
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ изврши моделска пресметка на ефектите од актуелниот геополитички шок врз инфлацијата што се базира на три сценарија, кои се разликуваат според интензитетот и перзистентноста на ценовниот шок кај енергенсите, како и по начинот на негово пренесување во економијата.
Во основното сценарио, се претпоставува дека шокот е веќе делумно вграден во тековните пазарни цени и дека нема натамошна ескалација. Цените на енергенсите краткорочно растат, со пик до крајот на вториот квартал од 2026 година, по што релативно брзо ќе се стабилизираат во услови на деескалација на воените активности. Се очекува да почнат постепено да опаѓаат во втората половина на 2026 и во текот на 2027 година. Преносот кон другите цени е ограничен и постепен, без значајни секундарни ефекти.
Во неповолното сценарио, се претпоставува посилен, но сепак временски ограничен шок. Цените на енергенсите растат понагло и достигнуваат повисок пик во третиот квартал од 2026 година, додека неизвесноста и надворешните услови дополнително ќе се влошуваат. Во ова сценарио, преносот кон другите цени е поизразен, вклучувајќи и индиректни и секундарни ефекти, но со текот на времето шокот ќе почне да се повлекува, со видлива нормализација во текот на 2027 година.
Во екстремното сценарио, се претпоставува силен и перзистентен шок, поврзан со продолжена геополитичка ескалација и трајни нарушувања во снабдувањето. Цените на енергенсите продолжуваат да растат и достигнуваат пик кон крајот на 2026 година (четврти квартал), по што ќе останат релативно високи подолг период. Се очекува да почнат да опаѓаат побавно во текот на 2027 година. Преносот во економијата е поинтензивен и поширок, поради што инфлаторните притисоци се позадржани и поизразени.
Резултатите од моделските пресметки за Северна Македонија покажуваат дека инфлацијата ќе се зголеми во сите сценарија, но со значајни разлики во динамиката. Во основното сценарио, порастот на инфлацијата е умерен и краткотраен, со пик во средината на 2026 година, по што следи постепена нормализација. Согласно на ова, „Фајнанс тинк“ ја ревидира проекцијата за просечната инфлација во 2026 година на 3,5% со изразени нагорни ризици.
Во неповолното сценарио, пикот е повисок и се поместува кон втората половина на 2026 година, а враќањето кон пониски стапки е побавно. Во ова сценарио, 2026 година би завршила со просечна инфлација од 6,1%. Во екстремното сценарио, инфлацијата ќе достигне највисоко ниво кон крајот на 2026 година и се задржува повисока и во текот на 2027 година. Во ова сценарио, просечната инфлација за 2026 година би изнесувала 8,2%.

Клучниот заклучок е дека времетраењето на шокот е пресудно за неговиот ефект врз инфлацијата. Доколку цените на енергенсите релативно брзо се стабилизираат, инфлаторниот притисок ќе остане ограничен. Но, ако шокот се задржи, тогаш преку трошоците за производство, транспорт и увоз, ќе се создаде поширок и подолготраен ценовен притисок.
Иако ризиците од повисока инфлација се реални, резултатите упатуваат дека најверојатниот исход е релативно умерен инфлаторен бран, а не повторување на ценовниот шок од 2022 година.