Анализи

„ЛЗ ритеалитикс“: Помали продавници, поголеми можности

24 Feb 2020

Минатата година „Алди“ ги престигна водечките европски играчи „Карфур“ и „Теско“ и се позиционира на второто место, веднаш по „Шварц груп“

Пишува: Матиас Квек, директор за истражувања во „ЛЗ ритеалитикс“ 

Тукушто зачекоривме во новата 2020 година, а европските трговци веќе вредно работат на сумирање на финансиските резултати од претходната година. „ЛЗ ритеалитикс“ се осмели да го фрли првиот поглед на прелиминарните резултати од продажбата во 2019 година и слободно може да соопштиме една мала сензација: 2019 година е годината во која „Алди“ ги престигна водечките европски играчи „Карфур“ и „Теско“ и се позиционира на второто место на листата со најголемите европски трговци, веднаш по „Шварц груп“. Тоа што е важно е дека дивизијата „Лидл“ и понатаму би била водечка, дури и кога втората дивизија „Кауфланд“ целосно би била исклучена од рангирањето. Кај четири од шесте водечки играчи дисконтните продавници имаат значителен придонес во продажбата.

И тоа не е сè. Европа продолжува и понатаму да се консолидира, така што се предвидува дека во 2022 година првите 30 трговци ќе имаат 61% удел на пазарот, во споредба со 59%, колку што изнесувал нивниот удел во 2018 година. Потенцијалот на пораст на дисконтерите и понатаму останува практично неограничен, како што потврди и прогнозата на „ЛЗ ритеалитикс“. Иако на некои пазари се забележува заситеност од дисконти, тие и понатаму имаат огромен простор за пораст – од Велика Британија до Романија.

Тоа би требало да бидат лоши вести за доставувачите на А-брендови, зарем не? Сепак, не се согласуваме целосно. Дел од идниот пораст произлегува од повторното приспособување на брендовите кон дисконтниот концепт, односно од приспособувањето на асортиманот кон поголем број потрошувачи. Тоа секогаш не значи и повеќе линии, туку зголемена софистицирана понуда на производи со додадена вредност или понуда од тоа што порано се сметаше како ниша-производи. Без оглед на тоа дали ценовните војни незапирливо продолжуваат или, во зависност од пазарот, стивнуваат, квалитетот и посебноста се вредностите што се ценат повеќе од кога било досега.

Брендови и трендови

Квалитетот и посебноста ја отвораат вратата кон иновативните производи, стартап-идеите (вклучувајќи и финансиска поддршка на трговците) во различни специјалности. Сите тие процеси вклучуваат многу обиди и грешки, особено за „Алди“. Овој дисконтер се наоѓа среде гигантски процес на трансформација, отворајќи се не само кон брендовите, туку и кон трендовите во обидот да привлече нови купувачи, особено млади. Тоа што е рутинска работа за „Карфур“ и за „Теско“, истовремено е и многу возбудливо (понекогаш и трнливо) патување во непознатото за „Алди норд“ и за „Алди зид“.

Затоа, доставувачите имаат поголеми можности од кога било досега да ги улистаат своите производи кај дисконтерите, но и кај конвенционалните трговци. Трговците се во потрага по нови производи, особено од мали и средни претпријатија, или од регионалните доставувачи. Во стремежот за зајакнување на автентичната привлечност, продавниците на трговците најчесто имаат тенденција да бидат помали (со одредени исклучоци).

Мала е веројатноста дека помалиот физички простор и дисконтниот фокус ќе доведат „малиот“ бренд да биде трајно улистан. Но, овде во игра влегува и онлајн-продажбата. И додека осамената е-продавница сè уште не го достигнала големиот моментум, понудата од дополнителни производи преку интернет би можела да биде многу добар начин за создавање лојалност кај потрошувачот.

Одржливост и вертикализација

Производите и трговците мора да сфатат дека дури и во арената на ниските цени, напорите за зачувување на животната средина добиваат сè поголемо значење. Голема конкуренција има во контекст на тоа која компанија е најодржлива. Европскиот пазарен лидер „Шварц груп“ веројатно е понапреден во сопствените еколошки напори отколку што многумина претпоставуваат. На пример, неодамна „Кауфланд“ лансира сопствена марка спортска облека, која делумно е направена од рециклирани ПЕТ-шишиња. Во рамките на стратегијата „REset Plastic“ од 2018 година, „Шварц“ располага со сопствено управување во рециклирачката пластика за да го заокружи целиот циклус – од производство до управување со отпадот, и назад.

Европа продолжува и понатаму да се консолидира. Се предвидува дека во 2022 година првите 30 трговци ќе имаат 61% удел на пазарот, во споредба со 59%, колку што изнесувал нивниот удел во 2018 година.

Категоријата знаење

Со оглед на тоа што во трговијата со прехранбени производи станува збор за консумација, пред сè, дури и повеќе отколку во другите индустрии, огромна важна должност и за трговецот и за производителот е да пронајдат начин за етичка и одржлива потрошувачка. Намалување на прехранбениот отпад, редукција на амбалажата и создавање одржлив синџир на снабдување – не само од нива до трпеза, туку и од дрво до картонска кутија, од ветерница до електричен камион... Тоа се задачите за деценијата што почнува, кои ќе станат клучен елемент за диференцијација.

Освен управувањето со циклусот на отпадот, „Лидл“ и „Кауфланд“ постепено ги прошируваат и сопствените производствени капацитети (Schwarz Produktion), практикувајќи вертикализација не само во амбалажата, туку и во храната. Овие обиди да се достигне делумна самодоволност, секако, не се добра вест за доставувачите. Тие значат вклучување исклучиво на приватни трговски марки во категориите, како што се безалкохолни пијалаци, пекарски производи, јаткасти плодови, чоколада, сладолед и кафе.

Развојот на иновациите за да се направи диференцијација, идентификувањето на трендовите, користењето на индустриските мрежи и платформи и вклучувањето на категоријата знаење (know-how) и понатаму ќе претставуваат предност за доставувачите, која ќе ги прави атрактивни за големите трговски синџири.

На сè позаситените прехранбени пазари, тоа што е од интерес за потрошувачите, но и за традиционалните трговци и напредните дисконтери, не се сортираните, туку софистицираните решенија за производите.

За авторот:

Матиас Квек е специјалист за европската дисконтна малопродажба и за германскиот пазар на прехранбени производи повеќе од 15 години. Како меѓународно познат аналитичар, новинар и консултант за малопродажната индустрија, Квек е коментатор во националните и во меѓународните медиуми, вклучувајќи ги „Дојче пресе агентур“, „Супермаркет њус“ и „Вол стрит журнал“. Претходно поминал неколку години како бизнис-новинар во „Либенсмител цајтунг“ (ЛЗ).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...