Анализи

ИГД: Глобални малопродажни трендови во 2019 година

12 Dec 2018

Најголемиот тренд следната година најверојатно ќе биде продолжувањето на брзите и радикални промени во индустријата за храна и пијалаци.

Автор: Тоби Пикард, раководител за иновации и за трендови, ИГД

Додека се приближуваме кон крајот на годината, ви прикажуваме некои од главните промени што ги забележавме на глобалниот малопродажен пазар. Воедно, ви ги претставуваме и петте клучни трендови кои очекуваме дека ќе го обликуваат и развиваат глобалниот пазар во текот на следните 12 месеци, па и понатаму.

Во годината што следува веруваме дека малопродажните трговци и производителите ќе воведат бројни иницијативи и ќе ги имплементираат следниве трендови:

  • Податоците ја диктираат насоката;
  • Правењето добро е добар бизнис;
  • Повеќеканални опции;
  • Помогни ми да бидам здрав;
  • Секаде и во секое време.

Податоците ја диктираат насоката

Во 2019 година очекуваме да видиме малопродажните трговци засилено да ги користат податоците на купувачите, вештачката интелигенција и машинското учење на ниво на продавница, со што би ги зголемиле приходите, а истовремено и задоволството на купувачите.

Малопродажните трговци ќе користат сè поголеми количества податоци за тоа што се продава, кој купува и каде, што ќе им помогне во донесувањето одлуки поткрепени врз детални информации. Некои одлуки ќе бидат исклучиво направени од страна на вештачката интелигенција.

За да се искористат предностите на вештачката интелигенција на вистинскиот начин, ќе се појави поголема потреба од кога и да е за споделување податоци меѓу трговците и производителите, односно ќе се појави потребата од неопходна соработка за иницијативи насочени кон купувачите.

Добар пример за тоа е американски „Крогер“, кој може да го измери влијанието на дигиталните програми и огласувањето преку купувањето. Трговецот ги обезбедува овие податоци во соработка со компаниите што инвестираат со него.

Правењето добро е добар бизнис

Во текот на следната година веруваме дека трговците на мало и брендовите ќе трагаат по поголема диференцијација и по повисоки стандарди за темите поврзани со одржливоста. Тие ќе настојуваат да покажат дека имаат силни вредности и оти добрите дела се исто толку важни колку и профитот.

Следниот бран на иновативни и водечки трговци и брендови ќе оди подалеку во влијанието на околината и на животната средина. На пример, до 2025 година „М & С“ има намера да стане водечки малопродажен трговец на глобално ниво во ангажирањето и поддршката на потрошувачите за одржливо живеење.

Трговците и брендовите ќе си ја постават целта позитивно да влијаат врз животната средина и општеството. Тоа ќе ја промени играта за подобрување на нивниот јавен имиџ, но истовремено ќе ја зацврсти и лојалноста на нивните купувачи.

60% од возрасните над 35 години во Велика Британија 
велат дека грижата за животната средина 
ќе биде поважна за нив во следните 5 до 10 години.

Повеќеканални опции

Физичката продавница сè уште има предности во однос на интернет-каналот. Таа на купувачите им овозможува лично да изберат производи и да купуваат импулсивно, односно да го почувствуваат моменталното задоволство од купувањето.

Очекуваме продавниците да ја зголемуваат сопствената предност и преку интернет-каналот и да додаваат одредени сопствени специфики. На пример, да им овозможат на купувачите со помош на технологијата полесно да ги најдат бараните производи, да имаат можност да добијат повеќе информации за производите и да добиваат награди и персонализирани промоции.

Со помош на технологијата очекуваме малопродажните трговци да му помогнат на купувачот во шопинг-патувањето, да го подобрат управувањето со залихите и да го направат купувањето побрзо и поедноставно.

Новиот концепт „Семс клаб нау“ на американскиот трговец му овозможува да ги тестира најновите тех-лед достигнувања и да го приспособи распоредот во продавницата. „Wayfinding and navigation“ (наоѓање на патот и навигација) е нова карактеристика на мобилната апликација. Со помош на гласовно пребарување во комбинација со навигациски функции, на паметниот телефон на купувачот се појавува мапа која ќе го одведе до производот што му е потребен.

85% од купувачите во Велика Британија 
велат дека би сакале технологиите 
во продавницата да им помогнат при пазарувањето.

Помогни ми да бидам здрав

Повеќето купувачи се стремат да јадат и да живеат добро, но аспирациите секогаш не се претвораат во акција.

Веруваме дека купувачите ќе стануваат сè посвесни за здравјето, а поддршката за да изгледаат и да се чувствуваат добро ќе биде главен приоритет за малопродажните трговци и нивните доставувачи. Очекуваме да ги видиме трговците поактивни на полето на едукација, информирање и наградување на купувачите што негуваат поздрав живот. Тие позитивно ќе ги поттикнуваат и индиректно ќе сугерираат начини за насочување на купувачите кон поздрав начин на живот.

Како пример би го навеле „Мигрос“ во Турција, кој на купувачите им нуди персонализирани попусти за производите што ги бараат со поздрави препораки.

Секаде и во секое време

Во текот на 2019 година очекуваме да се појават нови иновативни решенија за социјална трговија. Социјалната трговија е дел од електронската трговија што ги опфаќа социјалните медиуми, интернет-медиумите што поддржуваат социјална интеракција и корисничките придонеси за е-трговија и продавање производи и услуги. Накратко, социјалната трговија е употреба на социјалните мрежи за е-трговски трансакции.

Трговците и доставувачите ќе испорачуваат насочени маркетинг-стратегии и нови начини за интернет-купувањето да се направи посоцијално, понепосредно и поудобно. Купувањето ќе стане поедноставно и сеприсутно. Луѓето повеќе нема да имаат потреба да ја посетат е-продавницата на трговецот. Додека гледаат слики, видеа или телевизија, тие ќе можат да додаваат производи во количката.

„Фејсбук“ ја активира апликацијата Marketplace во Сингапур, каде што поединци можат да купуваат и да продаваат предмети. C2C-трговијата (client to client, клиент до клиент) е клучната компонента во социјалниот купувачки микс во многу азиски земји.

Бројот на корисници на социјалните мрежи 
на глобално ниво месечно достигнува до 3,2 милијарди.

Поента

Најголемиот тренд следната година најверојатно ќе биде продолжување на брзите и радикални промени во индустријата за храна и пијалаци. Технологијата ќе овозможи промени, а промените ќе бидат водени од зголемените очекувања на купувачите.

Можете ли да продолжите или дури и да го водите патот? Можете ли да создадете подобрени и нови решенија за да им го дадете на купувачите тоа што го сакаат, дури и пред да го посакаат?

Секако дека можете да постигнете исклучително позитивни резултати – поголем број купувачи, поголема продажба и зголемена лојалност. Само продолжете напред!



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...