.webp&w=1920&q=100)
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Пишува, Драган Иванов, FMCG-професионалец
Во услови на изразена глобална неизвесност, поттикната од геополитичките случувања поврзани со Иран, Израел и САД, економските текови се под силен притисок. Растот на трошоците за енергенси, транспорт и суровини создава средина во која сите учесници во синџирот – од производители, преку дистрибутери, до трговци – функционираат со зголемен ризик и намалена предвидливост.
Во таков контекст, реакциите на економските политики мора да бидат внимателно калибрирани, со јасно разбирање на пошироките ефекти врз пазарната динамика. Ограничувањето на трговските маржи е мерка што има за цел краткорочно олеснување за потрошувачите. Но, од аспект на пазарната логика, таа отвора неколку суштински прашања поврзани со одржливоста на бизнисите и фискалната стабилност.
Овој личен став не претставува политичка позиција, туку анализа базирана на економски принципи. Маржата не е исклучиво профитна категорија. Таа претставува основа за покривање на оперативните трошоци: логистика, складирање, човечки ресурси, финансиски ризици и инвестиции во развој. Со нејзино административно ограничување, се намалува економскиот стимул за зголемување на обемот на работа. Како резултат на тоа, може да се очекува намалување на вкупните промети во трговијата. Намален промет значи и пониска даночна основа, што директно се рефлектира врз буџетските приходи. Со други зборови, државата ризикува индиректно да се доведе во ситуација самата да ги намалува сопствените приливи.
Во услови кога јавните финансии треба да обезбедат стабилност и поддршка за економијата, вакви ефекти заслужуваат сериозно внимание. Државата ни е потребна силна и стабилна – со предвидливи и одржливи приходи, а не изложена на дополнителни фискални притисоци.
Дополнително, важно е да се нагласи дека ваквите мерки имаат ограничен домет во справување со корените на инфлаторните притисоци. Тие се во најголем дел резултат на глобални фактори, врз кои поединечни економии имаат минимално влијание. Реално, ниту една земја – а особено помала економија – не може самостојно да го промени правецот на тие трендови. Оттука, фокусот треба да биде насочен кон адаптација, а не кон административна контрола.
Во целиот овој процес, одговорноста не е само на институциите. Потребен е зрел пристап и од сите општествени чинители. Токму тука, за жал, често изостанува неопходната одговорност.
Наместо конструктивен придонес, сведоци сме на изразен дневнополитички популизам, каде што економски чувствителни мерки се користат како алатка за краткорочно прибирање поени. Таквиот пристап, особено кога се работи за „on-going“ мерки со директно влијание врз пазарот, не само што не помага – туку дополнително ја поткопува довербата и создава притисок врз институциите.
Ова не е момент за политичко позиционирање, туку за економска зрелост. Во момент на сериозна светска криза, нема партизација... сите сме во служба на државата. Даваме предлози кои ќе олеснат состојби и помагаме со сите расположливи капацитети. Доколку немаме такви, најдобро е да се дистанцираме и да не правиме штета со притисоци кои ни го атакуваат буџетот.
Економските политики што влијаат врз промените, ликвидноста и буџетските приходи мора да бидат предмет на сериозна анализа, а не на јавен натпревар во популистички наративи. Во спротивно, ризикуваме да ја ослабнеме токму таа државна стабилност која во вакви услови ни е најпотребна.
Во услови на глобална криза, и граѓаните имаат значајна улога. Светска рецесија е на сцена. Приспособувањето на потрошувачките навики, рационализацијата и разбирањето на економската реалност се дел од процесот на колективна стабилизација. На долг рок, одржливоста ќе зависи од способноста да се задржи рамнотежата меѓу заштитата на стандардот и одржувањето на функционален пазар. Затоа, наместо мерки што краткорочно изгледаат атрактивно и ја слабеат државата, потребни се политики што ќе обезбедат стабилност, предвидливост и доверба – клучни предуслови за здрав економски систем. Интелектуалната и стручна фела е на потег, потребна е обединета и фокусирана.