Анализи

Консумација на супи и зачини на македонскиот пазар

22 Jan 2025

Неодамнешното истражување на „Индаго“ покажа дека 82% од испитаниците на возраст над 15 години користат готови супи, додека 83% од населението користи универзални мешани зачини

Пишува: Боге Божиновски, генерален менаџер. „Индаго“, boge.bozinovski@indago.mk

 

Готовите супи и зачини се брзи и лесни начини да  им додадете вкус на оброците. Супите доаѓаат во многу вкусови, како со пилешко или домат, правејќи брз ручек или вечера. Зачините му додаваат дополнителен вкус на секое јадење и можат да ја направат храната поинтересна и повкусна. И двете се погодни за да ги имате во кујната за едноставни, вкусни оброци со малку труд.

 

Неодамнешното истражување на „Индаго“ покажа дека 82% од испитаниците на возраст од 15 години и повозрасни користат готови супи, додека 18% не користат (графикон 1). Слично на тоа, 83% од населението користи универзални мешани зачини, во споредба со 17% што не користат. Сепак, мнозинството граѓани (60%) не користат фиксови, додека само 40% пријавиле дека користат.  

Универзалните мешани зачини покажуваат најголема фреквенција на употреба, при што 39% од потрошувачите ги користат секојдневно и уште 36% ги користат два до три пати неделно. Готовите супи најчесто се консумираат еднаш неделно (32%) или два до три пати неделно (29%). Фиксовите имаат најмала употреба, при што најголемата група потрошувачи (35%) ги користат два до три пати месечно (види графикон 2).

Тип на готови супи

Најчесто користена готова супа е пилешката супа - повеќе од половина консументи на супи (57%) го навеле овој вид за најчесто користена супа. Говедската супа најчесто ја користат 15% од консументите, додека крем-супа најчесто користи секој единаесетти консумент на супа.

Гледано по региони, супитe Podravka најмногу се купуваат во Полошкиот (65%). Супите на „Витаминка“ се во многу поголем процент од просекот најчесто купувани во Пелагонискиот (27%), Североисточниот (33%) и Скопскиот Регион (24). Дополнително, супите Yumis се најмногу купувани во Вардарскиот Регион (20%).

                   

                        

 

 

           

 Причини за некористење готови супи, универзална мешавина и фиксови

Помалку од половина од испитаниците (41%) претпочитаат домашни супи, што е главната причина поради која избегнуваат готови супи (графикон 5). Дополнителни причини за неконсумирање готови супи се загриженост за нивната здравост (16%), општо несакање супа (12%), присуство на вештачки адитиви (12%) и немање навика за консумирање готови супи (7%).

                         

Разделените податоци покажуваат дека жените не користат супи повеќе од мажите поради вештачките адитиви. Анализирано по возраст, може да забележиме дека испитаниците на возраст од 15 до 24 години и 35 до 44 години не сакаат готови супи за разлика од другите. Во однос на местото на живеење, може да се забележи дека испитаниците од руралните средини повеќе преферираат домашни супи за разлика од испитаниците од урбаните средини.

Приближно една третина од испитаниците избегнуваат да користат универзална мешавина бидејќи не готват, додека 17% не го сакаат нејзиниот вкус (графикон 6). Дополнително, 14% го навеле присуството на вештачки адитиви како причина за некористење. Други причини се немање навика, претпочитање поблаги јадења и слични фактори.

                           

Демографските податоци покажуваат дека мажите помалку готват за разлика од жените, како и испитаниците на возраст од 15 до 24 години споредено со другите возрасни категории. Дополнително, жените повеќе од мажите претпочитаат мешање на сопствените зачини наместо да користат универзална мешавина.  

Кога станува збор за фиксови, 20% од потрошувачите посочиле дека не ги користат затоа што не готват, додека 16% претпочитаат рачно да ја зачинуваат храната (графикон 7). Понатаму, 14% ги сметаат фиксовите за нездрави, 13% немаат навика да ги користат, а 10% не го сакаат нивниот вкус.

                     

Демографијата повторно покажува дека мажите значително повеќе не користат фиксови поради тоа што не готват, како и испитаниците на возраст од 15 до 24 години.

Анализата по региони покажува дека потрошувачите од Вардарскиот Регион ги сметаат зачините за нездрави, додека во Источниот и Полошкиот Регион немаат навика да користат ваков вид производи. Во Пелагонискиот Регион не сакаат да готват, додека во Скопскиот и Југоисточниот регион повеќе преферираат сами да го зачинуваат јадењето.

 

За истражувањето

Истражувањето за консумација на супи и зачини беше спроведено како дел од омнибус-истражувањето на „Индаго“ спроведено во октомври 2024 година на репрезентативен примерок од 1.002 испитаници на 15+ годишна возраст..

 

Индаго

Како една од првите агенции за истражување на пазарот, „Индаго“ постојано вложува во континуиран развој на истражувачките алатки и решенија и иницира нов пристап кон истражувањето. Само иновативната мисла и акција можат да му обезбедат на клиентот информација врз чија база ќе ги донесува своите одлуки. Имагинација, креативност и интердисциплинарно размислување – ова се квалитетите што ги имаат искусните експерти од областа на истражувањето на пазарот во „Индаго“ и кои претставуваат солиден почетен капитал на секој проект.

Контакт: Боге Божиновски

boge.bozinovski@indago.mk

Индаго, бул. ВМРО 1, Скопје

Телефон: +389 312 6001



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...