Џеф Безос, најбогатиот човек во светот и основач на „Амазон“, денеска треба да поднесе оставка од функцијата извршен директор на оваа гигантска платформа за онлајн купување, по 27 години на чело на компанијата.
Безос, кој е на првото место на листата на најбогати луѓе во светот на „Форбс“ со имот вреден околу 189 милијарди долари, најави заминување од функцијата извршен директор на „Амазон“ во февруари, со цел да се посвети на својата вселенска компанија „Блу ориџин“.
„Амазон“, која започна да работи како онлајн книжарница во 90-тите години на минатиот век, порасна во последните две и пол децении и стана една од највредните компании во светот, со пазарна капитализација од 1,7 трилиони долари.
Безос планира да задржи 10,3 проценти од акциите во компанијата, како и позицијата извршен претседател на бордот на директори на „Амазон“. Тој ќе му ја предаде позицијата извршен директор на „Амазон“ на Енди Џеси, кој се приклучи на компанијата во 1997 година и кој во моментов го води секторот за облачни услуги на „Амазон“.
Во меѓувреме, Безос планира да се придружи на екипажот на вселенскиот брод - капсула „Њу Шепард“ на неговата вселенска компанија на првиот патнички лет во вселената, што е закажан за 20 јули, на годишнината од слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината во 1969 година.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.