Свет

ФАО: Цените на храната продолжуваат да се намалуваат

06 Feb 2023

Индексот на цените на храната во јануари годинава во просек изнесуваше 131,2 поени, што е намалување за 1,1 поен (0,8%) во споредба со декември минатата година. Тоа е 10. последователен месечен пад, со кој индексот се намали за 28,6 поени (17,9%) од врвот што го достигна во март 2022 година. Јануарскиот пад на индексот беше предизвикан од намалувањето на цените на растителните масла, млечните производи и на шеќерот, додека цените на житарките и на месото останаа стабилни.

Извор: www.fao.org

  • Индексот на цените на житните култури во просек изнесуваше 147,4 поени во јануари годинава, што претставува незначителен пад од 0,1% во споредба со декември минатата година и 6,7 поени (4,8%) повеќе од нивото од пред една година. Од главните житни култури, во јануари се зголемија цените на оризот и на пченката, а на јачменот и пченицата забележаа пад.
  • Во јануари годинава индексот на цените на растителните масла во просек изнесуваше 140,4 поени, што е намалување за 4,2 поени (2,9%) на месечно ниво и за речиси 25% од нивото од пред една година. Намалувањето се одрази на пониските цени на палминото, соиното, сончогледовото и маслото од маслодајна репка на глобално ниво.
  • Минатиот месец индексот на цените на млекото и на млечните производи во просек изнесуваше 136,2 поени, што е намалување за 2 поени (1,4%) во споредба со еден месец претходно. Ова е најниското ниво на млечните производи во последните 12 месеци. Падот во јануари се одрази на пониските цени на путерот и на млекото во прав.
  • Индексот на цените на месото* во просек изнесуваше 113,6 поени во јануари годинава, што претставува маргинално намалување (0,1 поен и 0,1%) во споредба со декември минатата година. Падот на цените на месото продолжува седми месец по ред, но сепак цените се за 1,5 поени (1,3%) над нивото од претходната година.
  • Јануарскиот индекс на цените на шеќерот во просек изнесуваше 115,8 поени, што е намалување за 1,3 поени (1,1%) во споредба со декември. Ова претставува прв пад по наглите зголемувања што беа регистрирани во претходните два месеци. Јануарскиот пад на цените на шеќерот беше главно предизвикан од добрата жетва во Тајланд и од поволните временски услови во Бразил.

Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) ја мери месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница. Тој се состои од просекот на индексите на цените на петте групи прехранбени производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите.

* За разлика од другите групи, поголемиот дел од цените што се користат за пресметка на индексот на цените на месото не се достапни кога се пресметува и се објавува овој извештај. Вредноста на индексот на цените на месото е изведена од комбинација на проектираните и забележаните цени.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...