
Премиерот Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими открија дека во наредните пет месеци или до одржување на изборите, пензионерите ќе добиваат помош од државата.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Почна. Предизборното лудило за лов на гласачи, почна. Очекувано, на половина година од двојните избори, претседателски и парламентарни, чиј датум засега не го знам, односно дали ќе се поклопат или ќе бидат во различен период од еден месец*, партиите почнаа со лиферување на своите ветувања.

Пишува: Горан Теменугов, новинар
Во моментов главната битка е за гласовите на пензионерите. И тоа нам, што ја следиме економијата во Македонија, ни стана јасно откако се виде буџетот за 2024 година, а на пошироката јавност по изјавите на политичарите од власта и од опозицијата колку пари би дале за пензионерите.
Да почнеме со буџетот за 2024 година. Со децении, да не кажам отсекогаш, од буџетот се префрлаат дополнителни средства до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) за да може редовно да се исплаќаат пензии. Сумата од година во година се зголемуваше, освен во 2019 и 2022 кога имавме намалување. Но, првпат во последниве девет години, во 2024 година зголемувањето ќе биде прилично поголемо. Од буџетот кон ПИОМ ќе се слеат 571 милион евра или дополнителни 63 милиони во споредба со 2023 година. Со овие дополнителни пари ќе се заокружат предвидените една милијарда и 759 милиони евра колку што му треба на Фондот нормално да функционира наредната година.
Бројкиве за сите нас што сакаме да си го читаме буџетот, веднаш ни покажаа на која воденица Владата ја тера својата предизборна вода.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, истото го виде. Неколку дена по објавувањето на буџетот, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски излезе со ветување дека ако ја освојат власта, во рок од една година, секој 334.971 пензионер ќе добие линеарно покачување на своите пензии, а не еднократна помош, од 5.000 денари.
Ова е сериозно добра сума или ако ја пресметаме во евра, тоа се дополнителни 327 милиони кои треба или да се соберат од поголеми давачки за пензиско осигурување или со дополнителни пари од буџетот. Сумата е сериозна и бара сериозно да биде објаснета од страна на лидерот на опозицијата.
Ако не се стави цигла на кочницата што ќе го запре трошењето од буџетот, по изборите може да очекуваме сериозни финансиски предизвици.
Секако, ни власта, односно двоецот СДСМ – ДУИ предводен од Димитар Ковачевски и Али Ахмети, не остана покусо. Тоа што ние економските новинари го гледавме во буџетот како дополнителни милиони кои ќе се слеат во ПИОМ, официјално се разоткри при презентацијата на најновите антикризни мерки.
Премиерот Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими открија дека во наредните пет месеци или до одржување на изборите, пензионерите ќе добиваат помош од државата. Планирано е од декември 2023 до мај 2024, на 187.000 пензионери да им се распределат 35 милиони.
Секако, во корист на владата оди и лани усвоената нова методологија за усогласување на пензиите, кое сега се врши по два параметра: според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во државава во висина од 50%.
Новото усогласување ќе биде на 1 март 2024 година, односно во идеално време дополнителните парички да им држат влага на пензионерите кои можеби ќе се сетат кој им дал некој денар плус.
Секако, убаво е државата да се грижи за пензионерите и нема никој кој би оспорил дека пензиите треба да бидат повисоки. Но, малку провидна е грижата на власта пред избори за пензионерите, а прашање е колку е реално ветувањето на опозицијата, во услови кога економското опкружување сè уште е во матна, а не во бистра вода. Пред сè, поради состојбите кај нашиот најголем трговски партнер Германија, ниската продуктивност на нашето стопанство и тенките опции за идно задолжување на државата.
И на крај, централното прашање. Од каде пари за сево ова? Владата сè потешко го финансира буџетскиот дефицит, односно новите задолжувања и сè почесто се надева на пари за буџетска поддршка од ММФ и од ЕУ. Можеби овие две организации, поради тековни политички потреби, како промена на Уставот и внесување на Бугарите во него, накратко ќе замижат на строгите критериуми што треба да се исполнат за да се добијат овие пари, но на среден рок ќе го постават прашањето за одржливост на вакви мерки и ќе пратат порака дека ќе треба да се прави рез, читајте на пари за пензии. Затоа, сите политичари би требало покроце околу бројките, пред сè власта, која има реални инструменти за распределба на парите, додека опозицијата може само да ветува. Реално, ако не се стави цигла на кочницата што ќе го запре трошењето од буџетот, по изборите може да очекуваме сериозни финансиски предизвици.
П.С. Пензионерите се добра мета за додворување од политичарите, бидејќи сакаат да гласаат, а 340.000 не е мала бројка.
*Текстов е напишан пред да се знае одлуката за датумите за изборите.