Локално

Резеарта Малиќи: Предизвиците се можност за пораст

16 дек 2020

*Интервјуто е направено во октомври и е објавено во ноемврискиот број на InStore.

Резеарта Малиќи, косопственик и член на бордот на директори на групацијата „Гемак“

„Гемак“ може да се пофали со успешното тридецениско работење, период во кој компанијата го проширува работењето во повеќе различни индустрии, како што се трговијата и дистрибуцијата, телекомуникациите, недвижностите и угостителството во земјава и во странство (Косово и Албанија).

Приказната продолжуваат да ја пишуваат децата на основачот Енвер Малиќи и токму затоа разговаравме со Резеарта Малиќи, косопственик и член на бордот на директори во групацијата „Гемак“. Со неа, освен за начинот на работа во минатото, зборувавме како да се надминат предизвиците, како овој со кој се соочуваме денес. Според неа, секогаш е време за паметни инвестиции и токму поради тоа компанијата ќе продолжи со вложувања во повеќе сегменти од работењето.  

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Успешната приказна на „Гемак“ почнува пред 30 години. Која е тајната на успешното работење на компанијата? Со какви предизвици се имате соочено во изминативе години?

Приказната на „Гемак“ почнува пред 30 години и како и во секоја приказна, така и оваа има своја уникатна и единствена патека. Зад секоја патека има човек со визија кој ја изодел, а во „Гемак“ тоа е мојот татко Енвер Малиќи. Тој е нашата инспирација при работењето, човек кој нè научи да не гледаме проблеми и пречки, туку предизвици и можности. Впрочем, неговата визија е и ден-денес визија на компанијата „Гемак“, а тајната на успешноста е токму во континуираноста и посветеноста во работењето и создавањето нови бизнис-можности со цел одржлив развој на компанијата. Така, повеќе од 30 години групацијата „Малиќи“ постигнува успех создавајќи многубројни компании од различни индустрии, како во Македонија така и во Косово и Албанија, предводени од иновации и храброст и интегритет.

Секое време си има свои предизвици. Никогаш нема лошо време за паметни инвестиции и оптимално проширување на портфолиото.

Кој бренд почнавте прво да го дистрибуирате и на кој начин се прошируваше портфолиото? Што треба да има една компанија за да стане ваш партнер?

Почетоците на „Гемак“ датираат од 1991 година кога компанијата ја почнува својата основна дејност трговија, увоз и дистрибуција на електрични апарати, како и акцизни производи, вклучувајќи и Duty Free бизнис кој во тоа време постоеше.

Во 1994 година „Гемак“ се реорганизира во дистрибутерска куќа, а прв бренд за кој нашата компанија беше, а и ден-денес е застапник е брендот Davidoff. Некаде во исто време потпишавме договор за застапништво и со тогашната компанија „Јунајтед дистилерс“, денешна „Дијаџио“, со што на почетокот станавме застапници на брендовите Johnnie Walker, Baileys, Cardhu и Dimple. По ослободувањето на пазарот за трговија со склучувањето на ЦЕФТА во 1998 година, „Гемак“ станува првата компанија што работи увоз и дистрибуција на акцизни стоки и работи директна дистрибуција за ваков тип производи и стоки.

Уште од почетоците на нашето работење многу ни беше битно со кои светски брендови работиме, беше тешко да ги добиеме, а уште потешко да ја оправдаме нивната доверба, како што успеавме во континуитет 30 години. Најчесто визиите на нивните брендови се поклопуваат со нашите или обратно, но секако имаме заедничка цел и гледаме потенцијал за нивен развој во согласност со современите трендови.

Годинава и покрај кризата имате нови членови во големото семејство брендови: Giffard и Doncafé. Дали сега е време за проширување на портфолиото, за нови партнерства и воопшто за инвестиции?

Секое време си има свои предизвици, некои поголеми - некои помали, но никогаш нема лошо време за паметни инвестиции и оптимално проширување на портфолиото. Кога велиме паметни, мислиме на претходно детално истражување на пазарот, можностите и ограничувањата и внимателни издржани проекции на краток и на долг рок, што досега се покажало како успешна практика, секако, надополнето со она што ни го испорачуваат како глас нашите консументи и клиенти. Годинава почнавме со работа со францускиот бренд Giffard, еден од најпрепознатливите висококвалитетни производители на сирупи и ликери во светот. Со компаниите: израелската „Страус груп“, италијанската „Фава Бибите“ и бугарската „Мексон“ почнавме при крајот на минатата година и практично со нивните брендови - добро познатиот Doncafé, премиум тониците Imperdibile и суперквалитетните производи за домаќинство Mexon - во моментов ја заокружуваме првата година од успешното лансирање на македонскиот пазар.

Кои од каналите на продажба заземат најголем удел во целокупниот промет на „Гемак“? Што значи за Вас навремена достава на стока и кој е периодот на толеранција на доцнење?

Сите канали на продажба ни се еднакво важни и со исто внимание им пристапуваме во секојдневното работење. Одредени производи имаат свои карактеристики и се специфични за одреден канал на продажба, на пример, цигарите и кафето како импулсивни производи во ТТ-каналот, алкохолот во хорека-каналот и МТ-каналот (големите синџири продавници) итн. Интересно е што најмал удел во продажбата очекувано сè уште има онлајн-продажбата, но тој канал за нас не е помалку битен од останатите.

Навремената достава на стока е главниот индикатор за нас како дистрибутерска куќа и претставува секојдневна оптимизација на процесите на работење во сите оддели од компанијата. Се разбира, технологијата и интегрираните софтверски решенија за мониторирање на овие процеси се главната алатка за зголемување на ефикасна и навремена достава на нашите производи до клиентите. Со вака поставените цели успеваме да реализираме претпродажба во рок од 24 часа, која за одредени производи е навистина голем бенефит за нашите лојални клиенти, кои максимално се трудиме да ги задоволиме и никогаш да не ги оставиме без нашите производи.

Дистрибутивната мрежа на „Гемак“ покрива 90% од македонскиот пазар. На кој начин е организирана и дали ги следите технолошките трендови во поглед на магацинското и дистрибутивното работење?

„Гемак“ поседува главен дистрибутивен центар во Скопје и 3 помошни дистрибутивни центри во Битола, Охрид и во Струмица, од кои ги дистрибуира своите производи директно до своите клиенти. Исто така, „Гемак“ има и индиректна продажба преку гросисти со кои се снабдува дел од хорека-секторот, потоа малопродажбата и дел од специјализираните продавници.

Следењето на технолошките трендови и современите услови на работење што се карактеризираат со изразени промени во опкружувањето бараат многу повеќе од релевантни информации и претставуваат многу значајна поддршка на нашиот менаџмент во сите фази на процесот на донесувањето одлуки. Користењето на современите софтверски системи, како и целиот автоматизиран процес на работење на сите нивоа во компанијата придонесува за нашето ефикасно работење.

Либерализацијата е добра за сите, но треба да се направи разлика од неа и сивата економија која ни штети. Само државата со построги законски акти и мерки може да го коригира и контролира ова.

Како гледате на тенденцијата големите синџири маркети да отвораат сопствени дистрибутивни центри? Сметате ли дека тоа за брзо време ќе стане практика кај нас?

Засега ова не е толку изразено кај нас и сè уште се само почетоци за разлика од тоа што се случува во светски рамки. Од аспект на намалување на трошоци во поглед на залихите на производите, секако е придобивка за нас, но услугата што ја нудиме ние не е само достава на производите од точка А до точка Б, туку вклучува и оптимизација и максимално ефикасно искористување на производите при позиционирање на секое различно продажно место, мерчендајзингот. Нашата експертиза и искуство во тој поглед се многу позначајни за нашите партнери отколку заштедата направена со работењето на големите синџири со централен магацин.

Дали се соочувате со паралелен увоз на производите на нашиот пазар со оглед на големото портфолио производи?

Со либерализација на пазарот во Македонија, со оглед на тоа што сме увозници на едни од светски најпрепознатливите и популарни брендови, оваа појава беше и е очекувана за нас. Со паралелниот увоз уште повеќе се истакна дека „Гемак“ е најдоверливиот партнер првенствено поради нашата посветеност, професионалност и квалитет на услуги кои нашите соработници ги препознаваат и вреднуваат. Либерализацијата е добра за нас, за потрошувачите, за конкурентскиот пазар, но треба да се направи разлика од неа и сивата економија, која ни штети на сите, а верувам дека само државата со построги законски акти и мерки може да го коригира и контролира ова.

Како влијаеше ситуацијата со коронавирусот врз работењето на „Гемак“? Кои чекори ги презедовте и ќе ги преземете во иднина?

Оваа ситуација, иако имаше негативно влијание врз економијата во глобала, нè сплоти уште повеќе како тим, станавме посилни затоа што ги поминавме сите пречки и искушенија заедно. Тоа што ни беше важно како приоритети се добросостојбата и здравјето на вработените, затоа доследно ги почитувавме сите мерки и препораки. И дополнителнo - го доискористивме овој период за да се надградиме и индивидуално и како дел од корпорациската култура на „Гемак“.

Паралелно работевме на адаптирање на процесите согласно потребите и однесувањата на пазарот, се насочивме на каналите на продажба што функционираа. Отворивме сопствена е-продавница, но и посветивме поголема енергија и ресурси на е-продажбата во Македонија воопшто, канал кој поттикнат од пандемијата значително го забрза својот и онака неминовен природен пораст.

Колку подолго трае пандемијата, толку повеќе се навикнуваме на новото нормално и го прифаќаме како начин на живеење.

Голем дел од работењето на групацијата е фокусирано на угостителство, кое доживеа најсилен удар. На кој начин планирате да се одвива закрепнувањето и колку време ќе треба за воопшто да закрепне хорека-секторот?

Невозможно е да се прогнозира тоа, искрено прашање е дали воопшто некогаш ќе се вратиме на истиот начин на живеење како пред пандемијата. Мислам дека колку подолго трае пандемијата, толку повеќе се навикнуваме на новото нормално и го прифаќаме како начин на живеење. Не сум песимист, напротив, верувам дека пандемијата нè промени, не е како криза на берза, па по една година пазарите се стабилизираат, туку се создадоа нови навики кај луѓето кои ги променија нивните начини на живеење, купување, луѓето се свртеа повеќе кон себе, имаат поголема лична грижа за своето и за здравјето на најблиските... Од друга страна, закрепнувањето на економијата во голема мера зависи и од државата, какви мерки и чекори ќе преземе таа со цел овие погодени сектори побрзо да закрепнат.

Какви се досегашните финансиски резултати од работењето на „Гемак“ и како се очекува да ја завршите годинава? Кои се плановите за наредната, на што ново работите во моментов?

Согласно ситуацијата, кога еден од главните канали за продажба е сериозно погоден, очекувано е да ја завршиме годината со пад на продажбата, а со тоа и на севкупниот нето-профит на компанијата, но сепак и тој резултат го сметаме за успех во овие околности.  За да ги постигнеме овие резултати во оваа турбулентна и крајно неизвесна година, моравме да се надминеме себеси, да одговориме на новите потреби на нашите соработници, на новите навики на потрошувачите и да промениме многу внатрешни процеси кои до пред пандемијата функционираа. И не застануваме тука, ниту еден наш план за во иднина не е ставен на чекање, па така во текот на следната година планирана е инвестиција и изградба на нови магацински простори од 3.500 м², проширување на портфолиото со нови принципали, домашни и странски светски познати брендови и секако ќе посветиме поголема енергија на e-продажбата, канал кој поттикнат од пандемијата значително го забрза својот природен пораст и во кој сакаме да се позиционираме како лидери во нашиот сегмент.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Висар Јакупи, „Киппер“: Вработените се вистинските херои на успешната приказна

29 апр 2020

Ванчо Постоловски: Следењето на трендовите и иновациите ни се движечка сила

29 апр 2020

Драган Јосифовски, Paket.mk: Ја јакнеме лидерската позиција

29 апр 2020

Марио Мирсинов: Квалитетот и пристапните цени ни отвораат нови пазари

29 апр 2020

Симе Станчески и Горан Цуцулески: Традиционални производи и за новите генерации

29 апр 2020

Слободан Кутревски: Поголем пласман на домашните производи - ветер во грб за сите нас

29 апр 2020
Вчитува уште новости...