Светската економија е во загуба од најмалку 126 милијарди долари поради коронавирусот, покажува најновото истражување на Меѓународниот трговски центар (ИТЦ).
Според извештајот, кинескиот извоз во февруари годинава се намали за 21% во споредба со истиот период минатата година.
Целосните ефекти од кризата сè уште не се видливи, бидејќи поголемиот дел од земјите почнаа со затворање на границите на крајот од март и април, наведува ИТЦ во извештајот. Блокадите во Кина, ЕУ и САД имаат најголемо влијание врз меѓународната трговија, бидејќи овие три економии, како што се наведува во истражувањето, се главните играчи во глобалните синџири за снабдување и се важни увозници на суровини, делови и компоненти.
Како резултат на тоа, африканските извозници ќе изгубат повеќе од 2,4 милијарди американски долари во глобалниот извоз, а повеќе од 70% од тие загуби се поврзани со привремени нарушувања на синџирот на снабдување со ЕУ.
Според податоците на ИТЦ, трите главни трговски центри – Кина, САД и ЕУ, сочинуваат 63% од увозот на светските синџири на снабдување и 64% од извозот. Затоа, од центарот наведуваат дека глобалната економија изгубила најмалку 126 милијарди долари поради пандемијата.
Во извештајот се наведува и дека пандемијата сериозно погодила повеќе од 55% од сите мали и средни претпријатија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.