Свет

ФАО: Маргинално зголемување на цените на храната во јули

09 Aug 2023
Индексот на цените на храната во јули годинава во просек изнесуваше 123,9 поени, што е за 1,5 поен (1,3 отсто) повеќе во споредба со претходниот месец. Сепак, јулскиот индекс останува за 16,6 поени (11,8 отсто) под неговата вредност во истиот месец минатата година.
 
Индексот на цените на житните култури во просек изнесуваше 125,9 поени во јули годинава, што е намалување за 0,7 поени (0,5 отсто) во споредба со јуни и за дури 21,3 поени (14,5 отсто) под неговата вредност пред една година. За маргиналниот пад во јули најмногу придонесе намалувањето на меѓународните цени на крупните житни култури, чии цени беа за 4,8 отсто пониски во споредба со јуни.
 
Во јули годинава индексот на цените на растителните масла во просек изнесуваше 129,8 поени, што е за 14 поени (12,1 отсто) повеќе на месечно ниво. Ова е прво зголемување по седумесечен последователен пад. Овој изразен пораст во јули беше поттикнат од повисоките глобални цени на сончогледовото, палминото, соиното и на маслото од маслодајна репка.
 
Минатиот месец индексот на цените на млекото и на млечните производи во просек изнесуваше 116,3 поени, што е намалување за 0,5 поени (0,4 отсто) во споредба со еден месец претходно. Ова претставува седми последователен месечен пад, со што цените се за 30,2 поени (20,6 отсто) под вредноста во истиот месец минатата година.
 
Индексот на цените на месото* во просек изнесуваше 117,8 поени во јули годинава, што е намалување за 0,4 поени (0,3 отсто) во споредба со јуни, но сепак за 6,3 поени (5,1 отсто)  под вредноста во јули минатата година.
 
Јулскиот индекс на цените на шеќерот во просек изнесуваше 146,3 поени, што е намалување за 5,9 поени (3,9 отсто) во споредба со јуни. Ова е втор последователен месечен пад, но нивото на цените останува за 33,4 поени (29,6 отсто) повисоко во споредба со истиот месец минатата година.
 
* За разлика од другите групи, поголемиот дел од цените што се користат за пресметка на индексот на цените на месото не се достапни кога се пресметува и се објавува овој извештај. Вредноста на индексот на цените на месото е изведена од комбинација на проектираните и забележаните цени.
 
 
Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) ја мери месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница. Тој се состои од просекот на индексите на цените на петте групи прехранбени производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...