Свет

Штрајк во „Хајнекен“

13 Jan 2022

Работниците на пиварницата „Хајнекен“ планираат да стапат во прв штрајк по 25 години, откако истече рокот за постигнување подобар договор за работа, објави холандскиот синдикат ФНВ. 

Вработените во пиварниците во Ден Бош и Зотервуд и добавувачите на безалкохолни пијалоци треба да започнат со штрајк во петок, соопшти синдикатот, кој повика на зголемување на платите повисоко од планираните 1,5 отсто оваа година и два отсто следната година, пишува „Блумберг“. Претставник на синдикатот на прехранбената индустрија изјави дека најавеното зголемување на платите е прениско и дека сè уште е под нивото на инфлација. Синдикатот оцени дека е „срамота“ што „Хајнекен“ не одговорил на нивните повици за измени на колективниот договор, со кој се засегнати 1.250 работници. 

Од „Хајнекен“ тврдат дека на своите вработени им плаќаат 14 отсто повеќе од другите во истата професија во Холандија, наведувајќи дека нејзината конечна понуда за колективно зголемување на платата од 3,5 отсто за две години може да се зголеми на околу 6,5 отсто.

Ова се предизвикувачки времиња и „Хајнекен“ е исклучително тешко погоден од пандемијата, велат од пиварницата. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...