
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Состанокот почна точно на време. Прво ги поминавме бројките и видовме што расте, што стагнира, каде заостануваме. Потоа дојдоа предлозите: што да се промени, што да се засили, каде има простор за подобрување. Секој додаде нешто, дискусијата беше активна и конструктивна. Состанокот заврши коректно, со неколку договорени чекори, но без јасно чувство дека нешто навистина се придвижи.
Пишува: Билјана Гонева, менаџер за продажба за Нестле Македонија
Веројатно на повеќето им е познато ова чувство.
Во многу ситуации, плановите се солидни, анализите детални, а резултатите сепак изостануваат. Првата реакција најчесто е иста, да се вратиш чекор назад и да провериш што не било добро поставено. Дали стратегијата треба да се доработи, дали KPI-ите не се доволно прецизни, дали насоките не биле доволно јасни.
И често таму бараме одговори.
Но, со тек на време, станува јасно дека проблемот не секогаш е во планот.
Во пракса, идеи речиси секогаш има. Податоците секогаш се спремни. Она што почесто недостасува е нешто што не се гледа веднаш, а тоа е начинот на кој луѓето соработуваат околу тие идеи.
Помеѓу стратегијата и резултатот секогаш стојат луѓето. И токму во тој простор често се губи или менува динамиката.
Често има формална согласност, но без вистинска усогласеност. Одлуките се донесени, но не се целосно прифатени. Состанокот завршува со заклучок, а сепак нема јасно чувство дека сите се движат во иста насока.
На површина сѐ изгледа во ред. Под површината – не секогаш.
Ова не е нешто што лесно се мери или се гледа во извештај. Но се чувствува. Во одложени активности. Во половично спроведени договори. Во повторно отворање на теми за кои мислевме дека се затворени.
Сум била дел од вакви ситуации. И од едната и од другата страна. Имало моменти кога сум била убедена дека планот е добар и дека само треба доследно да се истера. А имало и моменти кога, и покрај добар план, било очигледно дека нешто во комуникацијата не функционира како што треба.
Со тек на време, станува појасно дека добрата стратегија е само почеток. Она што прави разлика е како луѓето работат заедно околу неа. Понекогаш тоа се мали работи: како се поставува прашање, дали навистина се слуша одговорот, дали договореното се доживува како заедничка одлука или само како формалност, и дали луѓето се чувствуваат како дел од процесот.
Да се слушне, не само да се одговори.
Да се преземе одговорност, не само да се согласи.
Да се изгради доверба, а не само да се одржи коректност.
Кога овие работи недостасуваат, и најдобрите планови остануваат само планови.
И не, ова не се работи што се решаваат со уште една анализа или уште еден слајд. Тоа е процес. Понекогаш и побавен отколку што би сакале, но суштински за тоа дали нешто навистина ќе се помести.
Неопходно е вниманието малку повеќе да се помести од самата стратегија кон просторот во кој таа се реализира. Бидејќи токму таму се одлучува дали нешто ќе остане добро напишано или ќе стане реален резултат.
Можеби затоа, не е доволно стратегијата да биде добра. Таа треба да биде доволно јасна за да се претвори во конкретни резултати, доволно практична за да стане активност и доволно жива за да се следи. Само тогаш почнува да прави вистинска разлика.