Анализи

„Фајнанс тинк“: Три четвртини од вработените и компаниите погодени од корона

22 Apr 2020

Три четвртини од вработените и компаниите во Северна Македонија се погодени од економската криза предизвикана од ширењето на Ковид-19. Состојбата кај самовработените и микро-бизнисите е дополнително критична.

Најчест механизам што го примениле работодавачите за приспособувањето на корона-кризата е намалување на платата и прекинување на секакви дополнителни исплати. Невработените изгубиле надеж дека ќе најдат работа, а доходот во нивното домаќинство се намалил. Ова се дел од резултатите добиени од интернет-анкетата спроведена од „Фајнанс тинк“ во периодот од 6 до 14 април 2020 година, на хетероген примерок од 520 испитаници

Според резултатите од анкетата, повремените приходи прекинале кај невработени со инцидентни работни ангажмани. Најголем дел од  населението може да издржи најмногу до три месеци во тековните економски околности, а главниот механизам за справување со економската криза е сведување на потрошувачката на минимум.

75,9% од испитаниците одговориле дека компанијата во која работат е погодена од корона-кризата. Со анкетата се испитуваа перцепциите на граѓаните, за одбележување е и дека 12,8% од испитаниците одговориле дека не знаат дали корона-кризата ја погодила компанијата во која работат. Од испитаниците кои одговориле дека компанијата во која работат е погодена од корона кризата, голем дел одговориле дека тоа е поради мерките на државата со кои се наложи затворање на одредени компании (на пример, компании од малопродажбата кои оперираат во трговските центри) и/или затоа што нивниот промет значително опаднал.

Значаен е и процентот на компаниите кои имале проблем да ги пласираат своите производи, и тоа најчесто се однесува на извозно-ориентираните компании, чиј пласман беше откажан од купувачите (вклучително и од компаниите мајки) во странство и/или кои беа засегнати од отежнатиот транспорт.

Поважниот економски ефект од корона-кризата, кога тој се мери од перспектива на вработените, е како таа се одразила врз нивниот работен однос. 78,3% од вработените одговориле дека со корона-кризата се погодени лично. Најчесто работодавачите на кризата одговориле со намалување на платата на вработените (25,6%), но одговори од слична големина се и соопштувањето дека веројатно ќе следува намалување на платите и/или отпуштања, како и запирањето на дополнителните примања. Ова покажува дека првиот одговор на работодавачите на корона-кризата веројатно не бил отпуштање работници. Сепак, 10,8% од вработените одговориле дека биле отпуштени од работа.

90% од самовработените се погодени од ширењето на Ковид-19

За разлика од вработените, самовработените (без оглед дали станува збор за самостоен вршител на дејност или самовработен кој вработува и други лица), се особено тешко погодени од корона-кризата, со оглед дека 89% од нив изјавиле дека таа го погодила нивниот микро-бизнис. Микро-бизнисите се соочиле со значаен пад на прометот (54,9%), и/или со привремено затворање (49,3%). Значаен дел од микро-бизнисите посегнале по заштеди (18,3%).

Извор: „Фајнанс тинк“



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...