Свет

ФАО: Најмногу поскапеле шеќерот, млекото и маслото за јадење

13 Mar 2025

Индексот на цените на храната на ФАО во февруари 2025 година во просек изнесуваше 127,1 поени, што претставува зголемување за два поени или 1,6% во однос на ревидираното јануарско ниво. Додека индексот на цените на месото остана стабилен, сите останати се зголемија, при што најзначајни зголемувања се забележани кај шеќерот, млечните производи и растителните масла, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Цените на житариците пораснаа на 112,6 поени, што е зголемување од 0,8 поени или 0,7% во однос на јануари, но сепак пониски во однос на февруари 2024 година, кога беа повисоки за 1,2 поени (1,1%).

Цените на извозот на пченицата се зголемуваат од месец во месец, поттикнати од падот на домашните залихи во Русија, кои го ограничија обемот на извозот и ја пренасочија побарувачката кон други добавувачи, зголемувајќи го притисокот врз глобалните цени. Дополнителен фактор што ги зголемува цените се неповолните временски услови за земјоделските култури во делови од Европа, Русија и САД, според ФАО.

Растителните масла поскапеа за три поени или 2%, а индексот на ФАО достигна 156 поени. Овој раст беше поттикнат од повисоките цени на палминото масло, маслото од репка, маслото од соја и сончогледовото масло.

Млечните производи забележаа значителен раст – за 5,7 поени (4%) во однос на јануари, така што индексот на ФАО во февруари изнесува 148,7 поени, што претставува годишен раст од 23,2%.

Цените на месото останаа главно стабилни во однос на јануари, при што индексот на ФАО изнесуваше 118 поени, што е благо намалување од 0,1 поен.

 Меѓународните цени на месото од живина паднаа поради обилните глобални залихи, првенствено поради високата достапност за извоз од Бразил, иако птичјиот грип и трговските ограничувања во другите земји производители влијаеа на пазарот. Цените на свинското месо исто така благо ослабеа, под притисок на пониските цени во Европската унија. Спротивно на тоа, цените на овчо месо се зголемија, поддржани од силната глобална побарувачка, соопшти ФАО.

Цените на шеќерот пораснаа во просек за 7,3 поени или 6,6%, со што индексот на ФАО во февруари достигна 118,5 поени, по три последователни месеци пад.

 

 

Извор: Bankar.me

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...