Свет

МОТ: Повеќе од еден на секои шест млади луѓе останале без работа

01 јун 2020

Најновата анализа на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за влијанието на Ковид-19 врз пазарот на труд, ги разоткрива катастрофалните и непропорционалните ефекти врз младите работници и ги анализира мерките што се преземаат за креирање безбедно враќање во работната средина.

Повеќе од еден на секои шест млади луѓе останале без работа во текот на пандемијата на Ковид-19, а работното време на тие што останале вработени е намалено за 23 проценти, соопштуваат од МОТ.

Според Мониторот на МОТ „Ковид-19 и светот на работата: 4-то издание“, младите луѓе се несразмерно погодени од пандемијата, а значителното и брзо зголемување на невработеноста од февруари досега повеќе ги погодува младите жени отколку мажите.

Пандемијата им нанесува троен шок на младите луѓе. Таа не само што го уништува нивното вработување, туку ги попречува и образованието и обуката, а предизвикува и поголеми пречки на патот на тие што сакаат да влезат на пазарот на труд или да го сменат работното место.

Со 13,6 проценти, стапката на невработеност на младите луѓе во 2019 година веќе беше повисока во споредба со која било друга група. Во светски рамки имаше околу 267 милиони млади луѓе што не се вработени и не се вклучени во образование или обука (NEET).

Мониторот повикува на итни, обемни и насочени мерки од политиките за поддршка на младите луѓе, вклучувајќи општи програми на гаранции за вработување/обука во развиените земји, како и програми и гаранции што вклучуваат отворање голем број работни места во земјите со ниски и средни приходи.

Тестирањето и следењето се исплатуваат

Четвртото издание на Мониторот, ги разгледува и мерките за создавање безбедно окружување за враќање на работа. Мониторот наведува дека ригорозното тестирање и следење (ТС) на заразите со Ковид-19 е тесно поврзано со помалото нарушување на пазарот на труд... [и] значително помали општествени нарушувања од мерките за изолација и вонредните состојби.

Во земјите каде што се врши засилено тестирање и следење, просечниот пад на работните часови е намален дури до 50 проценти. Постојат три причини за ова: ТС го намалува потпирањето врз строги мерки за изолација; ја подобрува довербата на јавноста и на тој начин ја поттикнува потрошувачката и ја поддржува вработеноста; помага за сведување на најмала мера на нарушувањето на работењето на работните места.

Дополнително, тестирањето и следењето може да креираат и нови работни места, иако само привремено, што може да бидат насочени кон младите луѓе и другите приоритетни групи.

Мониторот ја нагласува важноста на справувањето со прашањата во врска со приватноста на податоците. Трошоците, исто така, претставуваат значаен фактор, но соодносот меѓу користите и трошоците на ТС е многу поволен.

Загуба на работни часови

Мониторот, исто така, ги ажурира и процените за намалувањето на работните часови во првото и второто тримесечје на 2020 година, во споредба со четвртото тримесечје на 2019 година. Проценето е дека 4,8 проценти од работните часови биле изгубени во текот на Т1 во 2020 година (што е еднакво на приближно 135 милиони работни места со полно работно време, ако се претпостави 48-часовна работна недела). Ова претставува мала нагорна корекција од околу 7 милиони работни места во периодот по третото издание на Мониторот. Проценетиот број на загубени работни места во Т2 останува непроменет и изнесува 305 милиони.

Од регионална перспектива, Северна и Јужна Америка (13,1 проценти) и Европа и Централна Азија (12,9 проценти) ги имаат најголемите загуби во работни часови во Т2.

Мониторот повторно го нагласува својот повик за непосредни и итни мерки за поддршка на работниците и претпријатијата во согласност со стратегијата на МОТ што се темели на четири столбови: стимулирање на економијата и вработеноста; поддршка на претпријатијата, работните места и приходите; заштита на работниците на работното место; потпирање врз социјалниот дијалог за наоѓање решенија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...