Свет

Холандија: Се здружуваат „Плус“ и „Кооп“

10 сеп 2021

Трговските синџири „Плус“ и „Кооп“ најавија дека ќе ги здружат силите во нова малопродажна компанија, која ќе биде третата најголема во Холандија.

Двете групации ќе се соединат во ново трговско здружение „Плус У. А.“, кое ќе има околу 550 продажни места низ целата земја. Годишниот промет на новото здружение ќе изнесува околу 5 милијарди евра, а пазарниот удел ќе надмине 10%.

На чело на новата компанија ќе биде досегашниот генерален директор на „Плус“ – Данкан Хој, додека челникот на „Кооп“, Фред Бош, ќе ја преземе функцијата директор на финансии. Вкупниот број на вработени ќе биде 40.000, а на неделно ниво ќе бидат опслужувани 4,5 милиони купувачи.

Во заедничка изјава двете групации нагласија дека спојувањето на „Плус“ и „Кооп“ ќе создаде силен, компетитивен и отпорен играч на следните предизвици на холандскиот FMCG-пазар, а воедно, на двете компании ќе им донесе оперативна заштеда од околу 50 милиони евра годишно.

Седиштето на новата компанија ќе биде во Утрехт. Целата трансакција би требало да биде завршена на почетокот од 2022 година, а се очекува потврда од холандските антимонополски власти, како и од надзорните тела на двете здруженија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...