Анализи

Предводници на македонската малопродажба

21 Aug 2024

МАПАТА НА ТРГОВЦИ е специјално издание на InStore кое го издаваме еднаш годишно, но со оглед на содржината, се користи во текот на целата година. Во финансиската анализа на InStore годинава вклучивме 35 компании што работат во малопродажба. Во изборот на компании влегоа КА, ЛКА, дисконтери и мали дуќани што имаат повеќе од една продавница.

Автор: Верица Мартиновска, verica@instore.mk

Ако кажеме дека и минатата година фокусот и на потрошувачите и на трговците беше на цените, секако нема да погрешиме. Скратените буџети на домаќинствата предизвикуваа потрошувачите да ги намалат трошоците и да бараат промоции, попусти и акции, како и производи кои даваат поголема вредност за парите. Сето ова предизвика намалување на лојалноста, односно навиката да се пазари од еден трговец.

Од економски аспект, владaта во Македонија одлучи да креира мерки со кои директно интервенираше врз пазарниот механизам за да ги насочи и ограничи растечките трендови на цените на стоките и услугите. Македонската економија во периодот од 2022 до 2023 година како да беше фокусирана на ефикасноста на мерките со чија успешност требаше да се постигне зауздување на порастот на цените и стабилизација во снабдувањето со производите и суровините. Од денешна перспектива се поставува прашањето дали утврдувањето на максималната цена за дел од производите во прехранбената индустрија, контролата на маржите за овие производи, па повторното фиксирање на цените за дел од овие производи ги дадоа посакуваните ефекти, со брзина и опфат како што се очекуваше. Во поглед на ова, минатата година голем предизвик беше и забраната за ставање на производите на акции и промоции, кој беше надминат по изнесувањето на реалните состојби од компаниите, токму на 9.FMCG SUMMIT.

Како што се приближуваше крајот на важноста на последниот сет административни ценовни мерки, по долг период на преговарање и договарање се донесе Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Кај одреден дел од експертите постои мислење дека овој закон конечно ќе донесе ред во цените и во функционирањето на пазарната економија, но ќе видиме дали навистина ќе биде така. Еден од предизвиците останува дефинирањето на листата со производи која бара анализа, но и утврдување на критериумите и методологијата. Тука, како и за многу закони, треба да се нагласи и предизвикот дали имаме соодветен институционален капацитет за негово спроведување.

Европските трендови во малопродажбата и кај нас

Брзината во работењето и приспособувањето кон промените секако е белег за FMCG-секторот, а ова може да се каже конкретно и за малопродажбата. И во 2023 година бевме сведоци на затворање на продавници, но и инвестирање во отворање нови и реновирање на старите објекти. Проширување на малопродажната мрежа беше забележано кај повеќето трговци, но интензитетот сепак е најголем кај дисконтерите. Мал дел од промените од минатата година што може да се споменат е купувањето на маркетите „Зендолино“ од страна на „Жито“ - на „Жито“ му се отстапени седум продажни објекти во повеќе градови од државата. Од друга страна, „Тинекс“ кон крајот на 2023 година го претстави новиот концепт на продавници кој подразбира брзо купување намирници, но и можност на истото место да се купи појадок, кафе и слично.

Забележливо е дека од европскиот малопродажен пазар кај нас се преслика уште еден тренд. Очигледно е дека нарушувањето на синџирот на снабдување и точната набавка на производи специфични за ефикасното работење на дисконтите ги наведе да се движат кон сегментот на супермаркети. Таков пример е „Лидл“, кој веќе подолго време се развива поинаку од моделот на дисконтер и се движи во насока кон моделот супермаркети. Причината за овој развој потекнува од борбата на дисконтерот против силните играчи со широк асортиман.  Имено, во хипермаркетите и супермаркетите веќе одамна потрошувачите можат да се снабдат со свежи подготвени печива и готови јадења. Кујните веќе добро функционираат во објектите на „Веро“, „Рамстор“, „Тинекс“, „Рептил“. Кај нас, европскиот тренд на супермаркетизација на дисконтите го применува „Кам“, така што и во неговите објекти потрошувачите може да купат свежо печени печива. Тука треба да се спомене и проширувањето на понудата на непрехранбени производи во дисконтите, како одговор на широкиот асортиман што го имаат супермаркетите. Ако претходно дисконтите ставаа акцент на производи од прехранбениот сегмент, сега сè почесто понудата на привремени непрехранбени производи е присутна во летоците на дисконтерите.

Имаме ли победници во кризата на трошоците за живот?

Како и секоја година, со големо внимание ја подготвуваме МАПАТА НА ТРГОВЦИ и со податоците добиени од „Таргет груп“, односно од нивната база на финансиски податоци biznismreza.mk, го анализираме финансиското работење на трговците. Последните пет години во нашите анализи просечно вклучуваме по 40 компании, така што последователно може да се следи нивното работење.

Според Централниот регистар, под шифрите на дејност 47.1 (47.11 и 47.19) во 2023 година работеле 4.821 компанија. Овие компании вработиле 22.774 луѓе и оствариле вкупни приходи во износ од 131.331.996.794 денари.

Во годинешната анализа на InStore анализираме 35 компании (дадени во табела 1) кои во Централниот регистар се заведени според горенаведените шифри на дејност. Во 2023 година нивниот вкупен приход зазема 62,5% од вкупно остварените приходи на сите компании заведени под споменатите шифри. Речиси половина, 10.412 луѓе се вработени во овие 35 компании.

Во табела 1 ја даваме финансиската анализа на трговците според остварениот профит во 2023 година, кога овие компании успеале да остварат вкупен профит од 2.624.195.551 денар, преку 876 продавници. Компаниите оствариле пораст на вкупниот профит од 37,7%, во споредба со 2022 година. Вкупниот профит во 2023 година на првите три компании („Веро“, „Кам“ и „Киппер“) изнесува 1.427.932.901 денар, што е повеќе од половина од вкупно остварениот профит на 35. компании. Во првата петорка, според остварениот профит во 2023 година, се најдоа „Стокомак“ со пораст на профитот од 18,8% и „Кит-Го“ со пораст од 138,2%.

Од друга страна, доколку се анализираат остварените приходи од продажба на производи во 2023 година, првите три позиции ги зазедоа дисконтите „Кам“, „Киппер“ и „Стокомак“. Тие оствариле вкупно приходи од продажба на производи во износ од 34.710.750.437 денари, што е пораст во споредба со 2022 година кога овие компании оствариле вкупни приходи од продажба на производи од 29.098.610.465 денари. Анализираните 35 компании оствариле вкупно приходи од продажба на производи од 78.608.795.996 денари. Од споменатиот вкупен број продавници (876) преку кои работат 35. компании, 294 им припаѓаат на овие три трговски синџири.

Според приходите од продажба на производи, како и секоја година, ги мапираме најдобрите 15. На Мапата на трговците (22 страница) може да ја погледнете реалната слика на распространетост на трговците на македонскиот пазар. Мапата дава одговор на прашањето за конкуренцијата и нејзината присутност во одреден град, но и каде сè постои можност за отворање нови објекти.

Финансиските анализи што InStore ги нуди во специјалното издание МАПА НА ТРГОВЦИ во голема мера покажуваат каде се наоѓа вашата компанија во споредба со другите на пазарот. Сепак, треба да се има предвид дека за целосната слика важни се и податоците за новоотворени маркети, капиталните вложувања, споредните бизниси и сл.

Се надеваме дека ова специјално издание и годинава ќе биде ваша потпора во донесувањето на новите бизнис-одлуки.

 

Табелите можат да се видат на линкот https://instore.mk/record/29/15750/mapa-na-trgovci-2024-mapa-na-distributeri-2024

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...