Белгискиот трговец „Делез“ ги намали цените на 500 основни намирници од приватните трговски марки од својот асортиман како обид за борба против инфлацијата. По анализата што ја спроведе трговскиот центар, составена е листа од 500 најчесто купувани производи, како што се овошје и зеленчук, тестенини, пијалаци, детергенти, хигиенски производи и храна за домашни миленици.
Трговецот соопшти дека намалувањата се од 5 отсто до 30 отсто. Војната во Украина, енергетската криза и рекордната инфлација се причините поради кои трговецот ги намалува цените.
„Делез“ веќе презеде бројни напори да ги поддржи купувачите поради растечките цени на храната и на другите потреби, вклучувајќи зголемување на промоциите како што се „1+1 гратис“ и регуларни попусти до 15 отсто за околу 5.000 намирници со Нутри - скор оценка А или Б. Од компанијата велат дека и повеќе од 7.000 производи од приватни трговски марки можат да се најдат по цени што се и до 30 отсто пониски од другите брендови.
Во време на голема инфлација не можеме да останеме рамнодушни, бидејќи некои статистики покажуваат дека постои ризик потрошувачите да прибегнат кон неквалитетни и помалку практични производи. Овде не станува збор за еднократна промоција, туку сакаме да ги намалиме разликите во цените за овие производи во однос на другите супермаркети. Истовремено ќе продолжиме да се фокусираме на тоа што нас не издвојува од конкуренцијата, а тоа е нашиот широк спектар на практични, локално произведени и високо квалитетни производи, соопштија од „Делез“.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.