Неколку трговци најавија поголем фокус на к-продавниците (C-store, convenience store). Овие продавници се нарекуваат и градски, локални или маалски, а се однесуваат на различни формати во соседството, развиени од различни трговци – од големи синџири супермаркети до задруги и дисконтери. К-продавниците се многу популарни во урбаните центри, како и во селата во кои се доселуваат урбани жители.
„Алди“, на пример, има намера да го зголеми бројот на продавниците „Алди локал“ во Велика Британија, особено во Лондон, и е во потрага по мали локации од 460 квадратни метри. Во Белгија, трговецот ја отвори првата „компактна“ продавница во Брисел. Како што изјавија од менаџментот на „Алди“, асортиманот е речиси ист како и во поголемите објекти, со тоа што се намалени премините во продавницата. Цените остануваат исти.
Истражувањата во Шпанија покажуваат пораст на к-форматите во земјата. „Диа“ си постави цел да стане лидер во сегментот маалски продавници. Трговецот работеше на ремоделирање на продавниците, така што целосното купување потрошувачот може да го направи блиску до домот и на практичен начин.
„Асда“ планира да отвори 300 к-продавници во Велика Британија во следните четири години, со што би се отвориле нови 10.000 работни места. „Веитрос“ сака да ја изгради мрежата на продавници „Литл Веитрос“, со оглед на тоа што трговецот смета дека не е доволно присутен во к-каналот. Во меѓувреме, „Сеинсберис“ го проширува својот локален формат, кој сега опфаќа повеќе од 800 продавници. Продажбата на трговецот минатата година е зголемена за 10% и достигна 3 милијарди фунти (3,4 милијарди евра). „Теско“ има формат „Експрес“ со мрежа од 2.000 продавници.
Во Белгија, платформата за податоци „Локатус“, која е специјализирана за малопродажни недвижности, покажа дека сите водечки трговци на мало се фокусираат на форматот на к-продавници. „Карфур експрес“ го зголеми бројот на продавниците, а ист е случајот и со „Прокси Делез“ и „Океј“, банер на „Колрајт“.
Интересно е што францускиот лидер за малопродажба „Е. Леклер“, кој оперира најмногу со хипермаркети, сега го тестира најмалиот формат на продавници. Трговецот ги лансира локалните супермаркети „Леклер роле“ од околу 250 квадратни метри. Со новиот концепт „Е. Леклер“ сака да се зацврсти на пазарот, на кој неговите конкуренти „Карфур“ (Карфур сити), „Ошан“ (А2 па), „Кора“ (Кора ен вил) или „Казино“ (Франпри, Шпар, Вивал) веќе имаат развиено мрежа.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.