Во следните пет години повеќе дисконтни продавници ќе бидат отворени во нордиските земји отколку во Германија и во Франција заедно, покажуваа прогнозите на „ЛЗ ритеалитикс“.
Пишува: Даниел Јохансон, малопродажен аналитичар во „ЛЗ ритеалитикс“
Кратко резиме
Правејќи компромиси со оригиналната формула, дисконтерите освојуваат сè поголем дел од нордискиот пазар (Финска, Шведска, Норвешка, Данска, Исланд), истовремено одржувајќи ја ценовната предност во однос на супермаркетите. Во меѓувреме, „Лидл“ работи напорно за да ги приспособи асортиманот и маркетинг-стратегијата на трите нордиски пазари во Данска, Финска и во Шведска.
Производителите можат да очекуваат дека проширувањето на нордиските дисконтери ќе влијае врз зголемувањето на побарувачката за производите по пониски цени, особено во категориите како што се оброк-решенијата, производите без одредена состојка, органските и вегетаријанските производи. Во поголемиот дел од случаите производите од овие категории нема нужно да бидат приватни трговски марки, но сепак ќе бидат нарачувани во големи количества поради ограничениот асортиман на дисконтерите.
Во следните пет години повеќе дисконтни продавници ќе бидат отворени во нордиските земји отколку во Германија и во Франција заедно, покажуваа прогнозите на „ЛЗ ритеалитикс“ (графикон 1). Тоа претставува можност за зголемена работа за производителите бидејќи дисконтите од Северот имаат некои посебни карактеристики, кои ќе ги откриеме во продолжение.
Дисконтерите ќе се прошируваат побрзо во нордиските земји отколку на поголемите пазари како Германија, Шпанија и Франција.
Адаптибилноста овозможува експанзија
Кога станува збор за актуелната важност на дисконтниот канал, петте нордиски пазари им припаѓаат на две различни групи (графикон 2). Исланд, Норвешка и Данска се дел од земјите што имаат најголема концентрација на дисконтни продавници во Европа. Сепак, и покрај тоа што веќе имаат голем пазарен удел во овие земји, сите показатели укажуваат на континуирана силна експанзија на дисконтите. Во Шведска и во Финска, двата меѓународни дисконтера – „Лидл“ (Шведска и Финска) и „Нето“ (Шведска) дури неодамна ја открија вистинската формула што сега ја нудат.
Според прогнозите, пазарниот удел на дисконтерите ќе се зголемува во сите нордиски земји, и покрај веќе високиот удел во Исланд, Норвешка и во Данска.
Заедничкиот фактор во сите пет земји што овозможува експанзија е приспособливоста. Диконтерите се приспособуваат на националните и на регионалните преференции, на промената на барањата на купувачите и на потезите на конкурентите.
Правејќи компромиси со оригиналната формула за тврди дисконтери, банерите, како што се „Рема 1000“, „Нето“, „Киви“ и „Кооп прикс“/„Екстра“, освојуваат сè поголем дел од нордискиот пазар, истовремено одржувајќи ја ценовната предност во однос на супермаркетите.
Во меѓувреме, „Лидл“ работи напорно за да ги приспособи асортиманот и маркетинг-стратегијата на трите нордиски пазари во Данска, Финска и во Шведска. Ова резултира со силна поставеност на националните линии на приватни трговски марки, кои се одделени од производите од меѓународниот асортиман (А-брендовите, производите без одредена состојка и органските производи).
Дисконтерите од Северот
„Рема 1000“, синџир дисконти што работат во рамките на „Рејтангрупен“, веројатно е „најсензитивниот“ од сите дисконтери. Почнувајќи како имитатор на „Алди“ со само 1.000 SKU (како што сугерира и името), се претвори во нешто сосема уникатно. Работејќи исклучиво преку систем на франшиза, „Рема“ ги мотивира сопствениците на продавниците постојано да ги следат локалните потреби и анализите да ги споделуваат со централната организација. Сепак, сопствениците на продавниците имаат и доволно слобода да се одделат и разликуваат од стандардниот концепт.
Во меѓувреме, големопродажниот сектор на „Рема“ го следи пулсот на потрошувачот при изборот на асортиманот, развојот на производите и набавките од сопствено производство. Тоа води кон широк, но плиток асортиман на производи, кој е релевантен за барањата на купувачите и постојано се подобрува. Комбинацијата од ниските цени и ентериерот сведен на најнеопходното (без непотребни додатоци и декорации), го прави концептот на „Рема 1000“ фаворит за голем број Норвежани и Данци, а веројатно и ќе остане благодарение на континуираната еволуција. Овој начин на работа, како и експанзијата на банерот во последниве години, е основа на прогнозата дека „Рема 1000“ ќе ја зголеми продажбата за 2 милијарди евра во следните пет години. Се очекува отворање на 141 нова продавница.
„Салинг груп“ со својот банер „Нето“ е уште еден брзорастечки дисконтер во нордискиот регион. Дисконтерот воведе нов концепт во Данска и во Шведска, кој вклучува повеќе свежа храна. „Факта“ („Кооп“ – Данска) и „Алди норд“ претрпеа одреден неуспех и беа принудени да затворат неколку непрофитабилни продавници во последниве години. Наместо експанзија, тие сега имаат цел да ги подобрат концептите со помодерен, и порелевантен асортиман.
Прогнозираната продажба на дисконтерите во нордиските земји до 2023 година е прикажана на графикон 3.
Според прогнозите, пазарниот удел на дисконтерите ќе се зголемува во сите нордиски земји, и покрај веќе високиот удел во Исланд, Норвешка и во Данска.
Единствена шанса за производителите
Како оваа експанзија на дисконтерите во нордиските земји ќе влијае врз FMCG-производителите? Прво и основно, ќе се појави недостиг од производи со цени под просечните во категориите како што се оброк-решенијата, готовата храна, производите без одредена состојка, органските и вегетаријанските производи.
Добрата работа во тоа е што во поголемиот дел од случаите производите од овие категории нема нужно да бидат приватни трговски марки, но сепак ќе бидат нарачувани во големи количества поради ограничениот асортиман на дисконтерите. Доколку ги исполнуваат стандардите и заживеат, овие производи може дури и да го надминат дисконтното ниво и да бидат пласирани во продавниците на трговците. Одредени трговци би можеле да ги користат истите производи во двата продажни канала.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.