Извор: „Минтел“, www.mintel.com
Пандемијата на ковид-19 го промени начинот на кој потрошувачите купуваат основни прехранбени и непрехранбени производи. Сосема очекувано, беше забележано огромно зголемување на бројот на луѓе што купуваа производи преку интернет, од потреба или поради загриженост за безбедноста. Како резултат на тоа, големината на онлајн-пазарот на намирници низ Европа забележа значителен пораст. Во Велика Британија онлајн-пазарот забележа пораст за високи 88% од 2019 до 2021 година, иако имаше помали, но сепак импресивни, стапки на пораст на другите четири големи европски пазари: Франција, Германија, Шпанија и Италија.
Откако пандемијата почна да слабее и ограничувањата се укинаа, многу купувачи повторно се вратија во физичките продавници. Сепак, продажбата на FMCG-производи преку интернет сè уште останува над нивото пред пандемијата. Меѓутоа, годинава се појави нов предизвик – кризата на трошоците за живот.
Криза на трошоците за живот
Зголемените трошоци за живот и зголемената инфлација предизвикаа поскапување на храната на глобално ниво, што има огромни импликации врз пазарот на FMCG-производи, и физички и онлајн. Сепак, зголемувањето на трошоците за живот е поголем предизвик за е-трговците бидејќи потрошувачите што продолжуваат да купуваат онлајн се соочуваат со дополнителни трошоци за испорака. Повеќе од една третина од француските онлајн-купувачи на FMCG-производи ја сметаат испораката за несуштински трошок.
Голем дел од луѓето повторно се враќаат да купуваат во физичките продавници, размислувајќи на тоа како на начин да ги намалат трошоците. Не само за да заштедат на трошокот за испорака, туку и затоа што голем број потрошувачи веруваат дека можат да најдат подобри цени и промоции во продавницата. Една третина од потрошувачите во Велика Британија избегнуваат да купуваат онлајн токму поради оваа причина.
Сепак, тоа не треба да се сфати како целосен пораз. Постојат многу потрошувачи, особено млади луѓе и семејства со мали деца, кои мислат дека плаќањето на трошоците за испорака е поприфатливо ако се земе предвид заштеденото време. Тоа е добар сигнал за поширок тренд, што ги мотивира Европејците да практикуваат да купуваат преку интернет.
Неопходно е трговците да ја истакнат инхерентната вредност на сите аспекти на нивната онлајн-услуга, а не само на цената.
Потрошувачите, практичноста и вредноста
За време на финансиски тешкотии, вредноста е приоритет за поголемиот дел од потрошувачите. Но, треба да се нагласи дека вредноста доаѓа во многу форми, а не само во облик на ниски цени. За да продолжат потрошувачите повторно да нарачуваат, неопходно е трговците да ја истакнат инхерентната вредност на сите аспекти на нивната онлајн-услуга, а не само на цената.
Примарните причини поради кои купувачите во Велика Британија го користат онлајн-каналот за купување FMCG-производи се водени од практичноста. Две петтини од потрошувачите во Обединетото Кралство купуваат онлајн за да избегнат купување во продавница (продолжена навика по пандемијата), а повеќе од една третина го прават тоа за да избегнат сопствен превоз на производите. Слично однесување се забележува и во Франција. Помладите купувачи ја наведуваат практичноста како значаен двигател за купување преку интернет, при што 79 отсто од луѓето на возраст од 16 до 34 години велат дека заштеденото време е добра компензација за трошоците за испорака.
Повеќе од една четвртина од Британците што купуваат FMCG-производи преку интернет го прават тоа при набавката на погабаритни артикли, со што ги избегнуваат непријатностите од транспортот на тешки предмети до дома. Освен тоа, и купувањето големи количества производи е однесување чија популарност сè повеќе се зголемува. Повеќе од една третина од купувачите на FMCG-производи во Обединетото Кралство изјавиле дека во 2022 година складирале резерви од одредени производи кога се продавале по пониска цена за да заштедат.
Лојалност на купувачите
Шемите за лојалност во малопродажбата се веќе многу популарни, при што четири петтини од купувачите во Велика Британија изјавиле дека се дел од програмите на најмалку еден трговец на мало. Оваа популарност се рефлектира и на онлајн-малопродажбата. Денес, повеќе од кога било, шемите за лојалност и претплата се моќна алатка за онлајн-трговците со FMCG-производи да можат да ја срушат перцепцијата дека купувањето преку интернет чини повеќе. Како што беше споменато и претходно, трошоците за испорака може да бидат пречка за купувачите, но шемите што нудат награди за бесплатна испорака се одлично решение за овој проблем.
Шемите за лојалност и претплата се моќна алатка за онлајн-трговците со FMCG-производи да можат да ја срушат перцепцијата дека купувањето преку интернет чини повеќе.
Одржливоста на онлајн-купувањето
Според податоците со кои располага „Минтел“, во последниве години темата одржливост добива сè поголемо значење за потрошувачите. Соочени со влијанието на растечките цени, одржливоста како да го губи приоритетот, но тоа не значи дека грижите за неа целосно ќе исчезнат. Повеќе од половина од германските потрошувачи велат дека трговците треба да направат повеќе за да ги направат нивните испораки поеколошки, а 81% од италијанските онлајн-купувачи повеќе би сакале да нарачаат од трговец што нуди амбалажа што може да се рециклира, отколку од некој што не го прави тоа.
Постои зголемена загриженост дека одржливото живеење е непрактично во време на економски тешкотии. Повеќе од половина од германските потрошувачи што се соочуваат со финансиски проблеми не веруваат дека водењето одржлив начин на живот може да заштеди пари. Но, тоа не е случај секогаш. Постои можност за онлајн-трговците да ја подобрат својата атрактивност со поттик на однесување што може да заштеди пари во спој со позитивно влијание врз животната средина. На пример, купување производи без пакувања или во поголеми пакувања што можат да се надополнуваат. Брендовите треба да ја пренесуваат пораката дека одржливите навики за купување се можни со разумен буџет.
Каква е иднината на онлајн-малопродажбата на FMCG-производи?
Брза испорака. Истражувањето на „Минтел“ покажа дека три четвртини од онлајн-купувачите во Шпанија изјавиле дека е поголема веројатноста да купуваат кај трговците што нудат брзи рокови за испорака. Трговците ги исполнуваат тие барања за брзина и ефикасност преку партнерства со оператори за испорака како што се Just Eat и UberEats. Водечките трговци на мало, вклучително и британски „Теско“ и француски „Карфур“, почнаа да лансираат и сопствени услуги за брза испорака.
Директно до фрижидер. Трговците треба да се фокусираат на иновациите што ја подобруваат практичноста при купувањето FMCG-производи преку интернет, што има можност да се постигне преку услугите за испорака. Добар пример е „Волмарт“, кој ја лансира услугата за испорака „директно до фрижидер“, при што вработените опремени со камери влегуваат во куќата на купувачот за да достават производи или да го преземат повратот, дури и ако купувачот не е дома.
Беспилотни летала, роботи и возила без возач. Повеќе од половина од потрошувачите во САД сметаат дека компаниите треба да инвестираат во електрични или хибридни возила за испорака. Трговците почнаа да го прават токму тоа, и тоа не е само во Америка, туку и во Европа. „Кооп“ – Велика Британија користи услуга за испорака со мали роботи, кои доставуваат производи од избрани продавници до домовите на купувачите.
Новите методи за испорака се можност дополнително да се зголеми практичноста за потрошувачите, а истовремено и за трговците да ги подобрат сопствените акредитиви за одржливост.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.