
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Македонските компании се подготвуваат за темелна промена во начинот на издавање и примање фактури. Според нацрт-предлогот објавен на ЕНЕР, доброволната примена на електронското фактурирање треба да започне на 1 октомври 2026 година, додека од 1 април 2027 година системот постепено ќе станува задолжителен.
Најголем предизвик реформата може да претставува за малите бизниси. Од вкупно 73.310 активни претпријатија во Македонија во 2024 година, дури 59.351, или 81 процент, имале од еден до девет вработени. Само 235 компании располагале со 250 или повеќе вработени.
Малите фирми најчесто немаат посебни финансиски, сметководствени и информатички оддели. Административните обврски ги извршува сопственикот или надворешно сметководствено биро, поради што приспособувањето кон новиот систем може да бара дополнително време, обука и трошоци. Поголемите компании, пак, располагаат со повеќе човечки и технички ресурси за спроведување на промената.
Управата за јавни приходи веќе овозможи тестирање преку веб-апликација наменета за компании со различен степен на техничка подготвеност. Во организираното тестирање биле вклучени околу 200 компании. Во февруари биле пријавени 148 компании, од кои 57 се регистрирале во системот. Петнаесет компании активно го користеле и креирале 1.115 е-фактури, од кои 396 биле успешно верификувани.
Според нацрт-предлогот, од 1 април 2027 година задолжителното издавање и примање е-фактури треба да ги опфати даночните обврзници регистрирани за ДДВ, јавните претпријатија и определени друштва во државна и општинска сопственост.
Од 1 јули истата година системот треба да се прошири и на правните лица што вршат стопанска дејност, но не се регистрирани за ДДВ. Дополнителни фази се предвидени за октомври 2027 година и за јануари 2028 година. Сепак, роковите сè уште не се конечни и ќе зависат од исходот на законодавната постапка.
Промената особено ќе се почувствува во трговијата. Од сите активни претпријатија, 21.373 работеле во трговијата на големо и мало и во поправката на моторни возила, што претставува 29,2 проценти од вкупниот број компании.
Во подготовките е вклучен и јавниот сектор. УЈП и ЗЕЛС на почетокот на август организирале обука за 80 претставници на општините и јавните претпријатија, на која биле претставени функционирањето и начинот на користење на системот.
Електронското фактурирање е дел и од мерките за намалување на сивата економија. Министерството за финансии претходно посочи дека проценките на Светската банка, ММФ и Европската комисија го утврдуваат нејзиниот обем на околу 30 проценти од бруто-домашниот производ.
Од новиот систем се очекуваат поточни податоци за трансакциите, подобра даночна контрола и поефикасна наплата на приходите.
За компаниите, подготовките треба да започнат пред воведувањето на задолжителната примена. Тие ќе треба да утврдат како ќе се поврзат со системот, кој ќе биде одговорен за електронските фактури и како ќе ја организираат соработката со сметководителите.
Успехот на реформата во голема мера ќе зависи од тоа дали е-фактурата ќе биде доволно едноставна, достапна и финансиски прифатлива за најмалите бизниси, кои сочинуваат најголем дел од македонската економија.