа, како и ние со нив. Татко ми и чичко ми ја создадоа „Кожувчанка“, а нејзин прв генерален менаџер беше мојот сега покоен татко. Него го наследи мојот брат, а јас го заменив него. Секако дека е голема одговорноста, постојат секојдневни предизвици, но сите ние сме упатени и дејствуваме во компанијата од самиот почеток, за сè се консултираме, соработуваме и дејствуваме најдобро што знаеме. Сега, со сите наши соработници сме една голема фамилија.

Поставивме нови стандарди на македонскиот пазар, претставуваме многу новитети, покажуваме точни насоки на функционирање кои сега не се само наши насоки, туку и на сите други во овој бизнис.

Кои се најголемите подеми, а кои најголемите падови на компанијата од 1995 година, откако функционира на македонскиот пазар?

Подемот се случува секојдневно затоа што „Кожувчанка“ како компанија се стреми секогаш кон унапредување и усовршување. Во текот на годините создадовме и вклучивме многу различни производи со кои е голем предизвик да се работи и соодветно да се пласираат на пазарот. Поставивме нови стандарди на македонскиот пазар, претставуваме многу новитети, покажуваме точни насоки на функционирање кои сега не се само наши насоки, туку и на сите други во овој бизнис. Секако, како лидери и поради сите овие работи се соочуваме и сме се соочувале со пречки, но никогаш тоа не нè довело до пад, туку сме добиле мотивација за натамошно, сигурно чекорење кон успехот.

„Кожувчанка“ е семеен бизнис. Кои се предностите, а кои недостатоците кога членови од семејството се и колеги од работа?

Ние сме фамилија Јанчеви, но сите ние на работа со сите вработени, колеги и соработници сме фамилија „Кожувчанка“! Посветеноста од сите нас се однесува кон нашата, заедничка „Кожувчанка“, недостатоците се коригираат со нашата, заедничка одлука.

Во портфолиото имате брендови од повеќе категории, од вода во шише, пиво, сокови, до производи од вино. Зошто се одлучивте за проширување во сите тие категории?

„Кожувчанка“ брои 8 бренда, секој од нив со голема екстензија од вкусови, тип на пијалаци и пакувања. Доколку не би се развивале, би стагнирале. Идејата за константен развој и проширување е идеја уште од создавањето на компанијата. Јас се надевам дека кон таа цел ќе се стремат сите идни генерации затоа што постоиме за потрошувачите, ги следиме трендовите и одговараме на потребите.

Нашето постоење од четвртина век ќе биде инвестиција и план за наредните неколку години.

На македонскиот пазар го лансиравте пивото Lifer, кои се плановите на компанијата за развој на овој бренд? Во која насока ќе одат следните инвестиции во нови брендови, што следно може да очекуваме?

Lifer е последното, ново чедо на „Кожувчанка“. Имаме можност првпат на пазарот да пласираме пиво кое е по светски стандарди, германска рецептура, создадено со нова, висока технологија на добивање непастеризирано пиво, кое е свежо полнето. Направивме инвестиција од 250.000 евра која не е само инвестиција на „Кожувчанка“ како компанија, туку инвестиција и во производ со совршен, балансиран вкус за кој сум сигурна дека ќе го препознаат потрошувачите и ќе го бараат понатаму во сите други пива.

Нашата следна инвестиција е имплементација на комплетно нова производствена линија за производство на лименки на која ќе се произведуваат сите наши брендови со исклучок на водите. Оваа наша инвестиција треба комплетно да ја завршиме на крајот на третиот квартал, при што во четвртиот сите наши нови производи во лименка треба да се најдат на полица.

Кога станува збор за дистрибутивната политика – како Ви е организирана
дистрибуцијата и кои се најсилните делови од земјава во поглед на продажбата на Вашите производи, а кои сè уште ги немате покриено?

Нешто на што сме доста горди е нашата дистрибутивна мрежа, која брои 19 дистрибутивни центри како посебни правни субјекти, но сите овластени и ексклузивни во достава само на нашите производи. Поставеноста и корелацијата се на највисоко ниво, а ја покриваме целокупната територија, сите објекти во нашата држава. Секој потрошувач за нас е важен, наша основна цел е да бидеме присутни насекаде.

Нашата следна инвестиција е имплементација на комплетно нова производствена линија за производство на лименки на која ќе се произведуваат сите наши брендови со исклучок на водите.

Како би ја опишале „борбата на полиците“ што ја водат брендовите од категориите што Вие ги произведувате?

Едни од најважните сегменти во FMCG-секторот денес се видливоста на производот и самата визуелност. Сите се бориме за дополнителна продажба, а тоа секако го правиме преку зголемување на позициите што ги имаме. Борбата не е лесна, особено ако се земе предвид фактот дека во нашиот асортиман имаме голем број лидери кои несомнено во својата категорија и нивниот оддел на изложување бараат сè поголем и поредовен мерчендајзинг. Оттаму се појавува и потребата за нови вработувања и инвестирање во мерчендајзинг, кој несомнено како сегмент во одделот продажба стана основна алатка за победа во како што вие ја нарекувате „борбата на полиците“.

Дали во текот на изминативе години сте биле доведени во ситуација
да размислите да направите компромис во поглед на квалитетот на производите за да добиете пониска цена?

Компромис во поглед на квалитетот никогаш не сме правеле, а нема ни да правиме. Квалитетот е нешто со кое не сакате да си „играте“. Не можете да го измамите потрошувачот. Затоа ние, менаџментот од „Кожувчанка“, одлучуваме да најдеме начин да бидеме достапни за потрошувачите така што ќе имаме цена која ќе биде соодветна на потрошувачката моќ кај нас, но никогаш за сметка на квалитетот. Тоа го потврдуваме и со второто по ред признание Best Buy за 2018 и 2019 година, кое се однесува на „Најдобар однос помеѓу цената и квалитетот“ на нашиот производ!

Кои се Вашите планови за следната година со оглед на тоа што е јубилејна година и прославувате 25 години постоење?

Нашето постоење од четвртина век ќе биде инвестиција и план за наредните неколку години. Не застануваме каде што сме сега, туку ќе продолжиме со надградување, подобрување и новитети. Како и досега, ќе ги слушаме потрошувачите, ќе ги согледуваме недостатоците, ќе се насочиме кон долго постоење, задржување и проширување со цел наредно прославување на успешни 50 години, или век постоење.

Според Вашето мислење, како ќе се развива трговијата во Македонија, сметате ли дека многу скоро е-трговијата ќе земе поголем замав?

Е-трговијата е иновација на современиот начин на живеење, секаде во светот е доста популарна, при што трансферот на стоки преку е-трговија од година на година сè повеќе се зголемува. Што се однесува до категоријата производи што ние ја работиме, односно категоријата безалкохолни и алкохолни пијалаци, сметам дека побавно ќе се развива овој сегмент на продажба.

Кои се бројките со кои го заокруживте првиот квартал годинава? Сметате ли дека годинава ќе ја завршите со подобри резултати од минатата, колкав е очекуваниот процент на пораст?

Основна цел на секоја компанија е пораст. „Кожувчанка“ како компанија со сите свои брендови секоја година има традиционален пораст на продажбата, па така и првиот квартал беше со очекувани позитивни резултати.

Иновациите во поглед на квалитетот и изгледот на производот, начинот на дистрибуција, нашиот партнерски карактер кон малопродажбата, акциските понуди на разновидни и разнолики производи, како и пуштање во производство на нови категории и производи со сигурност ќе нè однесат и до уште една успешно заокружена година.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...