Анализи

InSight: Секој своја марка

16 апр 2018

Времето на приватните трговски марки доаѓа и тие сè повеќе стануваат дел од нашите животи и преференции при пазарувањето. Дури и да сме тотално отсутни кога пазаруваме, тие ќе нè најдат, дури и во нашите домови


Пишува: Васко Марковски, vasko@instore.mk 

Дури и да сме тотално отсутни кога пазаруваме, следејќи ги само визуелните сеќавања за производите на кои сме им лојални, или нивната местоположба во маркетите, има производи кои самите ќе нè најдат, дури и во нашите домови. Најпрвин, би можеле да се чудиме, кои се и од каде одеднаш се појавиле некои линии производи, од кои дури и петнаесетина би можеле да ве изненадат во бањата, но, набргу ни станува јасно сè, кога ќе го здогледаме логото на трговскиот синџир што стои зад нив, како гарант за квалитетот, иако името им е можеби непознато.

 

 

Не би претерале ако впечатокот го сумираме со заклучокот дека времето на приватните трговски марки доаѓа и дека сè повеќе стануваат дел од нашите животи и преференции при пазарувањето.
 

За почеток, да се обидеме да ги дефинираме. Наједноставната дефиниција би гласела: производи што се продаваат под трговска марка лансирана од или со ознаката на трговската компанија во чии продажни места се присутни. Како бренд може да се јави називот на трговската компанија или трговскиот синџир или, пак, име што за таа намена го одбрал трговецот.  Како производители се јавуваат индустрии кои произведуваат сопствени брендови, но „работат" и приватни марки; мали или средни производители на одделни категории кои произведуваат исклучиво „приватни марки"; а не ретко зад нив може да стојат и големи трговски компании во чиј состав има и производствени линии, во кои продуцираат производи исклучиво за сопствената продажна мрежа.

Сè пошироко и сè повисоко
 

Трендовите за присутноста на приватните трговски марки во продажните места, како и за насоките во кои се развиваат, укажуваат на голема динамика на пазарот.
 
Вестите јавуваат за пораст на нивниот удел во земјите каде што и досега биле на високо ниво, за постојана инвентивност во борбата за пазар. Од друга страна, купувачите претпочитаат да не купуваат брендирани производи поскапо, ако можат да купат производ со истиот квалитет, за значително пониска цена, а ако се дадени по акциски цени, нема да бидат заобиколени дури ни од најпребирливите.
 
Во споредба со брендираната стока, трговците заработуваат повеќекратно. Производите ги набавуваат по нарачка и по пониски цени, немаат трошоци за маркетинг, доволно е да им обезбедат подобри позиции во трговските објекти. За производителите тоа значи сигурен пласман, што им дава можност да понудат производи по пониски цени, растоварени од трошоците за промоција или за менаџирање на залихите.
 
Популарноста на приватните трговски марки низ Европа продолжува да расте, со рекордно ниво на нивниот удел во трговијата, кој во седум земји веќе го надминал нивото од 40%.


Кошничката за пазарување на Старата дама

Популарноста на приватните трговски марки низ Европа продолжува да расте. Минатогодишните податоци на агенцијата „Нилсен" покажуваат дека уделот на брендовите на трговските компании го достигнал највисокото ниво на сите времиња во девет земји во Европа.

 

 

Покажуваат јасно дека 2016 била уште една добра година за приватните трговски марки ширум Европа, дека продолжува долгорочниот тренд и се потврда за растечката доверба на купувачите кон производите зад кои стојат трговските компании, оценува Брејн Шароф, претседател на Асоцијацијата на производители на приватни трговски марки (ПЛМА).
 
Најголем пораст на уделот бил забележан во Австрија, втора е Германија, трета е Полска.
 
Уделот на приватните трговски марки е на ниво од или над 40% во седум земји во Европа: Велика Британија, Германија, Австрија, Белгија, Швајцарија, Шпанија и во Португалија.
 

Најновата анкета на ПЛМА, со 567 производители од 36 земји, покажала дека 88% од нив очекуваат пораст и во 2018, и покрај острата конкуренција, а мнозинството изјавиле дека оптимизам им влева зголемената свесност на консументите за придобивките од производите со приватни трговски марки. Најголемиот предизвик, според нив, годинава ќе бидат доследноста во квалитетот и конкуренцијата од другите снабдувачи во Европа.

„Фабриката Premia прави растур"
 

Поглед кон соседството. Приватните трговски марки во Србија се присутни од средината на минатата деценија и се дел од понудата на сите поголеми трговски синџири. Според податоците за 2017 година, нивното учество во понудата на трговските синџири се движело од 15 до 20  отсто.
 
Повеќе од една деценија приватните марки се дел од потрошувачката кошничка и за жителите на Македонија, преку големите трговски синџири, но и како дел од понудата на здружените маалски маркети.

Компанијата „Делез" - Србија", дел од меѓународната групација „Ахолд Делез", има искуство со развивање приватни трговски марки почнувајќи од 2006 година, кои, според денешната констелација на групацијата во Србија, ги пласира преку мрежата на трговските синџири Maxi, Tempo и Shop & Go. Најпознатите меѓу нив се приватните марки Premia, 365, Care, Home, Од наше земље, Taste of inspirations и Bio, кои нудат цели програми производи, профилирани секоја со некој свој адут. При првата средба со новите производи, дел од потрошувачите верувале дека постои фабрика Premia, што успева секојдневно да снабди толку многу продавници, со толку различни производи, од тестенини до сувомесни и млечни производи, по цени пониски дури и од конкуренцијата, во неколку различни трговски синџири истовремено.

Се проценува дека во Србија во моментов работат повеќе од 140 производители на производи со приватна марка, дека шансата за нив е голема, но и предизвикот да ги исполнуваат највисоките светски стандарди за безбедноста на храната.

За возврат, добиваат сигурен канал на продажба, пласман на годишно ниво и можност за извоз на повеќе од 35 пазари на кои е присутно „Метро". Исто така, тоа за нив значи и дека не им се потребни дополнителни трошоци за маркетинг, оценува Маја Баѓин-Георгијевиќ од „Метро кеш енд кери" - Србија.

Загревање на моторот

Приватните трговски марки повеќе од една деценија се дел од потрошувачката кошничка и за жителите на Македонија, преку асортиманот на големите трговски синџири, но и како дел од понудата на некогашните здружени маалски маркети – иницијатива што повторно е во подем.
 
„Кам" е еден од попрепознатливите трговски синџири кога станува збор за работењето со приватни трговски марки во Македонија. Дел од нивното секојдневно работење се 21 трговска марка, со вкупно 195 производи. Асортиманот опфаќа повеќе од дваесетина категории производи, од кои поголемиот дел, покрај на пазарот во Македонија, се присутни во продавниците на „Кам" во Косово и во Бугарија.
 
Во редот на големите синџири, со повеќе од 300 производи, во 12 категории се присутни производите Extra T - приватна трговска марка на „Тинекс", повеќе од 60 производи брендирани како M производи на „Рамстор", главно произведени во Турција, како и неколку категории производи на трговскиот синџир „Веро". Забележително е и присуството на приватните марки на синџирот дрогерии „dm", вкупно 24, со повеќе од 3.500 производи.
 
Во игра на пазарот повторно се некогаш популарните производи Hedi’s, во моментов, десетина: чоко бар, бисквити, интегрално печиво, штрудла, течен детергент, средство за садови и омекнувач за алишта, леб...
 
Амбициозно работење на планот на приватните трговски марки покажува и синџирот „Жито", кој пласира 23 различни производи во пет категории под брендот Жито, а сè позабележливи се производите од приватната трговска марка 5ка, зад која стои сестринската компанија, „Супер 5-ка".
 
Трговската марка опфаќа околу 200 производи, од најразлични категории. Нашата генерална стратегија е да го одбираме најдоброто, од сите категории, и да им го направиме тоа достапно на купувачите, вели Далибор Ѓошевски, генерален извршен директор на „Жито" и на „Супер 5-ка".
 

Формула за успех на брендот, според Ѓошевски е да понудат одличен квалитет и одлични цени и да изградат препознатливост и предност во однос на конкуренцијата.
Нивната амбиција, како што вели, е „Супер 5-ка" да израсне во производител препознатлив како генератор на приватни трговски марки и да го достигнат нивото да пласираат приватни трговски марки и пошироко од македонскиот пазар.

Задоволни – сите?

Придобивки од приватните трговски марки, според инволвираните во бизнисот од двете страни на медалот, се повеќекратни, за секого: намалени, речиси сосема редуцирани трошоци за маркетинг, подобар квалитет за подостапни цени за купувачите, подобро контролиран профит за трговските компании.
Најтешката одлука е пред производителите со етаблирани брендови. Да ризикуваат да им наштетат на брендовите што ги граделе со години и да произведуваат за трговците, или да продолжат по старата патека?














 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...