InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Проблемот со кршење на санкциите е што од тоа полза нема државата во целина, односно нејзиното стопанство, туку само поединци.
Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"
Можно ли е Македонија, или некои нејзини структури, да влегле во авантурата „руски рулет", изигрувајќи го ембаргото за земјоделски производи, кое Москва го воведе кон европските земји поради воведените санкции кон Русија и за грст компири (или јаболка, сеедно), да си пукаат во здрава нога? На ден пред владината седница, која требаше да ја расчисти маглата што се надвисна по „бомбата" од Москва, дека македонски фирми вршат реекспорт на земјоделски производи од земјите од Европа кои се под „руски мраз", многу работи беа неизвесни, освен дека „извештајот е готов, но за него прво треба да се произнесе Владата".
Работата е премногу сериозна за да се импровизира. Tоа би било сериозен удар не само врз македонскиот аграр туку и врз економијата во целина и врз угледот и кредибилитетот на Македонија. Но, без оглед на исходот од оваа прилично непријатна ситуација, вреди да се извлечат неколку поенти.
Првата е дека не треба да се игра со мечка, дури и кога изгледа дека е во тесно. Колку за потсетување, само пред неколку месеци во Македонија меѓу стопанственците се подгреваше атмосфера од типот „сега му е мајката", се одржуваа разни состаноци, се вршеа анализи, се делеа совети како македонските земјоделски производи да извршат инвазија врз осиромашениот руски пазар, од каде што беа протерани полските јаболка, германските компири, грчките портокали...
Проблемот со кршење на кои било санкции е што од тоа полза нема државата во целина, односно нејзиното стопанство, туку само поединци. Тоа се покажа уште во времето кога од земјава се движеа композиции кон север, во правец на Србија, која во деведесеттите години на минатиот век беше приклештена од меѓународната заедница. Колку пари се завртеа во тој период, никогаш прецизно не се дозна, но повеќе од јасно е дека ќарот отиде кај тесен круг луѓе, а последиците станаа видливи подоцна, во текот на приватизацијата.
Понатаму, очигледно е дека во таква авантура не е можно да се оди сам, без соодветна логистика кај државните институции. Дали имало лабави алки во тој синџир, сигурно покажала анализата на македонските институции. Без оглед дали Русите имале цврсти аргументи, или тоа било лажна тревога, поуката е дека тие институции треба да го подигнат нивото на контрола и превентива, со што би се зголемила и довербата во нив.
Работата е што во евентуална економска војна, Македонија е апсолутен губитник. Иако во размената со Русија имаме голем дефицит, најголем дел од скромниот извоз или 90 отсто отпаѓаат токму на земјоделските производи. Што значи, ставањето на црната листа би ги погодило токму оние што очекуваа да имаат најмногу ќар.
Дали поради ваквиот развој на настаните, или е коинциденција, јавноста во Македонија на ден-два пред важната владина седница за извозот на земјоделски производи, првпат разбра дека, покрај Јужниот поток и резервната варијанта – Трансјадранскиот гасовод низ Грција, опција e и поврзувањето со Бугарија, односно со тамошниот гасоводен систем, кој се снабдува со овој евтин енергенс од повеќе извори. Претходно, по критиките од Европската енергетска заедница за (не)усогласеноста на Јужен тек со европската регулатива, излезе дека договорот за овој важен проект со Русија, всушност, бил само меморандум. Сега за Јужен поток повеќе се зборува во стилот „ако биде, ќе биде добредојден и за нас".
Во меѓувреме, и покрај оптимизмот што произлегува од податоците дека Македонија е меѓу земјите со највисок пораст во Европа и во регионот, македонското стопанство се соочува со бројни предизвици. Тоа најдобро го потврдува информацијата на Централната банка дека лошите пласмани кај банките во октомври достигнаа речиси половина милијарда евра, односно 497 милиони евра, што е над 12,3 отсто од нивното вкупно кредитно портфолио.
Само за еден месец, тие се зголемиле за дури 17 милиони евра, продолжувајќи го негативниот тренд годинава. Но, глупаво е и да се помисли дека некој се обидел да ги наполни празните акумулатори, така што ќе ги крши општоприфатените правила во надворешната трговија.