Аналитичката компанија „Еџ бај есентиал“ ја објави прогнозата за рангирање на трговците во Европа за годинава.
На врвот на листата се три германски синџири. Врз основа на приходите, „Шварц груп“ е прв со проценети 144,57 милијарди евра и пораст од 5,3%. Повеќе од три четвртини од приходите може да ѝ се припишат на подружницата „Лидл“. На второ место, на поголемо растојание, е „Реве“, кој годинава се очекува да забележи зголемување од 4,5% на 81,33 милијарди евра. Трет е „Алди“, за кој се прогнозира пораст од 6,6% и приходи од 75,48 милијарди евра.
Британскиот пазарен лидер – „Теско“ е на четврто место. За него се очекува дека ќе ја заврши годината со приходи од 73,54 милијарди евра, што претставува пад од 5 проценти. Следува германска „Едека“ со приходи од 69,87 милијарди евра.
Следните четири места ги држат француските трговци - „Карфур“, „Е. Леклер“, „Ошан“ и „Интермарше“. Следува холандскиот „Ахолд Делез“, за кој се очекува да има приходи од 35,5 милијарди евра. Тоа е соодветно на пораст од 8,3%, што е најголемо зголемување меѓу првите десет компании.
Што се однесува до трговците од другите земји, првиот руски синџир е „Х5 ритеил груп“ на 12. место, шпанска „Меркадона“ е на 13. место, полски „Еурокаш“ е 15., италијански „Конад“ е 17., швајцарски „Кооп“ е 18., португалски „Жеронимо Мартинс“ е 22., шведска „ИКА групен“ е 23., фински „Кеско“ е на 37. место, данска „Селинг груп“ е 39., норвешката групација „Реитан“ е 40., белгиски „Колрајт“ е 44. и листата завршува со ирски „Мусгрејв“ на 50. место.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.