Последниве две пандемски години се огромен предизвик за секој во секоја област, а најголем проблем се непредвидливите ситуации и промените што настануваат на дневно ниво
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Викторија Шотароска-Трајкова, дипломиран инженер технолог, ја гради професионалната кариера во „П.И.К.Ко“ – Македонија повеќе од 18 години. Почнува во 2002 година како комерцијалист, во 2004 година доаѓа на позицијата комерцијален менаџер, а од 2008 година е извршен директор во „П.И.К.Ко“ – Македонија и регионален менаџер за „П.И.К.Ко“ во Косово и во Албанија. Како што вели таа, во колективот неколку епитети се на пиедестал – меѓусебната доверба, поддршката и отворената комуникација.
Сметам дека не сум само менаџер што делегира и контролира, туку и дека сум лидер што го води и мотивира тимот. Верувам дека и тимот би го потврдил тоа поради мојата постојана вклученост во работните процеси и огромната љубов кон работата. Само на ваков начин успеваме да задржиме мотивира на позитивна атмосфера во рамките на колективот, пред сè добро завршена работа и задоволни клиенти за кои секако постоиме, вели Шотароска-Трајкова.
Повод за нашиот разговор е 20-годишниот јубилеј на „П.И.К.Ко“ – Македонија.
„П.И.К.Ко“ во Македонија работи од 2001 година. Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте во досегашното работење?
„П.И.К.Ко“ – Македонија годинава прославува 20 години посветено работење на нашиот пазар. Не велам постоење, туку свесно нагласувам посветено работење затоа што навистина тоа е најважната причина да креираме успешна приказна што е препознаена и од клиентите и од партнерите, доставувачи на суровини. Во текот на овие 20 години имаше многу предизвици, надворешни и внатрешни фактори што ни се попречуваа на патот.Уште во 2001 година, почетоците беа многу неизвесни, пред сe, поради тогашната политичка состојба во државата и внатрешниот конфликт. Во 2008 година, токму во период на внатрешни промени во компанијата, почна светската економска рецесија која предизвика многу турбуленции што ги почувствувавме. Направивме внатрешни промени, реструктурирање, прецизни планови за продажба и многу внимателно смислена набавка на стока за да немаме за- творање на финансиски средства. Тоа беше една од најтешките години, но затоа 2009 беше година за славење, кога имавме одлични резултати што нe мотивираа да продолжиме со истото темпо. Новата светска пандемска криза беше и сe уште е предизвик за сите нас. Имајќи ги предвид условите, сепак, овие две години генерираме одлични резултати, со што потврдивме дека сме мастери во областа во која работиме.
Какви беа условите за работа на почетоците? Колку начинот на набавка на суровините се промени за 20 години, колку глобализацијата го олесни пристапот до нив? Колку Македонија законски има придонесено за тие суровини полесно да се увезат?
Многу нешта се драстично изменети, односно се менуваа во текот на овој релативно долг период. На почетокот 95 отсто од работењето ни беше целосно зависно од нашата матична компанија, најголем дел од суровините ги снабдувавме преку „П.И.К.Ко“ – Бугарија и исклучиво ги користевме нивните договори со доставувачите на суровини.
Тогаш тоа беше единствениот, но и најдобар начин на работење, земајќи го предвид нашиот мал, млад и неискусен тим во „П.И.К.Ко“ – Македонија. По само неколку години нештата драстично се изменија. Како што растевме и се развиваме по број на клиенти, бројот на суровини во нашето портфолио постојано се зголемуваше, но и нивните количества. Веќе бевме доволно моќни и големи да бидеме достојни директни партнери на светските производители на суровини. Соодветно на тоа, станавме и поатрактивни во делот на ценовната политика како прва рака дистрибутери на локалниот пазар.
Кога локалните производители развиваат нов продукт, неизбежно нè контактираат за листата со суровини со кои треба да се снабдат за да ги направат соодветните лабораториски или индустриски проби.
Во целиот процес имаа големо влијание и светските трендови. Глобализацијата не беше секогаш позитивен фактор – спојувањата на светските компании претставуваа голем предизвик за нас. Понекогаш со конкретна аквизиција меѓу две компании губевме значајни меѓусебни договори од постојните партнери, а понекогаш, со нивното спојување добивавме нов сериозен доставувач на суровини. Олеснителниот фактор во целиот тој процес на промени е големината на „П.И.К.Ко“ како корпорација застапена насекаде на Балканот. Со тоа, за секој сериозен светски производител на суровини сме желба и предизвик да бидеме негов дистрибутер за регионов, односно секаде каде што постоиме. Што се однесува до македонските закони, како фирма во држава што не е членка на ЕУ се соочуваме со многу документациски проблеми, како за увоз така и за извоз. Огромен олеснителен фактор е размената на стоки меѓу земјите од ЦЕФТА. Билатерални договори очајно ни се потребни за увоз на стоки/суровини од Украина и од Турција, на пример, во спротивно, поради неприфатениот ЕУР1 документ за ослободување од царина, плаќаме царини на сите ставки увезени од овие земји. Големо олеснување од 2015 година има со
спроведувањето на новиот компјутеризиран транзитен систем – НКТС, со кој се овозможува полесно и поевтино движење на стоките, како и поедноставни и побрзи царински формалности.
Колку работата на „П.И.К.Ко“ во Македонија денес е независна од работата на матичната компанија во Бугарија? Дали имате строги правила за работа или имате слобода за спроведување одредени бизнис-активности во согласност со очекувањата на пазарот?
Почетоците беа исклучиво врзани со нашата матична компанија, која во времето кога ние стартувавме работеше 15 години. Искуството на голем пазар како што е бугарскиот беше неминовен фактор за да се користат човечките ресурси, знаењето, технолошката поддршка и финансискатамоќ на фирма-мајка. Како одминуваа годините, нашиот тим растеше и се развиваше, постепено стануваше тим на врвни професионалци кои знаеја да се справат со
сите предизвици. Јасно беше дека доколку сакаме да бидеме успешни, мора да креираме сопствена локална стратегија за дејствување според барањата, вредностите и верувањата на нашите клиенти. Таа стратегија за овие 20 години се покажа како успешна и ја спроведуваме и на другите два пазари, Косово и Албанија, каде што „П.И.К.Ко“ има канцеларии и складови, кои логистички, комерцијално и технолошки ги раководиме од канцеларијата во Македонија, но, сепак, според нивни локални правила на дејствување.
Како се снаоѓате кога има глобален недостиг на одредена суровина? Дали тоа се случи за време на пандемијата и како го надминавте?
Последниве две пандемски години се огромен предизвик за секој во секоја област, а најголем проблем се непредвидливите ситуации и промените што настануваат на дневно ниво. Ако досега се сe сведуваше на годишни буџети и петгодишни бизнис-стратегии и планови, сега се прават ребаланси и промени на неделно, па и на дневно ниво.
Најголемиот проблем е екстремното покачување на цените на суровините, предизвикано од два фактора – покачувањето на базичната цена поради недостиг на основната суровина (од различни причини) и покачувањето на транспортот, пред сe, на бродскиот. За да не застанеме и да го обезбедуваме пазарот беспрекорно, бараме и наоѓаме европски и регионални алтернативи на суровини, со кои засега успешно ги покриваме локалните потреби. Повторно ќе го споменам бенефитот од големата корпорација, присутна во повеќето држави во регионов.
Тоа што треба да го очекуваме е покачувањето на цените во следниот период на сите прехранбени артикли, што веќе почна во изминативе неколку месеци.
Колкав е вкупниот број на вработени и кои оддели функционираат во рамките на „П.И.К.Ко“ – Македонија? Каков е пазарот на труд, колку е лесно денес да се најдат работници и да се задржат?
Во текот на целиот период „П.И.К.Ко“ растеше и се развиваше во континуитет. Порастот и развојот се резултат на упорното и фокусирано работење на целиот тим, кој денес брои 26 вредни и посветени вработени. Нашиот трговски оддел е составен од технолози комерцијалисти, кои секојдневно се во контакт со клиентите. Без разлика на големината и потенцијалот, сите клиенти имаат најпрофесионален третман од продажниот тим. Покрај овој водечки оддел во компанијата, секојдневното динамично работење не може да се замисли без одделот логистика, кој преговарајќи со агентите и транспортните компании, мора да ги обезбеди најдобрите цени и се грижи за беспрекорното пристигнување на стоката по морски или копнен пат, проследено со целосната потребна документација. Тука
се надоврзува и одделот шпедиција, кој е многу важна алка при увоз на нарачаната стока. Работењето не би било толку ефикасно и професионално без колегите од финансии и правниот сектор. Складирањето на стоката на најсоодветни услови е благодарение на колегите од магацин, кои имаат навистина секојдневна макотрпна работа. Со цел да ги задоволиме барањата на клиентите, креиравме и наменски производи во нашето локално производство, кои се уникатни и создадени според потребите за подобрување на квалитетот на одредени производи. Тимот технолози комерцијалисти, заедно со колегите технолози од производство се целосно посветени и одговорни за овој дел.
Пазарот на труд е многу променлив во изминативе години, турбуленциите се чувствуваат и кај нас. Според мене, човечкиот ресурс е најважниот во создавањето една успешна приказна што ќе трае и затоа, на различен начин инвестираме во човечките ресурси. За да се реализира сето ова што низ годините го градевме на најпрофесионален начин, беа потребни интерни луѓе и вработени во компанијата кои ќе го следа процесот од почеток до крај.
Македонските производители на производи од Вас се снабдуваат со суровини, но дали меѓу нив има и производители на суровини од кои Вие се снабдувате?
За жал, во Македонија реално нема производители на суровини. Тоа што постои е производство на полуфабрикати со многу мал капацитет. Тие компании засега успеваат самостојно да ја пласираат програмата што ја произведуваат и не им е потребна помош од дистрибутер како нас. Секако, имајќи предвид дека сме снабдувач на суровини и кај нив, имаме интерес да го поддржиме нивниот пласман и би ја прошириле соработката.
Дали гледате конкуренција на македонскиот пазар?
Има сериозни компании увозници и трговци на суровини, и локални и интернационални, а низ годините таа бројка се зголемува. Секогаш е добредојдена лојална и професионална конкуренција, која и нас нe прави поборбени, поиновативни и попрофесионални. Зголемувањето на бројот на локалните играчи на пазарот – трговци со суровини, укажува на фактот дека локалните производители од сите области постојано растат и се прошируваат со портфолиото и со бројот на пазарите на кои пласираат. Тоа е одлична можност за сите нас како учесници во овој бизнис.
Кои сe стандарди ги имате имплементирано?
Поради потребите за организирано документациско работење, уште од почетокот го имплементиравме и се сертифициравме според ISO 9001. Прехранбениот сектор, особено кондиторската индустрија, со голем замав ги освојува светските пазари, па за да бидеме во чекор со нашите клиенти, имплементиравме HACCP, кој во 2008 година го интегриравме со ISO 9001 и добивме сертификат по ISO 22000:2005, со кој го потврдивме системот за безбедност на храна. Во 2011 година бевме една од трите македонски компании што први добија Halal сертификат на нашиот пазар. Во 2018 година се стекнавме со сертификатот „Exellent SME Macedonia“, од Стопанската комора на Македонија. Во 2020 година го об- новивме сертификат ISO 22000 според најновите барања од 2018 година, и заклучно со оваа измена, сметаме дека засега ги задоволуваме локалните и светските барања.
Креиравме и наменски производи во нашето локално производство, кои се уникатни и создадени според потребите за подобрување на квалитетот на одредени производи.
Имате широко портфолио на суровини и функционални додатоци за производство на храна, пијалаци и други суровини за лесната хемиска индустрија. Дали планирате да воведете суровини за категории што досега ги нема во Вашето портфолио?
Портфолиото ни е навистина опсежно, имаме повеќе од 1.500 видови суровини, од кои повеќето во континуитет ги имаме во складот во Скопје. За некои од нив имаме и алтернативни видови. Присутни сме на повеќето од саемите на кои производителите на суровини ги промовираат новитетите, така што во тек сме со трендовите на прехранбената индустрија во светот. Кога локалните производители развиваат нов продукт, неизбежно нe контактираат за листата на суровини со кои треба да се снабдат за да ги направат соодветните лабораториски или индустриски проби.
Реално, со леснотија може да обезбедиме речиси сe, имајќи ги предвид и развојните проекти што во континуитет ги има „П.И.К.Ко“ – Бугарија. Во нашиот произ- водствен погон постојано се прават иновации и „custom made“ производи, кои реално се нови развојни проекти за сите области на прехранбената индустрија.
На што ново работите во моментов, кои се Вашите идни планови?
За да ја задржиме иновативноста и да ја развиваме и адаптираме според потребите и барањата на клиентите, планираме да продолжиме да развиваме нови производи – наменски за клиентите. Продолжуваме да бидеме беспрекорна, иновативна и максимално флексибилна поддршка за клиентите на македонскиот, косовскиот и на албанскиот пазар. Секогаш подготвени да ги споделиме знаењето и иновациите, со цел да придонесеме за нивната идеја за производ да стане реалност. Досегашниот успех посакуваме двојно да го зголемиме во следните две децении и заедно со клиентите да продолжиме да растеме и да се развиваме.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.