Свет

25 години успех: Приказната на „Амазон“ почна во гаража

05 Jul 2019

Историјата на „Амазон“, најголемиот интернет трговец почна пред 25 години во гаража во Сиетл. Денес „Амазон“ е еден од највредните концерни, а основачот Џеф Безос е најбогат човек во светот, анализира „Дојче Веле“. 

Патот до успехот 

Џеф Безос уште на возраст од 30 години оствари завидна кариера во берзанскиот свет на „Вол Стрит“, но тоа очигледно не му беше доволно. Него го фасцинирал интернетот. Заедно со својата тогашна сопруга МекКензи донел судбоносна одлука и своето биро во облакодер во Њујорк го заменил со гаража во Сиетл. Тука почнува приказната за „Амазон“, најголемата онлајн трговска платформа во светот.

Наша визија е да станеме претпријатие максимално насочено кон купувачот, во кое луѓето можат да најдат се што сакаат да купат на интернет, е мотото на Безос. Почетокот бил далеку од остварување на визијата. Џеф и МекКензи Безос на 5 јули 1994 година основале интернет-книжарница. Таа прво се викала „Кадабра“, но брзо добила нов назив, „Амазон“. Она што почнало со книги, во идните години се развило во најголема интернет стоковна куќа во светот. Денес „Амазон“ е нешто уште повеќе - поседува дури и сопствен синџир на супермаркети во САД.

Но, Безос сака уште повеќе: на пример, да конкурира на „Нетфликс“, водечката компанија која нуди интернет стриминг, но и етаблирање сопствена логистика за доставува на пакети. Никој не знае што ќе биде идниот чекор на Безос и во којанасока. „Амазон“ на почетокот на јуни претстави достава со помош на дронови, кои би требало за неколку месеци да ги испорачаат првите пакети.

Љубимец на „Вол стрит“

Поради хроничните загуби, кои беа последица на континуираните нови вложувања, акциите на овој нагло експандирачки концерн долго време не беа многу барани на берзата. Но, откако Безос остварува добивка, стана љубимец на „Вол стрит“. Во првото тримесечие годинава бизнисот одеше одлично - благодарение на разработената онлајн трговија и растот на понудата на „клауд“ сервисот, чистата добивка во споредба со истиот период лани порасна за 125 проценти, на 3,6 милијарди долари. Толку многу „Амазон“ уште не успеал да заработи во само еден квартал. Лани во септември „Амазон“, како втор концерн по „Епл“, успеа привремено да достигне берзанска вредност од билион долари. 
За основачот Безос посебно добро се исплаќа навалата на вложувачи во неговиот концерн, бидејќи тој и натаму е најголем акционер. Затоа веќе со години овој 55-годишник доминира на листите на најбогати луѓе во светот.

На мета на критиките

Но, настрана од берзата, „Амазон“ нема многу сипматизери. Концернот секогаш одново е на мета на критики поради, како што се тврди, лоши услови за работа, а многумина се убедени и дека со неговите ниски цени ги уништува ситните трговци. Но, најголемиот непријател на „Амазон“ живее во Белата куќа. Американскиот претседател Доналд Трамп постојано го критикува „Амазон“, наводно поради негова вина за финансиските проблеми на американската пошта. Но, главната причина веројатно е судирот на Трамп со угледниот весник „Вашингтон пост“, кој често известува критички за претседателот. Весникот е во приватна сопственост на Џеф Безос.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...