Анализи

ИГД: Трендови во сегментот „храна за носење“ годинава

09 Aug 2018
Извор: ИГД
 

Сегментот „храна за носење" зема сè поголем дел од колачот наречен малопродажба. Во продолжение ќе прочитате за петте клучни трендови годинава што ќе го обликуваат овој сегмент.

1. Здравјето и благосостојба ѝ даваат сила на иновацијата

Потрошувачите сè повеќе се свесни за здравјето и за благосостојбата, а како одговор на тие барања, операторите за „храна за носење" го прошируваат сегментот со различни вкусови и производи. Многу од концептите што забележуваат пораст на глобално ниво се токму тие што го негуваат позиционирањето на поздрави производи. „Свитгрин" (САД), „Сидели" (Сингапур), „Чопт" (Ирска), „Ексхи" (Белгија), „Кожан" (Франција) и голем број играчи од Велика Британија се доказ за зголемената улога на поздравите опции во сегментот „храна за носење", кои им ги отворија умовите на многу нови консументи за вегетаријанската и веганската храна, како и за опциите без глутен.

„Алберт Хеин", Холандија. Особено во продавниците „АХ ту гоу", лидерот на холандскиот пазар направи одлична работа со „живнувањето" на здравиот асортиман. Трговецот тоа го направи комбинирајќи ги малопродажбата и иновативниот развој на нови производи, со фокус на свежите, колоритни состојки на прехранбените продукти.

„7-елевен", Данска. Како импулсивно ориентиран трговец, чиј интерес за здравите и органски производи е исклучително голем, „7-елевен" е одлична студија на случај со воведувањето и развојот на палео-оброци, органски производи и суперхрана за носење, како дел од основната понуда.

2. Промена и експанзија на мисиите

Џонатан Мур од британскиот премиум синџир „Веитрос" кон крајот на минатата година зборуваше за промена на навиките во исхраната: Јадеме појадок за вечера, вечера за ручек... Според навиките во исхраната, стигнавме и до четвртиот оброк – оброк меѓу вечерата и појадокот,кој би требало да биде како јаготка на шлаг на крајот од денот. Оваа промена е дел од поголемата промена на начинот на кој јадеме, со фокус на вклопувањето на храната во нашиот животен стил. Иако голем број малопродажни трговци напорите ги фокусираат кон опцијата појадок за носење, се очекува да се појават повеќе „алтернативни мисии" за различни периоди од денот, како на пример, вечерни оброци, ужина по работа, ужина по вежбање за зголемување на енергијата итн.

„Хоп", Велика Британија. Мали и моќни, никогаш здодевни. Британскиот оператор за виетнамска „храна за носење" – „Хоп" е еден од бројните на островот што нудат помали порции и пофлексибилни решенија за јадење. Тука со главните оброци се нудат и мини-закуски со ориз, кои се поздрава алтернатива од традиционалните, како што се колачите или чипсот.

„Ит.", Велика Британија. Овој специјализиран синџир за „храна за носење" нуди две варијанти на оброци богати со протеини Fit Boxes, од кои едниот е вегански. Транспарентната амбалажа овозможува свежите и колоритни состојки да бидат во прв план и да ги привлекуваат консументите.

3. Повеќе локации и повеќе експерименти

Специјализираните продавници за „храна за носење" и малопродажните трговци сè повеќе се насочени да се прошират на разновидни локации, односно да го прошират досегот до нови купувачи. Видовме транзитни локации од речиси сите видови, кои стануваат мошне атрактивни. Оттука, може да претпоставиме дека следни потези на операторите на „храна за носење" би биле локациите во поголемите компании, фитнес-центрите, спортските стадиони, како и привремените локации за време на фестивали, изложби итн.

Порастот на интересот на потрошувачите за уличната храна, исто така, има огромно влијание, поттикнувајќи ги трговците да размислуваат за инкорпорирање на концептот „камион во продавница", каков што е примерот со „Хол фуд" и „Волмарт". Истовремено, во Мексико се експериментира со апликацијата Rappi за испорака на храна до домот со помош на улични камиончиња.

„Фреши" на „Аплгрин", Ирска. Канадскиот специјализиран трговец за салати „Фреши" се шири на голем број пазари под франшиза. Врската со услужните станици „Аплгрин" на автопатиштата во Ирска (комплекси со бензински станици, места за одмор, ресторани, барови, продавници и хотели за преноќување) е еден од многубројните примери за насоченоста на операторите за „храна за носење" кон транзитните локации.

Ит 17, Велика Британија. Фокусот на специјализираниот оператор за „храна за носење" е сè повеќе насочен кон малопродажните продавници, а „Ит 17" во Бишопс Стортфорд ја следи патеката поставена од „Хол фудс" во САД во донесувањето на помалите, улични концепти за храна во продавниците.

4. Рамнотежа меѓу функционалноста и емоциите

Тоа што важи генерално, важи и за сегментот „храна за носење" – потрошувачот избира на што ќе ги потроши парите. Со поголем избор на производи од кога било досега, по најразлични цени, потрошувачите ќе потрошат повеќе за работите што им се важни, а ќе штедат – честопати значително – за тие што не им се толку важни. Затоа, тоа што голем број оператори за храна го прават фантастично е создавањето вистински емотивен ангажман. Искуството, пред сè, се заснова на квалитетот на производот, но влијаат и низа други фактори, како изложувањето на производите, уредувањето на/во продавницата, услугата... Не постои едноставно решение за тоа, но сè повеќе може да видиме производи и решенија со идентитет (без разлика дали се брендови или трговски марки), кои играат огромна улога за развој на подлабока емоција и ангажман на потрошувачот. Во таа насока, голем број трговци се впуштаат во големи експерименти, а до крајот на годинава очекуваме и останатите да го следат тој пат, особено во урбаните продавници.

„Алберт Хеин", Холандија. Во најновиот формат на продавници холандскиот трговец има поставено пултови со голем избор на „храна за носење" и „храна за подоцна", кои создаваат топла и пријатна атмосфера во продавницата.

„Карфур експрес урбан лајф", Италија. Оваа експериментална продавница во Милано покажува дека продавницата може да се развие и да се претвори во удобно „катче за храна". Во рамките на продавницата има бар со професионален барист, пицерија и удобни места за седење, како и поненагласени корпоративни ознаки.

5. Повеќе нови и неочекувани партнерства

Вистинскиот партнер на вистинското место е клучен за успех во сегментот „храна за носење". Сепак, тоа воопшто не е лесно да се спроведе без надминување на сопствените, внатрешни организациски ограничувања. Додека моделот на франшиза и подготвеноста за соработка одамна се принципи на операторите со храна, сметаме дека зголемената оперативна флексибилност може да се постигне со отворање нови локации и можности.

„Сеинсберис" и „Зизи". Во декември минатата година „Сеинсберис" се здружи со италијанскиот синџир на ресторани „Зизи" и почна со отворање пултови за пици во своите продавници. Пиците може да се нарачаат во продавниците или преку услугата „клик & колект" на веб-страницата на „Зизи", а ќе бидат брзо доставени до потрошувачите со помош на апликацијата Deliveroo.

„Васаби" и „М & С". Побарувачката на здрава и практична „храна за носење" е мотивот за партнерство меѓу „М & С" и „Васаби суши експрес". Експериментот со кобрендирање е првиот за „М & С", кој за да додаде нова широчина и да овозможи поголема автентичност на својот азиски избор на „храна за носење", избра да соработува со стручен партнер.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...