Анализи

ИГД: Добрите примери на одржливост во 2021 година

22 Dec 2021

Четирите тренда на одржливост се прикажани преку примери на малопродажните трговци од цела Европа.

Автор: Луси Белоти, аналитичар за малопродажба, ИГД

Кои се четирите глобални теми за одржливост што се очекува трговците на мало да ги спроведат како дел од нивните долгорочни стратегии? Во продолжение ви нудиме увид и прогнози за индустријата за храна и производи за широка потрошувачка. Четирите тренда на одржливост се прикажани преку примери на малопродажните трговци од цела Европа.

  1. НАМАЛУВАЊЕ НА ПЛАСТИЧНАТА АМБАЛАЖА

Од трговците на мало и од доставувачите очекуваме сè повеќе да бараат начини за намалување, отстранување или замена на пластиката со еколошки прифатливи алтернативи. Нивниот фокус првично е на производите што се приватни трговски марки, но таа практика ја следат и А-брендовите.

Студии на случај:

„Кооп“, Велика Британија

„Кооп“ ја елиминира пластиката од сезонските линии на трговските марки. За време на Велигден трговецот отстрани 14 тони пластика и блескави декорации од приватната марка велигденски јајца, откако за ланскиот Божиќ елиминира 8 тони исти материјали од празничната палета.

Од април 2021 година „Кооп“ ги отстрани сите пластични виљушки од понудата „храна за носење“, потег со кој заштеди 59 тони пластика.

„Лидл“, Данска

Од ноември 2020 година сите производи од месо и живина на „Лидл“ – Данска што се продаваат под приватната марка Vilstrupgård се спакувани во рециклирани пластични послужавници.

Послужавниците рПЕТ (рециклиран полиетилен терафталат) се направени со пластика од рециклирани пластични шишиња. „Лидл“ има цел да ја намали вкупната потрошувачка на пластична амбалажа за 20% и да се префрли на 100% рециклирана пластика до 2025 година.

„Ошан“, Франција

„Ошан“ се стреми да ги елиминира пластичните садови за храна што се користат за месото и морските производи. Трговецот тврди дека новите еколошки послужавници се направени од материјали добиени од земјоделски нуспроизводи, како на пример, остатоци од шеќерна трска. Тие се сертифицирани и можат да се компостираат дома.

Трговскиот синџир има цел да ја отстрани пластиката од пакувањата на свежите производи и целосно да воведе повеќекратни пакувања што се рециклираат или компостираат за сите производи од сопствениот трговски бренд до 2022 година.

  1. ПАРТНЕРСТВА ЗА ПОБЕДА

Малопродажните трговци склопуваат партнерства со доставувачите и со други организации за да се стекнат со нови знаења и да го зголемат нивното позитивно влијание. Тие се свесни дека подобри резултати може да се постигнат само колективно.

Студии на случај:

Too Good To Go

Too Good To Go (Премногу добро за да се фрли) е заедница на „воини против отпадот“, која е креатор на истоимената апликација, дизајнирана да го намали отпадот од храна. Заедницата соработува со неколку трговци низ Европа, како што се „Морисонс“, „Карфур“ – Италија, „Џамбо“, „Метро“ и многу други.

Too Good To Go ја прошири соработката и во хорека-секторот, преку партнерството со синџирот кафетерии „Коста кофи“.

Gander

„Шпар“ соработува со апликацијата за отпадоци од храна Gander, која им овозможува на потрошувачите по намалени цени да ја купуваат храната чиј рок на траење истекува наскоро.

Партнерството првично почна во Северна Ирска, но од март 2021 година трговецот потпиша глобален договор.

Светски фонд за природа

Земјоделството е еден од најголемите двигатели на климатските промени, поради што „Номад фудс“ соработува со Светскиот фонд за природа (WWF – World Wide Fund for Nature) за да најде земјоделски решенија.

Соработката се фокусира на два проекта, вклучително и нацрти што можат „да го зголемат производството на храна преку позитивни земјоделски практики“ и „да се измери влијанието врз биолошката разновидност на ниво на фарма со цел да се најдат нови начини за зголемување на опрашувачите“.

Четири тренда на одржливост кај трговците:

  • Намалување на пластиката;
  • Партнерства;
  • Поддршка на заедниците;
  • Одржливи продавници.
  1. ПОДДРШКА НА ЗАЕДНИЦИТЕ

Очекуваме трговците да го користат нивниот асортиман на приватни трговски марки за поддршка на добротворни организации и локални заедници, со што ќе ја подигнат свеста за овие иницијативи кај купувачите.

Студии на случај:

„Карфур“, Франција

Францускиот трговец „Карфур“ придонесе со 300.000 евра за движењето за фер трговија на непрофитната организација „Макс Хавелар“. Трговецот ги поддржува еколошките практики и ја промовира родовата еднаквост преку линијата органски банани, со ознака Fairtrade. Проектот поддржува 11 кооперативи за фер трговија со банани во Перу и во Доминиканската Република.

„Меркадона“, Шпанија

„Меркадона“ продолжува да донира храна. Во 2020 година трговецот донира вкупно 17.000 тони храна (што е еквивалентно на 280.000 колички за пазарување) на народните кујни, банките за храна и на други добротворни организации во Шпанија и во Португалија.

„Кооп“, Шведска

„Кооп“ – Шведска е главен спонзор на „Mustaschkampen“ (борба со мустаќи), локална кампања на Здружението за рак на простата.

За секој продаден тематски производ, трговецот донира по 1 круна (0,1 евро) за каузата. Потрошувачите можат да купат и додаток мустаќи, со што ќе помогнат да се соберат дополнителни средства.

  1. ОДРЖЛИВИ ПРОДАВНИЦИ

Трговците ќе продолжат да градат и да ги осовременуваат продавниците за да ги направат поодржливи. Некои решенија ќе бидат очигледни за купувачите, други помалку очигледни. Поевидентните решенија ќе се користат за едукација на купувачите за одржливоста.

Студии на случај:

„Асда“, Велика Британија

„Асда“ соработува со брендови, меѓу кои PG Tips, Vimto, Kellogg’s, Radox и Persil за да ги избегне пластичните пакувања и да поттикне повторна употреба на амбалажата или рециклирање. Понудата доаѓа со ветување дека потрошувачите нема да плаќаат повеќе за позелените опции.

„Киви Лерберг“, Норвешка

Дисконтерот „Киви“ отвори една од најодржливите продавници во светот и настојува да постави нови стандарди со продажниот центар во Хоксунд.

Продавницата има различни елементи што ја прават уникатна и одржлива градба. Користи 50 отсто помалку енергија од конвенционалните продавници, а дрвените ѕидови и покривот покриен со трева обезбедуваат еколошка изолација.

„ИКА групен“, Шведска

Шведска ИКА експериментира со геотермално решение за греење и ладење на продавниците.

Целта на проектот е да ѝ помогне на ИКА да разбере како греењето и ладењето на продавниците може да се генерираат или пренасочат за да се користат на еколошки и економичен начин.

За организацијата:

ИГД обезбедува глобален увид, анализа и прогнози за пазарот на прехранбени и производи за широка потрошувачка, со што им помага на клиентите да се движат низ предизвиците на малопродажниот пејзаж што постојано се менува (https://retailanalysis.igd.com/markets/europe).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...