Анализи

Минтел: Ќе се менува ли прехранбената индустрија?

09 May 2024

Пандемијата на ковид-19 го истакна значењето на превентивата и борбата против климатските промени. За да се приспособи на овие промени, прехранбената индустријата користи нови технологии што можат да го унапредат производството на храна. Во ова истражување се осврнуваме на состојките што ги бараат потрошувачите и истражуваме некои од трендовите што влијаат врз иднината во прехранбената индустрија.

Извор: https://www.mintel.com/

Клучот за подобро здравје е во исхраната

Пандемијата на ковид-19 имаше големо влијание врз ставовите на потрошувачите, нагласувајќи ја важноста на човечкото здравје. Сè повеќе потрошувачи бараат алтернативи во исхраната, го истражуваат и проверуваат потеклото на производите и сè повеќе знаат да ги читаат состојките на етикетите. Сите овие промени ги поттикнаа иновациите во прехранбената индустрија и ја заострија конкуренцијата меѓу производителите и брендовите. Денес, луѓето ја сметаат храната за пат до подобар животен стил на долг рок.

На светско ниво, во Југоисточна Азија, повторно се забележуваат трендови на традиционалните состојки на храната, вклучувајќи го повторното откривањето на „храната како лек“. Овој концепт, со корени од древните традиции, сега добива сила меѓу современите потрошувачи. Во Тајланд, здравата исхрана за силен имунолошки систем е врвен тренд. Тројца од пет тајландски потрошувачи активно купуваат храна за зајакнување на имунитетот како: свежо овошје и храна богата со цинк. Овој фокус кон силен имунитет се повторува и на Филипините, каде што над 80% од потрошувачите постари од 45 години бараат храна за зајакнување на имунитетот.

Природните и органските состојки, особено ѓумбирот, куркумата и женшенот, се високо ценети поради перцепцијата дека се здрави и безбедни. Брендот што особено профитира од овој тренд е HOTTA Cool, билен пијалак од ѓумбир збогатен со витамини Ц, Е и А. Овој производ е пример за тоа како брендовите можат да победат доколку вистински ги следат потрошувачите преференции. HOTTA Cool се позиционира како добар за здравјето, истакнувајќи ги придобивките за зајакнување на имунитетот и подобрување на варењето преку водечката состојка - ѓумбирот.

Храната како глобален лек

Филозофијата „храната како лек“ е исто така широко распространета на глобално ниво. Во земјите во кои здравствената заштита претставува луксуз, каде што исхраната е главен причинител на здравствените проблеми, квалитетот на намирниците е особено важен при изборот на луѓето. Овој зголемен интерес за здравјето е евидентен во Германија, каде што 60% од граѓаните се загрижени за влошување на нивното здравје во наредните пет години.

Зголемувањето на здравствените состојби поврзани со исхраната, како што се дијабетес тип 2 и дебелината, ја поттикнува претпазливоста и пребирливоста на потрошувачите во она што ќе се најде на нивната листа за купување. Лошото метаболичко здравје, често поврзано со зголемување на телесната тежина, го зголемува ризикот од разни хронични болести. На овие предизвици брендовите реагираат нудејќи опции „без шеќер“. Дополнително, се појавуваат производи кои промовираат здрава контрола на гликозата во крвта, со состојки како зелена банана во прав, растителни влакна и хром.

Моќта на етикетите

Владите во светот се фокусираат на состојките што ја прават исхраната поздрава. Тие воведуваат строги политики за да ги направат производителите на храна одговорни за здравјето на луѓето. Особено внимание се обрнува на шеќерот, солта, маслата и калориите. Мерките вклучуваат даноци за шеќер, ограничување на производите со висока содржина на шеќер и сол (HFSS), како и системи за етикетирање на пакувањата со информации како Nutri-score во Европа. Овие промени ги поддржуваат многу потрошувачи, кои сметаат дека таквите системи се најдобриот начин да се избере здрав производ. Оваа транспарентност им дава на потрошувачите моќ да изберат храна со поголема внимателност за нивното здравје. Освен тоа, потребата за здрава исхрана ќе го стимулира напредокот во иновациите на состојките на храната.

Изборот на храна може да придонесе за поодржлива иднина

Во текот на минатиот век индустриското производство на храна овозможило да се произведува храна по ниски трошоци за да се задоволат барањата на растечката популација. Но, постои и темна страна: влијанието врз животната средина. Зголемениот фокус на одржливоста ја поттикна индустријата за храна да користи разновидни и одржливи состојки за да го намали негативното влијание врз животната средина.

Повеќе од 3% од новите прехранбени производи низ светот сега се на база на растителна основа, според глобалната база на податоци за нови производи Mintel (GNPD).

Освен протеините од растително потекло, потрошувачите низ светот се отворени да пробаат алтернативни состојки за да помогнат во прифаќањето на поодржлива исхрана. Еден пример е сингапурската WhatIF Foods и нејзиниот производ Moringa Noodles. Направен од бамбарска кикиритка, WhatIF рекламира дека производот е направен со природно разградлива состојка која може да го збогати квалитетот на почвата.

Одржливи состојки со добар вкус

Производството на веганска храна доживеа голема популарност во 2018 година, но денес еуфоријата за овој тип храна полека спласнува. Ова се должи на неуспехот на многу производи да ги задоволат очекувањата на потрошувачите во поглед на вкус, цена и природност.

Што ги спречува потрошувачите да купуваат одржливи производи?

И покрај зголемената свест за одржливо живеење, инфлацијата останува бариера. Инфлацијата го намали интересот на потрошувачите за одржливи производи. Шест од десет граѓани на Обединетото Кралство се согласуваат дека зголемените трошоци за живот ја прават одржливоста на храната помалку важна за нив. Додека, ,пак повеќе од половина од тајландските потрошувачи се загрижени за зголемувањето на цените во споредба со климатските промени. Правењето одржливи производи попристапни и попривлечни со интегрирање вредност им овозможува на потрошувачите да прифатат еколошки одлуки без да ги загрозат нивните месечни буџети.

Одржливоста е клучен фактор, но таа сама по себе не е доволна за да влијае врз навиките во исхраната на потрошувачите, мора да биде во комбинација со вкус. Една третина од германските потрошувачи и една четвртина од француските потрошувачи се согласуваат дека производ со ист вкус и текстура на месо би ги поттикнал да купат некоја друга алтернатива. Една компанија која користи технологија и состојки за да ја испорача посакуваната текстура како алтернатива на месо е австрискиот бренд Revo. Тој најави лансирање на вегански лосос со помош на 3Д-печатење.

Примена на нови технологии во состојките за храна

Новите технологии ќе играат значајна улога во одржливите иновации на состојките. Вештачката интелигенција веќе се користи за откривање нови состојки. Компанијата за биоактивни производи Brightseed користи вештачка интелигенција за да го забрза откривањето на здрави и природни состојки. Со комбинирање на нивната платформа за вештачка интелигенција и нивната бионаучна експертиза, тие развија влакна од коноп. Овој напредок е одговор на новите потреби на германските потрошувачи. Шест од десет германски потрошувачи ја признаваат важноста на цревниот микробиом  и неговата улога во целокупното здравје, па така тие преферираат производи што ја содржат оваа состојка.

Технологиите за биофортификација овозможуваат посевите да бидат преполни со дополнителни хранливи материи преку прецизна употреба на збогатени ѓубрива. Ова е резултат на зголемената популарност меѓу луѓето за „здраво стареење“. Речиси четири петтини од луѓето во Обединетото Кралство веруваат дека храна богата со сите потребни витамини и минерали е од клучно значење за здраво стареење. Дополнително, како што веганските диети стануваат сѐ попопуларни, постои зголемена загриженост за недостиг на витамин Б12, бидејќи тој главно се наоѓа во производите од животинско потекло. Како одговор на ова, тим од истражувачи од Обединетото Кралство, Џон Инс центар, Лет ас гроу и Институтот Квадрам ја искористија технологијата за биофортификација за да развијат решение. Тие произведоа гранчиња од грашок збогатени со витамин Б12 кои го содржеа препорачаниот дневен внес на Б12 во една порција, што е еквивалентно на две порции говедско месо. Примената на новите технологии во храната отвора врати кон иновации што ги задоволуваат потребите на потрошувачите и го подобруваат квалитетот на исхраната и здравјето во целост.

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...