Анализи

ИГД: Храна соодветна на активниот животен стил

23 Feb 2017

Сегментот „храна за носење" зема сè поголем дел од колачот наречен малопродажба.  Прочитајте за топ 5-те трендови што ќе го обликуваат тој сегмент во иднина.

Гавин Ротвел, сениор менаџер за малопродажна анализа во ИГД

Повисока свест за здравје и за благосостојба

Потрошувачите сè повеќе се свесни за здравјето и за благосостојбата, а како одговор на тие барања, операторите за „храна за носење" го прошируваат сегментот со различни вкусови и производи. Храната што го поддржува активниот начин на живот и означувањето на полето за диететски потреби, се неопходните услови што операторите ги почитуваат и добро ги спроведуваат. Новата технологија и апликациите им помагаат на купувачите подобро да ја разберат нутритивната и калориската вредност на тоа што го консумираат.

Британските купувачи на „храна за носење", особено се заинтересирани за производите што се соодветни на одредени диети. Околу 34 отсто од потрошувачите се во потрага по поширок асортиман од вегетаријанска производи, 25 отсто бараат повеќе производи без лактоза, а 23 отсто сакаат повеќе вегански и безглутенски опции. 

Детектирање на нови локации

Трговците од сегментот „храна за носење" се насочени да се прошират и да стигнат до нови купувачи. На пример, „Тост" и „Прет" сега се присутни, односно имаат свои продавници и на автопатиштата, додека „Сабвеј" и „Грегс" се прошируваат и на бензинските станици. Други трговци, како на пример „Леон" и „Тортиља", првпат отвораат продавници надвор од Лондон, за да го задоволат зголемениот апетит за „храна за носење" надвор од главниот британски град.

Фокус на „алтернативни мисии"

Под поимот „алтернативни мисии" се мисли на нов вид „храна за носење", која ги надминува класичните опции кафе или ручек. Иако голем број малопродажни трговци напорите ги фокусираат кон опцијата појадок, се очекува да се појават повеќе „алтернативни мисии" за различни периоди од денот, како на пример, вечерни оброци, ужина по работа, ужина по вежбање за зголемување на енергијата итн. Закуските се одлична можност за операторите со „храна за носење". Речиси половина (45 отсто) од возрасните Британци купиле „ужина за носење" во последниот месец.

 

Понатамошна интеграција на технологијата

Речиси сите купувачи (92 отсто) сметаат дека брзината и ефикасноста на услугата е важен двигател за да одлучат каде да купат храна и пијалак. Во таа насока, во иднина се очекува технологијата да ја зголеми улогата во сегментот „храна за носење". Продавниците „Итса" во Сан Франциско и „Инамо" во Лондон, целосно го променија начинот за нарачување – во нив, потрошувачите може да нарачаат само преку таблетите во продавниците. Минатата година, „Старбакс" воведе апликација за далечинско нарачување. Американскиот специјалист за салати „Свитгрин" оди чекор понатаму со конвертирањето на поголемиот дел од продавниците во безготовински.

Зголемена фузија со малопродажбата

Прехранбените продавници од целиот свет бараат начини како повеќе да се снабдат со „храна за носење". Во американските „Хол фудс маркет" и „Вегманс", тој сегмент веќе е суштински дел од нивната понуда. И други супермаркети и хипермаркети, како „Карфур" со форматот „Бон ап!", се фокусираат повеќе на сегментот „храна за носење".

За помалите малопродажни формати, ирските трговци претставуваат одличен пример во оваа област. На пример, „Мусгрејв центра" е исклучително прогресивен во начинот на кој обезбедува понуда „за носење", продавница и атрактивен простор за јадење на едно место.

Годинава, се очекува повеќе трговци да се обидат да зграпчат дел од растечките можности на сегментот „храна за носење".



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...