Свет

ФАО: Во мај продолжи трендот на опаѓање на цените

07 Jun 2023
Индексот на цените на храната во мај годинава во просек изнесуваше 124,3 поени, што е намалување за 3,4 поени (2,6 отсто) во споредба со претходниот месец и дури за 35,4 поени (22,1 отсто) помалку од историскиот максимум што го достигна во март 2022 годинa 
 
Извор: www.fao.org
 
Индексот на цените на житните култури во просек изнесуваше 129,7 поени во мај годинава, што е намалување за 6,5 поени (4,8 отсто) во споредба со април и за дури 43,9 поени (25,3 отсто) под рекордно високата вредност пред една година. Глобалните цени на пченицата се намалија за 3,5 отсто на месечно ниво, како резултат на изгледите за големи залихи во претстојната 2023/24 сезона.
Во мај годинава индексот на цените на растителните масла во просек изнесуваше 118,7 поени, што е пад за 11,3 поени (8,7 отсто) на месечно ниво и за цели 48,2 отсто под нивото од претходната година. Континуираниот пад се одрази на пониските глобални цени на палминото, соиното, сончогледовото и на маслото од маслодајна репка.
 
Минатиот месец индексот на цените на млекото и на млечните производи во просек изнесуваше 118,7 поени, што е намалување за 3,9 поени (3,2 отсто) во споредба со еден месец претходно и за 25,5 поени (17,7 отсто) помалку од мај минатата година. Падот во мај беше предизвикан од големото намалување на глобалните цени на сирењето, во услови на високо сезонско производство на млеко на северната хемисфера.
 
Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) ја мери месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница. Тој се состои од просекот на индексите на цените на петте групи прехранбени производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите.
 
Индексот на цените на месото* во просек изнесуваше 117,9 поени во мај годинава, што е за 1,1 поен (1 отсто) повеќе од април, но сепак за 5 поени (4,1 отсто) под вредноста во мај минатата година. Ова е четвртиот последователен месечен пораст на цената на месото.
 
Априлскиот индекс на цените на шеќерот во просек изнесуваше 157,6 поени, што е за 8,2 поени (5,5 отсто) повеќе од април. Тоа е четвртото последователно месечно зголемување, со што цените на шеќерот достигнаа ниво дури за 37,3 поени (30,9 отсто) над вредноста од пред една година.
 
* За разлика од другите групи, поголемиот дел од цените што се користат за пресметка на индексот на цените на месото не се достапни кога се пресметува и се објавува овој извештај. Вредноста на индексот на цените на месото е изведена од комбинација на проектираните и забележаните цени.
 
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...