Локално

Бојан Стоевски: Човекот учи додека е жив

20 Nov 2015
Бојан Стоевски, одговорен за трејд-сегментација за пазарите на Централна Европа, „Империал тобако"
 
Момчето што сакаше кога ќе порасне, да стане кошаркар во НБА-лигата, денес е дел од тимот што е одговорен за трејд-сегментацијата за пазарите во Централна Европа во „Империал тобако". Зад него се многубројни успешни проекти, кои се базираат на основните кошаркарски принципи – тимска работа, посветеност и желба за успех.
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk 
 
Комуникативен, иницијативен, фокусиран и посветен се само дел од атрибутите што можат да се прилепат кон професионалниот профил на Бојан Стоевски, кој од годинава е одговорен за трејд-сегментација за пазарите на Централна Европа во „Империал тобако". Во отворениот разговор со InStore, Бојан ги открива неговиот развоен пат во кариерата, предизвиците, клучните фактори за успехот... А, сè почнало со една искрена детска инспирација.

Како мал, тренирав кошарка и единствената желба ми беше кога ќе пораснам, да станам успешен кошаркар. Во тоа време, имавме можност да го гледаме најдобриот кошаркар на сите времиња – Мајкл Џордан и неговиот тим „Чикаго булс". Тоа за мене беше искуство што не може да се опише со зборови. Од денешен аспект, многу сум среќен што мојата генерација растеше во време на одлични спортисти, кои беа примери за сите нас, вели Бојан.
     
Биографски податоци                                                                                                                                   
Датум и место на раѓање: 6 мај 1985 година, Скопје
 
Образование:
  • Дипломиран економист по е-бизнис, „Св. Кирил и Методиј" – Скопје, (од 2004 до 2008 година);
  • Магистер на економски науки од областа на е-бизнис менаџмент, „Св. Кирил и Методиј" – Скопје, (од 2008 до 2010 година).
Кариера:
  • Извршен менаџер, „Стоби кеј", (од 2007 до 2012 година);
  • Коосновач и извршен менаџер, „Симплисити продакшн", (од 2009 до 2012 година);
  • Хорека-менаџер за Македонија, „Империал тобако ТКС", (од 2012 до 2013 година);
  • Mенаџер за развој на трејд-маркетинг, „Империал тобако Саутерн Балканс", (од 2013 до 2015 година).
Моментална функција:
  • Одговорен за трејд-сегментација за пазарите на Централна Европа (Чешка, Словачка, Унгарија и Австрија), „Империал тобако"
Брачна состојба: Неоженет, во врска.
 
Хоби: Гастрономија, патувања, трчање, сноубординг, читање професионална литература...
 
Паралелно со средношколските денови во „Васил Антевски-Дрен", од 16 години, тој станува активен и во ноќниот живот, т.е. во хорека-секторот. На почетокот, заедно со другарите организираат различни забави низ многу локали во Скопје и во Охрид, а подоцна, како дел од менаџерскиот тим на „Стоби кеј" („Картел кафе & клуб", „Клуб 69"), тоа прерасна во негова секојдневна работа. Истовремено, со еден од неговите најдобри другари, Бојан ја основа музичката продукција „Симплисити продакшн", која беше задолжена за музичката кариера на Тони Зен, а подоцна, одреден период, и на Тамара Тодевска.
 
Во тој период, не ни помислував дека работата ќе ме одведе во странство, но секогаш мечтаев за успешна кариера и посакував да студирам надвор од државата. Денес, многу сум горд што школувањето го завршив во Македонија, а кариерата ме одведе надвор од нејзините граници smiley, раскажува Бојан.
 
Првата средба со големата интернационална компанија во FMCG-индустријата, „Империал тобако", била на 20 февруари 2012 година: По препорака од најдобар другар, разбрав дека во компанијата е отворена позиција за хорека-менаџер во Македонија. Работата и позицијата ми изгледаа примамливи бидејќи добро го познавав каналот, но овојпат требаше да бидам од другата страна.
 
Во новонастанатата ситуација, Бојан како „џокер во ракав" ги има изградените релации со сите сопственици на хорека-објектите низ цела Македонија. Дополнителна предност е познавањето на искуството од спротивната страна и на пристапот кон каналот: Кога ја добив понудата за работа на оваа позиција, бев прилично среќен бидејќи се одлучив за промена. Тоа подоцна се покажа како правилен чекор во тој период од мојот живот. Она што постојано ми беше во мислите е дека морам да успеам да се приспособам, се сеќава тој.
 
По три години, следува понуда што не се одбива – второто големо унапредување во „Империал тобако" и преселба во „срцето на Европа" – Прага: Сега сум одговорен за трејд-сегментацијата за пазарите на Централна Европа – Чешка, Словачка, Унгарија и Австрија. Тоа ги подразбира сите оние активности што се насочени кон независниот трејд-сектор на овие пазари. Главен фокус ни се коминтентите, односно партнерите што ги дистрибуираат нашите производи до крајните купувачи. Ги имаме на располагање програмите за трејд-инвестирање, активација, и сè друго што ни е потребно за градење на односот со малопродажните трговци. Затоа што тие се најважни за нас!
 
Истовремено, најголемиот предизвик во Чешка за Бојан бил, и сè уште е, брзото приспособување кон тамошната култура и кон менталитетот и изградбата на квалитетен однос со колегите: Тешки моменти секогаш постојат, меѓутоа позначајно е прашањето дали сме подготвени да ги надминеме и што треба да направиме? Ако на Чесите им е тешко да научат англиски јазик, мене не ми е да го научам нивниот smiley. Сè друго се совладува многу лесно. Само треба да бидете фокусирани и да сакате да успеете!
 
На прашањето дали нешто му недостига на Бојан во Прага, тој со носталгичен тон одговори: Секако, моето семејство, девојката и другарите, но повторно, со нескриен оптимизам продолжува: Моментално целосно сум посветен на работата и на тоа што е можно побргу мојата девојка да ми се придружи!
 
Што би им препорачале на колегите на кои ќе им се укаже можност да добијат функција надвор од Македонија?Ова е индивидуално прашање. Она што е позначајно е дали секој е подготвен да направи чекор и може ли да се носи со сè што следува? Секому би му препорачал промена бидејќи е здрава за секоја индивидуа, но треба да се анализираат и други фактори пред да се донесе конечната одлука.
 
За професионализмот, за успехот (и за животот)
 
Според Бојан, успешниот професионалец треба да биде добар тимски играч, со одлични комуникациски вештини, полн со иницијативи, да сака да учи и да слуша... и листата останува отворена. За неговите квалитети што го карактеризираат како успешен во работата, тој вели: За тоа, најдобро би било да кажат мојот претпоставен и моите соработници и колеги. Она што мене ми е најзначајно, е што сакам да добијам фидбек, без разлика дали тој е добар или лош и да пронајдам начин како на тоа можам да влијаам. Добрите менаџери не се препознаваат само кога ќе застанат зад успехот, туку и во моментите кога ќе се донесе погрешна одлука и ќе преземат одговорност. Затоа и наоѓаат решенија.
                               
Го прашавме дали, ако има можност, би променил одредена бизнис-одлука што ја донел, а тој аналитично одговори: Сè уште не верувам дека сум донел бизнис-одлука за која жалам или би сакал да ја променам. Пред да донесете одлука, многу е значајно темелно да ја скенирате целата ситуација и да имате јасна слика што треба да правите, бидејќи импулсивните одлуки понекогаш се добри, но не секогаш имаат добар крај.
 
Што сметате за свој најголем успех во кариерата?
Се гордеам со досегашниот развој на мојата кариера и со многубројните успешни проекти што настанаа како резултат на тимска работа, посветеност и на желба за успех.

Според Бојан, секое поучно искуство е здраво, без разлика дали е позитивно или негативно: Секој може да згреши или да не донесе правилна одлука, но тоа не треба да се повтори. Човекот учи додека е жив! Тој продолжува по патеките на кариерата: Каде точно ќе ме одведе професијата, не знам, но знам дека имам јасни амбиции и цели за следните 10 години, а тоа не е Македонија.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...