Петнаесетгодишното постоење на „Везе Шари" е исполнето со напорно работење и со вложување во квалитетно производство и во нови проекти. По „Везе Шари", сопственикот Арбен Абдурахмани, инвестираше во изградба на фабрика за производство на месни преработки „Лекер", а синергијата на одржливото работење ја заокружи со отворањето на „Електро Шари" – првата биогасна централа. Суштината на неговото работење е во способноста да се препознаат можностите на еден пазар и визијата како тие максимално да се искористат, така што со помош на партнерите од Германија, тие се претвораат во реалност.
Со господинот Абрурахмани зборувавме за развојниот пат на компаниите, нивните најголеми досегашни успеси, како и за идните планови и очекувања.
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
Во која мера ги применивте искуствата што ги имате добиено од работењето во Германија и од Вашиот германски партнер?
Сите три компании се во косопственичка структура со моите партнери од Германија, семејството Семилер. Тие се „виновни" за мојот успех, затоа што кај нив го научив занаетот, кога работев на фарма за јајца. Откако поминав седум години во теоретско „печење" на занаетот и во стекнување практично искуство, добив желба да се вратам во родното место, село Требош, и тогаш одлучивме да инвестираме во фарма за јајца. Не го следевме примерот да отвориме мал капацитет и да почнеме да растеме, туку веднаш направивме голема фарма и почнавме со производство на јајца. Се разбира, во целокупното петнаесетгодишно постоење на „Везе шари", добиваме знаење и совети од нашите партнери од Германија околу процесот на работење, идеи за пласман на производите и за освојување нови пазари, помош во техничко-технолошкиот развој. Едноставно, семејството Семилер стана составен дел од мојот живот приватно, како и од мојот професионален ангажман.
Колкав процент од асортиманот на производи се пласира на македонскиот пазар, а колкав на странските пазари? Каде сè можат да се најдат вашите производи?
Како го проверувате квалитетот на производите, особено што јајцата и месните преработки се чувствителни? Дали имате сопствени лаборатории? Целосното производство на јајца и на месните производи се следи и се проверува од наши стручни лица вработени во „Везе Шари" и во „Лекер". Освен оваа внатрешна проверка, сите производи се проверени од надлежните институции на системот, задолжени за проверка на квалитет и за здрав производ. Потврда дека ги исполнуваме стандардите за продажба на светско ниво е соработката со американската армија, која веќе ја споменав. |
Изминатава година актуелни беа продажбата на неквалитетни увезени јајца и ситуацијата со бактеријата листерија. Како овие ситуации влијаеја на вашето работење? Според Вашето мислење, какви импликации имаше листеријата на работењето на месната индустрија воопшто?
Кога имате квалитетни производи, кои ги препознава јавноста, надворешните случувања малку влијаат врз одлуката на купувачите дали да купат одредени продукти. Ние сме задоволни и досега сме имуни на проблемите со кои се соочија многу наши колеги и пријатели во живинарството. Секако дека најголем предизвик е да се произведе здрава храна за луѓето. Мислам дека проблемот со листеријата предизвика последици во продажбата на производите на нашите колеги, но, од друга страна, секако дека секој мора да произведе квалитетен производ.
Обично, во „Лекер" колку време е потребно од идеја за лансирање на нов производ до поставувањето на новиот производ на полиците? Кои се најважните чекори во тој процес?
Сите процеси за лансирање нов производ имаат различно темпо. Не е точно ако кажам дека се потребни три месеци, една година или повеќе. Едноставно, сите фази од идеја до лансирање мора да бидат поминати, а тоа е пласирање идеја, нејзино прифаќање од менаџментот, процес на производство на првите производи, тестирање од институциите и од нашите лојални купувачи, давање име, пакување и целосно обликување на конкретен производ. Доколку успешно ги помине сите овие фази, се разбира, ќе се најде на полиците во маркетите.
Новата компанија „Електро Шари" нуди поинаков концепт на заштеда и за одржливост на работењето преку производство на струја. Какви беа почетоците, а какви се сегашните придобивки од работењето на оваа биогасна централа?
Со изградбата nа новата компанија „Електро Шари", која успешно работи веќе осум месеци, всушност го заокруживме нашиот процес на работење. Пилињата од фармата „Везе Шари", кои веќе поминуваат одредена старост, се колат и се преработува месото во фабриката „Лекер". Целото ѓубре, произведено од нашите кокошки, се користи за производство на струја во првата биогасна централа. Бидејќи немаме доволно материјал, ние земаме ѓубре од други фарми на индивидуалци или компании и го употребуваме во производството на струја. На овој начин, всушност, придонесуваме за заштита на животната средина и за решавање на еден горчлив проблем за жителите на тетовскиот регион. Струјата што ја произведуваме во „Електро Шари", веднаш се дистрибуира во системот на МЕПСО како еколошки произведена струја. Придобивките се солидни и од финансиски, но и од еколошки аспект.
Колку беше тешко да се впуштите во ваков тип инвестиции со оглед на тоа што во Македонија ваквото работење е нешто ново?
Ништо не е тешко доколку имате стратегија за развој и доколу имате можност да разменувате искуства со партнери што веќе го минале истиот процес. Иако во Македонија ова е нешто ново, сепак храбро одлучивме дека треба да бидеме првите што ќе го почнат производството на струја преку обновливи извори на енергија. Направените математики покажаа дека вреди да се инвестира во ваков капацитет и веќе компанијата е реалност.
Минатата година доделивте стипендии на најдобрите студенти, дали планирате и оваа година да продолжите со доделување нови стипендии? Дали планирате, можеби, вработување на стипендираните студенти по завршувањето на школувањето?
Кога си студент или ученик, секако, неопходна ти е секаква поддршка. Не секогаш станува збор само за финансии. Многу ученици и студенти доаѓаат во посета на нашите капацитети и практично гледаат како се работи и го визуелизираат она што го учат. Стипендиите имаат улога да го олеснат процесот на студирање на најдобрите студенти, кои треба да се фокусираат на учењето, без да бидат оптоварени со проблемот - пари. Секако, на овој начин, ние инвестираме во нашите идни колеги кои, можеби, ќе станат дел од производствените процеси во нашите три компании.
Каква е конкуренцијата на македонскиот пазар? Кои Ви се поголема конкуренција, домашните или увозните месни производи?
Отсекогаш велам дека ние немаме конкуренција, односно секогаш работиме со колеги и со пријатели. Тоа се компании што ни помагаат во нашиот развој и на некој начин, ни даваат мерливост за тоа до каде се наоѓаме на скалилото на успехот.
|
Доколку нашите капацитети во Македонија не се доволни да го нахранат населението, секако дека ќе има и увоз на месни производи, затоа што пазарот е либерализиран. И тука нема ништо лошо и проблематично. Напротив, тоа ни дава поттик да се развиваме и да докажеме дека сме поднебје каде може и се произведуваат квалитетни производи.
Гледате ли потенцијал за производите на „Везе Шари" и на „Лекер" во секторот хорека и што сметате дека е најголемиот потенцијал во овој сектор?
Доколку не гледаме потенцијал за развој и за уште поголемо освојување на пазарот, тогаш нема воопшто да инвестираме во овие капацитети. Ние постојано го зголемуваме производството, создаваме нови производи, го зголемуваме бројот на вработени, размислуваме за нови инвестиции. Едноставно, наш пазар е светот и синџирите на хорека-секторот. Освен што продаваме производи во малопродажба, ние соработуваме и со капацитети во делот на хотелиерството, рестораните и кетерингот. Има потенцијал за уште поголема соработка и „Везе Шари" и „Лекер" се отворени за секој што сака да соработува.
Какви се резултатите од работењето на трите компании: „Везе Шари", „Лекер" и „Електро Шари" во 2015 година, во споредба со 2014 година? Сметате ли дека има простор за подобрување и во кој дел од работењето?
Лично јас, но и моите партнери, сме задоволни од тоа како поминува 2015 година. Не само во споредба со лани, туку со целокупниот развој. Успешно ја завршуваме годината во сите сегменти – продажба, освојување нови пазари, зголемен број вработени, нови капацитети и идеи за нови инвестиции. Секогаш постои простор за подобрување во процесите на работа. Јас сум благодарен и на мерките што ги преземаат властите во Македонија затоа што овозможуваат бизнисот да расте и да созрева.
Во минатите речиси 15 години, преку многубројни инвестиции покажавте добар стратегиски пристап во работењето во Македонија. Кои нови инвестиции може да ги очекуваме во наредниот период? Какви се Вашите планови и очекувања за 2016 година?
Планови и идеи за нови инвестиции постојат. Секако, би ги оставил во сферата на изненадувањето за јавноста, но и за нашите вработени. Без добра економска политика во државата, без добар тим, без добра стратегија и без квалитет, не е можно да се напредува. Се разбира и без купувачи, на кои сакам да им изразам огромна благодарност што ни веруваат и ја даваат својата доверба со купување на нашите производи. Посакувам 2016 година да биде уште подобра од оваа година не само за нас како компании, туку и за целокупната економија во Македонија, но и во светски рамки. Квалитетот ќе го овозможи тоа.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.