Анализи

ИГД: Прогнози за азискиот малопродажен пазар во 2020 година

25 Mar 2020

(анализата е објавена во мартовскиот број на печатеното издание на InStore)

Големината на азискиот пазар, темпото на иновации и изгледите за пораст го прават овој регион еден од највозбудливите пазари за производи за широка потрошувачка на глобално ниво.

Автор: Ник Мајлс, раководител на Азиско-пацифичкиот Регион, ИГД

ИГД постојано следи како трговците бараат начини да ги задоволат потребите на современиот купувач кој брзо се менува, нудејќи ултрапогодни решенија, инвестирајќи во партнерства за развој на купувањето преку интернет, користејќи ги социјалните медиуми за управување со продажбата, трансформирајќи ги физичките продавници со нови технологии и помагајќи им на купувачите да живеат поздрав живот.

Многу од тие трендови ќе продолжат да се развиваат годинава, а ќе се појавуваат и нови. Во овој текст се прикажани петте клучни тренда кои очекуваме дека ќе го обликуваат азискиот пазар годинава и ќе влијаат врз стратегијата за малопродажба.

Од петте презентирани трендови станува јасно дека годинава трговците преку различни активности треба постојано да поттикнуваат возбуда кај купувачите во рамките на продавниците.

  1. Формати фокусирани на купувачот

На територијата на цела Азија трговците на мало стануваат сè пософистицирани и ги форматираат и приспособуваат продавниците во согласност со променливите преференции на купувачите. Победници во тој многу конкурентен малопродажен пејзаж ќе бидат продавниците што се релевантни, ефикасни и различни. Купувачите сè повеќе очекуваат возбудливо и инспиративно искуство во продавниците, така што просечните продавници тешко дека ќе останат на нивната агенда.

Трговците на мало експериментираат со нови формати, дизајни и распореди на асортиманот за подобро да одговорат на начинот на кој луѓето сакаат да купуваат во 2020 година. Асортиманот е приспособен на локацијата на продавницата, а се забележува и огромен простор, наменет за нови специфични категории и услуги.

Одличен пример е трговецот „Фемили март“, кој ја отвори најголемата к-продавница (C-store, convenience store) во главниот град на Филипините – Манила. Продавницата ги таргетира вработените и канцелариските работници со забрзано темпо на живот, а опциите за услуги се клучни во нејзината понуда. Покрај тоа, во рамките на продавницата има и простор за деловни средби, како и функционални простории.

  1. Трговците забрзано одат онлајн

Според прогнозите на ИГД, азискиот е-пазар за прехранбени производи до 2023 година ќе изнесува 295 милијарди американски долари, што ќе доведе на пораст на е-продажбата на храна на глобално ниво. Сепак, развојот на е-трговијата со прехранбени производи значително варира на различни места од континентот, во зависност од географијата. Тоа ги поттикнува постојните конвенционални трговци да влезат во трка со специјализираните е-играчи.

Како што се зголемува побарувачката, така малопродажните трговци сè повеќе ја препознаваат потребата од инвестирање, оспособување и усвојување нови решенија. Трговците на мало инвестираат повеќе во своето работење и формираат партнерства за да ги зајакнат капацитетот и способноста на онлајн-каналот, со оптимизирани решенија за испорака од последната милја и автоматизација на синџирот на снабдување, со што ја зголемуваат и профитабилноста.

Социјалните платформи се фантастична можност за производителите да продаваат преку овој канал, да ја зголемат лојалноста на купувачите и да тестираат и да научат што може да функционира.

„Еон“ соработува со британскиот е-трговец за храна „Окадо“ за развој на својот онлајн-канал во Јапонија. „Окадо“ ќе гради автоматски складишта, во кои ќе работат роботи и ќе ги подготвуваат нарачките од купувачите за достава на домашна адреса. „Еон“ планира да почне и нов бизнис преку интернет користејќи го софтверот Ocado Smart Platform.

  1. Здравје, благосостојба и одржливост

Азиските потрошувачи стануваат сè посвесни за неопходноста од балансиран начин на исхрана, како и за влијанието на индустријата за храна и производи за широка потрошувачка врз животната средина. Младата генерација и растечката средна класа во Азија ќе го поттикнуваат овој тренд и во 2020 година. Тие ги препознаваат трговците што демонстрираат повисока цел, која ги надминува приходите, и се подготвени да ги наградат.

Малопродажните трговци и производители возвраќаат со подобрени асортимани за здравје и благосостојба, реформулирани рецептури, нови решенија за прикажување на придобивките од здравиот начин на исхрана, потранспарентни информации за потеклото на производите, како и поголем фокус на иницијативи што го намалуваат влијанието врз животната средина.

Одличен пример е трговецот „Централ ритеил“ во Тајланд, кој престана да нуди пластични кеси на средината од 2019 година, шест месеци пред владата да донесе забрана. Освен тоа, трговецот бара од купувачите да донесат сопствени садови за салати, за што ги наградува со различни попусти.

  1. Купувањето како социјален чин

Социјалната трговија значи можност да се продава непречено преку социјалните платформи, но истовремено е и можност за бизнисите да ја користат рамноправната комуникација за да управуваат со продажба. Азија е водечка во светот во однос на комуникацијата на брендот со крајниот потрошувач преку социјалните медиуми. Социјалните платформи собираат огромен број потрошувачи на едно место, што ги прави идеални места за продажба на производи.

Малопродажниот пазар во Азија нуди бројни социјални платформи, преку кои се продаваат производи. Новите техники за продажба се зголемуваат и по важност и по бројност, а континуирано се развиваат и нови апликации и решенија.

„Алибаба“ го достигна својот дострел на социјалните мрежи на 11 ноември 2019 година (Денот на самците), кога повеќе од 17.000 брендови користеа пренос во живо за да ги пренесат информациите за сопствените производи. Освен тоа, е-гигантот тестира и превод во реално време при преносот во живо, со помош на технологијата за вештачка интелигенција.

  1. Дигитални продавници на иднината

Електронската трговија и новите технологии ги менуваат навиките за купување и ја замаглуваат границата меѓу онлајн и офлајн-светот. Сепак, 84% од современата трговија во Азија до 2023 година ќе останат во рамките на физичките продавници. Затоа, продавниците остануваат важни, но за да останат релевантни, неопходно е да усвојуваат нови технологии.

Азија е жариште за дигитални иновации. Дигитализацијата им помага на трговците да ја забрзаат повеќеканалноста, да ги трансформираат процесите и да го подобрат купувачкото искуство. Оптимизираната дигитална технологија ќе им овозможи на малопродажните трговци да испорачуваат поперсонализирано искуство во продавницата.

„Лоте“ во Јужна Кореја соработува со „Проктер & Гембл“ за да инсталира интерактивни екрани за препорака на производи околу продавниците. Екраните овозможуваат поголема интеракција со брендот и зголемена продажба.

Постојано поттикнување возбуда

Од петте презентирани трендови станува јасно дека годинава трговците преку различни активности треба постојано да поттикнуваат возбуда кај купувачите во рамките на продавниците. Нивните планови и стратегии треба да бидат релевантни и различни од конкуренцијата и да нудат сè посоодветни решенија за купувачите. Покрај тоа, зголемената соработка со релевантни специјализирани партнери ќе го отклучи натамошниот пораст преку интернет и ќе им помогне на трговците да ги зголемат продажбата и профитабилноста. Конечно, брендовите ќе ги користат социјалните медиуми за да ги ангажираат купувачите на најразлични начини. Социјалните платформи се фантастична можност за производителите да продаваат преку овој канал, да ја зголемат лојалноста на купувачите и да тестираат и да научат што може да функционира.

За авторот:

Ник Мајлс му се придружи на тимот на ИГД во септември 2011 година, специјализирајќи за трговија со прехранбени производи во Азија и во Австралија. Неговите основни одговорности вклучуваат обликување на стратегијата на ИГД за развојни програми за истражување во Азиско-пацифичкиот Регион и управување со аналитичките тимови во канцелариите во Велика Британија и во Сингапур.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...