Анализи

ИГД: Прогнози за малопродажбата на бензинските станици

15 окт 2018

На кој начин трговците на бензинските станици инвестираат за да ги задоволат потребите на денешните купувачи, додека го реосмислуваат начинот на работење во иднина?

Автор: Хариет Коен, сениор аналитичар за малопродажба, ИГД

Експертската организација за трговија ИГД ги истражува трендовите што влијаат врз малопродажбата на бензинските станици на глобално ниво и како секторот (ќе) реагира на променливата околина.

Влијанието на технологијата

Начинот на кој потрошувачите ги користат бензинските станици се промени и ќе продолжи да се менува и во иднина. Промените се водени од воведувањето на електричните автомобили и од популарноста на услугите за споделување возила (ride-sharing, можност повеќе луѓе да патуваат со едно возило наместо секој да оди со сопствен автомобил). Гледајќи понатаму во иднината, очекуваме возилата без возачи да стануваат сè повообичаени.

На кој начин трговците на бензинските станици инвестираат за да ги задоволат потребите на денешните купувачи, додека го реосмислуваат начинот на работење во иднина?

Електричните возила го освојуваат светот

Во следните две децении се предвидува дека електричните возила ќе станат примарно средство за превоз. Експертите предвидуваат дека за околу 20 години ќе бидеме сведоци на историски момент кога продажбата на електрични возила ќе ја надмине продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување. Исто така, се очекува да се развиваат и други алтернативни извори на енергија.

И покрај тоа што досега електричните возила заземаат само мал процент од продажбата на нови автомобили годишно, според „Ројтерс“, глобалните производители на автомобили инвестирале околу 90 милијарди долари во овој тип возила. Освен тоа, и многу влади поттикнуваат употреба на електрични возила. Доколку се остварат прогнозите, надополнувањето со бензин или дизел на традиционалните автомобили и бројот на купувачи што ги посетуваат продавниците на бензинските станици се очекува да се намалат.

Трендот се надополнува и со зголемената популарност на споделувањето возила. Компаниите како „Убер“ и „Лифт“ се проширија – „Убер“ сега работи во повеќе од 80 земји, а „Лифт“ е присутна низ САД. Освен тоа, и „Гугл“ инвестираше во Go-Jek, сервис за споделување возила во Индонезија.

Што значи тоа за бензинските станици?

На новите трендови бензинските станици реагираат со зголемени инвестиции за места за полнење на електричните возила, особено во Европа. Во Норвешка електричните возила минатата година имале удел од околу 40% во продажбата на нови автомобили. Како одговор на тоа, компанијата „Сркл кеј“ повторно отвори едно од најголемите места за полнење на електрични автомобили, со повеќе типови за полнење, односно со 44 полначи Tesla, 20 IONITY и со 4 Grønn Kontakt. Освен тоа, преку мрежата на „Сркл кеј“, новата европска мрежа за брзо полнење на електрични автомобили IONITY (заеднички проект на БМВ, „Дајмлер“, „Фолксваген“, „Ауди“, „Порше“ и „Форд“) ќе се распространи и во нордиските и балтичките земји, како и во Ирска.

Од друга страна, „Шел“ има договор со IONITY, кој ќе резултира со полначи со висока моќност на 80 станици на најголемите и најфреквентни автопати во десет европски земји. Енергетската компанија го аквизираше и водечкиот европски провајдер за полнење „Њу моушн“ и го лансира Shell Recharge на одбрани станици во Велика Британија.

Максимирање на сегментот „храна за носење“

Овие промени ќе влијаат врз начинот на кој купувачите ги користат продавниците на бензинските станици. Додека храната и кафето веќе долго време се присутни на полиците во овие продавници, повеќе оператори го насочуваат вниманието кон сегментот „храна за носење“ како дополнителен прилив на приходи. Сепак, ова е многу поконкурентна област, во која малопродажните трговци се натпреваруваат и со операторите и доставувачите на храна, како и со рестораните.

За да го засилат своето присуство во овој сегмент и да бидат поконкурентни, одредени синџири бензински станици склучуваат партнерства со веќе воспоставените брендови во сегментот „храна за носење“. Донесувањето ексклузивен бренд со доверба може да обезбеди голема конкурентска предност. Партнерствата се одвиваат преку брендирани штандови, машини за кафе и кафулиња. Други компании, пак, избираат да развијат сопствени понуди за храна.

Освен „храната за носење“, голем број бензински станици го збогатуваат асортиманот во своите продавници и со свежи категории храна.

Инвестиции во изгледот и во емоцијата

Со вложувањето во асортиманот на производи бензинските станици привлекуваат повеќе купувачи, но истовремено тие настојуваат и да ја предизвикаат перцепцијата на потрошувачот, надградувајќи ги изгледот и чувството во продавницата. Тоа вклучува нов декор и се фокусира на области што ги поттикнуваат купувачите да останат подолго во продавницата.

Нафтениот бренд „Калтекс“ минатата година во Сиднеј го претстави концептот „Д фудари“, кој нуди свежи оброци, кафе приготвено од барист и храна од австралискиот синџир ресторани „Сумо салад“, специјализираниот трговец за свежи сокови и смутија „Буст џуси“ и од мексиканскиот синџир ресторани „Гузман и Гомез“. Со високите тавани, светлата опрема, големите прозорци и удобните места за седење, „Д фудари“ создава чувство на добредојденост и топлина кај купувачот. Засега постојат околу 30 вакви локации низ Австралија, а за годинава се планира нивниот број да се зголеми.

Рефлексија на здравите трендови

Во меѓувреме, здравјето и здравиот начин на живот остануваат да бидат во фокусот на купувачот, што ги мотивира малопродажните трговци да продолжат да инвестираат во оваа област. Овој тренд се рефлектира и врз продавниците на бензинските станици.

Свежиот производ е суштински дел на полиците на секоја продавница, а повеќе бензински станици веќе нудат и широк асортиман на „храна за носење“ со органски продукти, без глутен, со ниско ниво на шеќер и богати со протеини. Традиционалните прехранбени производи и „храна за носење“ остануваат на полиците, со цел да обезбедат поголем избор и да привлечат различни купувачи.

Трговците на бензинските станици, исто така, користат различни тактики за означување на производите што ги задоволуваат потребите за здравиот начин на живот на купувачот. Голем број од нив веќе воведоа екрани на кои се прикажани здравствените придобивки на различни производи.

Имплементација на интернетот и дигиталната технологија

Тимот на ИГД забележа дека се зголемува бројот на трговците на бензинските станици што ги користат интернетот и дигиталната технологија, со што се овозможува дополнителна погодност и ефикасност. Голем број трговци воведуваат дигитални екрани преку кои се промовираат производите или може да се нарачаат. На пример, „Сркл кеј“ во САД воведе дигитални ознаки за промоција на самопослужувањето со милкшејкови, а купувачите во „Вава“ може да нарачаат сендвичи по свој вкус преку дигитални екрани. Некои оператори, како на пример „Норгес групен“ во Норвешка, ја воведуваат услугата „клик & колект“, преку која потрошувачите имаат можност да ги земат нарачаните производи од бензинските станици наместо во продавница.

Технологијата се воведува и за да го забрза процесот на плаќање. Во Обединетото Кралство, „Шел“ ја тестира инстантната проверка на ИБМ, која за еден момент ја скенира целата кошница на купувачот. Со помош на блутут-технологија, купувачот може да плати преку неговиот паметен телефон, а со помош на технологијата РФИД (RFID, Radio frequency identification – идентификација со радиофреквенција), трговецот може да ги следи залихите од производите во реално време.

Што следува?

Комбинацијата на технолошките иновации, како што се автомобилите без возачи, вештачката интелигенција и продавниците со безготовинска наплата, во текот на следните години треба да помогнат да се редефинираат бензинските станици какви што ги познаваме. Некои оператори експериментираат со услуги за испорака на гориво – во Холандија, потрошувачите можат да нарачаат гориво преку апликацијата Shell's TapUp, кое потоа им се доставува со специјално електрично возило.

Од суштинско значење е компаниите да останат во тек со сите достигнувања во овој сектор, кои се развиваат со брзо темпо и отвораат многу можности за соработка.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...