Индија, најголемиот светски извозник на ориз, ги забрани испораките на скршен ориз – потег што ќе одекне низ Азија, велат аналитичарите на финансиската компанија „Номура“.
Во обид да ги контролира домашните цени, владата го забрани извозот на скршен ориз и воведе данок од 20 отсто на извозот на повеќе видови ориз почнувајќи од 9 септември.
„Номура“ проценува дека влијанието врз Азија ќе биде нерамномерно, а Филипините и Индонезија ќе бидат најранливи на забраната, пишува „Си-Ен-Би-Си“
Индија сочинува приближно 40 отсто од глобалните испораки на ориз, извезувајќи во повеќе од 150 земји. Извозот достигна 21,5 милиони тони во 2021 година. Тоа е повеќе од комбинираните пратки на следните четири најголеми извозници на жито – Тајланд, Виетнам, Пакистан и САД.
Но, производството беше намалено за 5,6 отсто на годишно ниво заклучно со 2 септември во светлината на потпросечните монсунски дождови, што влијаеше на жетвата. Главните индиски држави кои произведуваат ориз, како што се Западен Бенгал, Бихар и Утар Прадеш, добиваат 30 отсто до 40 отсто помалку врнежи, вели Варма. Иако количината на врнежи се зголеми на крајот на август, „колку подолго се одложува сеидбата на [оризот], толку е поголем ризикот дека родот ќе биде помал“.
Индиската влада неодамна објави дека производството на ориз за време на сезоната на југозападни монсуни помеѓу јуни и октомври може да падне за 10 до 12 милиони тони, што значи дека приносот на земјоделските култури може да се намали за дури 7,7 отсто на годишно ниво. Влијанието на забраната за извоз на ориз од Индија директно ќе го почувствуваат земјите кои увезуваат од Индија, но и индиректно сите увозници на ориз, поради неговото влијание врз глобалните цени на оризот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.